Лансирањето на вселенско летало со екипаж во орбитата нема да се случи пред 2026 година, најави д-р Сридхара Соманат, претседател на Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО).
Причините за ова се предизвиците за развој на домашната технологија, како и грижата за благосостојбата на астронаутите, според Space.com.
- Во програмата Гаганјан има многу сложени системи. Секој од нив го развиваме низ систематски процес. Не сакам да ни се случи истото како со Боинг Старлајнер, затоа мораме да бидеме многу внимателни - изјави Соманат на новинарите.
Боинг Старлајнер беше испратен до Меѓународната вселенска станица (ISS), каде што ги испорача Бери Вилмор и Сунита Вилијамс во јуни. Сепак, поради проблеми со погонувачите и опасност за екипажот, НАСА одлучи да не ги враќа астронаутите на Земјата со ова летало, туку да останат на МСС повеќе од 6 месеци наместо 7 дена.
Според плановите, Индија треба да испрати еден или двајца астронаути на надморска височина од околу 400 километри. Ако биде успешна во ова, ќе стане третата земја во светот која успеала самостојно да испрати луѓе во вселената. Досега во тоа успеале само САД, Русија и Кина.
Во последните месеци, ISRO се подготвува за пробни летови кои само би ја тестирале технологијата. Во првиот од нив, во леталото треба да биде и хуманоидниот робот Vyomitra, што на санскрит значи „вселенски пријател“.
Минатата година, ИСРО постигна голем успех кога стана четвртата земја што слета вселенско летало на Месечината во регионот на јужниот пол.