ДУИ ја манипулира јавноста со наводна заштита на албанскиот јазик, глумат спасители на Законот за јазици, но единствената цел им е да создадат меѓуетнички тензии- вака коалицијата Вреди го оценува протестирањето на опозиционерите пред Уставниот суд. На состанок на кој беа присутни лидерите на четирите партии и министрите од редовите на коалицијата, констатирале дека ДУИ е неподобна партија кога се работи за интересите на Албанците, особено за прашањето за Законот за употреба на јазиците, за кој велат дека од почеток е со аномалии токму по вина на ДУИ. Ставовите во нивно име ги пренесе пратеничката Саранда Имери..
„ Партијата која има поединци на црни листи не може да тврди дека ја брани албанската кауза, едно со друго не оди. Тие го испратија законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни членови. Откако сфатија дека ќе бидат во опозиција преку инсталациите во Уставниот суд сакаат да предизвикаат меѓуетнички тензии за да избегнат одговорност за нивните корумпирани поранешни функционери. И сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик. “
И ВМРО-ДПМНЕ го делат истиот став, дека ДУИ прави дефокус од одговорност поради сторен криминал од позиција на власт. Се работи за политички маневар, но владата нема да дозволи никаква опасност по мирот, велат од владејачката партија.
„ ДУИ 20 години бира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата. Наместо да седат на ладно, подобро ќе биде да се реформираат како партија, зошто бргу од денес доаѓаат локални избори, да не им се случи уште поголемо изненадување.
Вчера и премиерот Мицкоски изјави дека со стратешките партнери се во постојана комуникација и разменуваат информации за актуелните случувања. Тој уверува дека нема да се дозволи дестабилизација на државата и затоа граѓаните не треба да се грижат.