Мицкоски верува дека ќе има мнозинство–Ковачевски обвинува дека така ќе се загрози ЕУ иднината

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски верува дека неговата партија е блиску до мнозинство во Парламентот и не би се изненадил ако освои 61 пратеник.

Во изјава за медиумите по завршување на литургијата во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ Мицкоски изрази уверување дека во среда тие ќе слават двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, без да даде конкретен одговор што би било неуспех за партијата на двојните избори.

-На сите им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори е блиску до мнозинство во парламентот. Не би се изненадил ако имаме 61 пратеник. За мене неуспехот не е неуспех. За мене е успех пред се она што се случи во првиот круг. Верувам дека во среда ќе имаме убедлива двојна победа, Гордана Силјановска Давкова ќе биде идниот претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат 61 пратеник, изјави Мицкоски.

Неговиот политички ривал, лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, од синоќешниот митинг во Македонски Брод порача дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјаноска ја добијат власта, европската иднина на државата ќе биде загрозена, а земјата изолирана. Ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

-Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница. Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност, порача Ковачевски.

Двојните избори ќе се одржат во среда. Ден претходно, е изборен молк, а изборната кампања завршува в понеделник на полноќ.

Хасани:Руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста во Европа

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.

Хасани на меѓународната конференција „Ленарт Мери“ (Lennart Meri) во главниот град на Естонија, Талин изјавил дека „Албанија продолжува со својата јасна и цврста позиција во одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, во согласност со ставот на ЕУ, НАТО и САД".

-Албанија активно ги поддржува напорите и преземените иницијативи за да се обезбеди целосна одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени во Украина. Застанувајќи покрај Украина, Албанија ја поддржува политички, економски и воено, до постигнување праведен и стабилен мир, нагласил тој, јави АТА.

Прашан за улогата на Русија во светската безбедност, министерот Хасани, рекол дека „единствениот победник во овие турбулентни времиња е НАТО, сојузот на вредности и нации кои го сакаат мирот и ги почитуваат правата на народите".

Министерот Хасани остварил средби со премиерката Каја Калас, неговиот естонски колега Маргус Цахкна и шефот на Комисијата за надворешна политика во естонскиот парламент, Марко Михкелсон на кои изразил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за процесот на интеграција на Албанија и Балканот во ЕУ./МИА

Фоден: Горд сум на наградата фудбалер на сезоната во Премиер лигата

Фудбалерот од средниот ред на Манчестер сити, Фил Фоден ги искажа впечатоците по добивањето на наградата за најдобар играч во сезоната 2023/24 во англискиот шампионат.

- Добивањето на оваа награда е достигнување на кое сум исклучително горд. Англиската Премиер лига е препознаена како најдобра лига во светот и среќен сум што сум номиниран заедно со многу други одлични играчи кои имаа посебни сезони во своите клубови. Би сакал да му се заблагодарам на целиот персонал на Сити, тренерите и особено на моите соиграчи, бидејќи без нив тоа немаше да биде возможно, изјави Фоден на официјалната веб-страница на „Граѓаните“.

Оваа сезона во Премиер лигата, 23-годишниот играч од средниот ред одигра 34 натпревари, постигнувајќи 17 гола и постигна осум асистенции.

Трансфермаркт го проценува Фоден на 130 милиони евра.

Договорот на играчот со Манчестер сити е до летото 2027 година. /МИА

Чави за Барселона: Среќен сум затоа што сум во најдобриот клуб во светот

 Тренерот на Барселона, Чави проговори за расположението во кое работи во Барселона.

Претходно беше објавено дека претседателот на каталонскиот клуб Жоан Лапорта решил да ја прекине соработката со тренерот на крајот од сезоната.

- Среќен сум затоа што сум во најдобриот клуб во светот. Критиката ме тера да се подобрам. Ништо не се менува кај мене. Нестрплив сум да покажам дека можеме да продолжиме да бидеме конкурентни. Оваа сезона не беше успешна за нас, но убеден сум дека во иднина се може да излезе добро, изјави Чави.

Барселона утревечер од 19 часот го пречекува Рајо Ваљекано.

На две кола до крајот на сезоната во шпанската Ла Лига, Барселона се наоѓа на второто место со 79 бода, далеку зад лидерот Реал Мадрид кој има 93./МИА

притисни ентер