Трагедија го потресе неготинското село Црвени Брегови, каде беа пронајдени беживотни тела на еден малолетник и на две лица на возраст од 71 и 66 години. Телата биле пронајдени вчера попладнето во мала куќа во селото која се користела како импровизиран верски објект. Од ОЈО Кавадарци соопштија дека при првичниот преглед на лицата не се констатирани траги на насилство, а оттаму издадена е и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле во објектот ..Од СРВ Велес информираат дека телата на починатите се дадени на обдукција.
„На 08.12.2024 година во 16:35 часот во ОВР Неготино било пријавено дека во куќа во с.Црвени Брегови Неготинско биле пронајдени починати Ј.Ј (71) од Битола, Ф.Е (66) од Ресен и малолетник од с.Црвени Брегови. Лекар од Итна медицинска помош Неготино констатирал смрт. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција. “
Според директорот на Клиниката за токсикологија Андон Чибишев ретко се случува трагедија со смртни последици да настане од плин. Можно сценарио, според него, е труење заради зголемена концентрација на јаглероден моноксид во воздухот, предизвикано од некаков извор во просторијата кој го трошел кислородот..Сепак тој вели она што со сигурност ќе покаже што се случило е обдукцијата.
„Сега се што зборуваме може да се протолкува како шпекулација, додека не заврши истрагата, обдукцијата со која што ќе се утврди точната причина, меѓутоа повеќе стои можноста дека е труење со јаглероден моноксид.. Плинот многу ретко може ваква трагедија да предизвика. Можно е да имало некој извор при кој што горел плин кој што го трошел кислородот во просторијата каде што престојувале за жал тројцата настрадани. Најчесто ваква смрт настапува заради зголемена концентрација на јаглероден моноксид кој е гас без мирис и кој што убива без предупредување.. “
Од СВР Велес соопштија и дека увид на лице место извршиле екипи од ОЈО Кавадарци и од неготинската полиција и дека истрагата за целосно расчистување на случајот, односно дали станува збор за задушување или други околности кој довеле до трагедијата е во тек.