Награда од 10.000 евра во кеш: Започнува најголемиот математички натпревар за средношколци

Ова е клучниот предизвик на „UltiMATH“ кој ќе прерасне во годишен натпревар организиран од факултетот „Brainster Next“ и NU College – Првиот колеџ за средношколци во Македонија.

За средношколците што сакаат да се натпреваруваат и да ги поместуваат границите на своето знаење, како и за оние што ги бива за математика, но немаат каде да го докажат својот потенцијал: започнa квалификациската рунда за UltiMATH – најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија.

Ова е клучниот предизвик на „UltiMATH“ кој ќе прерасне во годишен натпревар организиран од факултетот „Brainster Next“ и NU College – Првиот колеџ за средношколци во Македонија. Покрај мерењето на знаењето на средношколците, „UltiMATH” е привлечен и поради наградата од 10 илјади евра во кеш како и 100% стипендија што целосно ќе го покрие студирањето на „Brainster Next“ факултетот за најдобриот математичар.

Како што објаснуваат организаторите, идејата зад натпреварот е да ги инспирира младите да градат кариера во математика, наука и технологија. Привлечните награди, пак, се само дополнителен мотив за средношколците кои треба да ги поттикнат да размислуваат и да посакуваат повеќе.

„Нашата цел и практично мисија за организација на овој натпревар е да покажеме дека математиката и науката се области кои се високо ценети и можат да донесат сериозна заработка во иднина. Треба сите да бидеме свесни дека со оглед на технолошки развиеното време во коешто живееме природните науки и ИТ вештините се неопходност, а перцепцијата меѓу младите се менува и станува сè повеќе кул да се докажуваш со знаење и да истражуваш нови можности за напредок“, вели Петар Ниновски, основач на образовниот центар Бреинстер и на NU Колеџот за средношколци.

Право на учество на „UltiMATH“ имаат сите редовни ученици во јавните или приватните средни училишта од прва до четврта година. Пријавувањето за „UltiMATH“ е бесплатно и се одвива онлајн на веб-страницата ultimath.mk каде што средношколците го тестираат своето знаење во првата квалификациска рунда која е отворена сè до 26-ти ноември. Организаторите очекуваат силна конкуренција и одмерување на знаењето на над 4.000 средношколци од сите средни училишта во Македонија уште во квалификациите. Онлајн предизвикот се состои од три типа задачи, а најдобрите 350 средношколци продолжуваат во следните четири последователни рунди кои ќе се одвиваат во живо во Ист Гејт Мол на 30 ноември и на 1 декември.

Овие елиминациони рунди ќе ги водат најуспешните натпреварувачи низ неколку фази и формати на тестирања, при што ќе се соочат со различни нивоа на тежина на математички и логички проблеми. Најдобриот математичар, кој ќе триумфира низ сите предизвици, ќе ја освои наградата од 10.000 евра во кеш и 100% стипендија на Next факултетот.

Организаторите најавуваат професионален натпревар, подготвен од искусни математичари, кој ќе ги тестира напредните математички знаења на средношколците.

Покрај мерењето на знаењето, натпреварот нуди одлична можност за учење, дружење и забава за сите средношколци од Македонија.

Сите заинтересирани средношколци што ги исполнуваат условите може да се пријават и да добијат повеќе информации на веб-страницата на „UltiMATH“.

Натпреварот е поддржан од голем број средни училишта во Македонија, но и компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP, iBorn, The Beetles, Urban FM, МОФ - Младински образовен форум и други.

Главниот обвинител на Јужна Кореја издаде наредба, осрамотениот претседател мора да ја послуша

Главниот обвинител на јужнокорејската истражна канцеларија за корупција издаде забрана за патување на претседателот Џун Сук Јеол, кој е под истрага откако минатата недела ненадејно воведе вонредна состојба среде ноќ.

Забрана за патување е издадена и за неколку високи функционери од неговата администрација, објави Би-Би-Си.

Десетици илјади граѓани протестираа по воведувањето на вонредната состојба, одлука која беше во сила неколку часа пред да биде повлечена. Демонстрантите бараа оставка или импичмент на претседателот.

Сепак, гласањето за импичмент не успеа во саботата, а владејачката партија ППП соопшти дека лидерот на партијата Хан Донг Хун и премиерот Хан Дук Су ќе го преземат раководството на земјата додека претседателот не се повлече.

„Претседателот повеќе нема да учествува во државните работи, вклучително и во дипломатијата, пред неговата оставка“, рече Хан Донг Хун.

Опозициската Демократска партија го осуди тој план како незаконско и неуставно второ востание и државен удар. Водачот на Демократската партија Парк Чан-дае рече дека никој не ѝ дал на владејачката партија овластување да ги преземе претседателските овластувања.

Опозицијата вети дека ќе одржува гласање за импичмент секоја недела додека не успее смената на претседателот. Сепак, многу граѓани на социјалните мрежи изразуваат загриженост поради недостигот на јасност околу тоа кој ја води државата.

Министерството за национална одбрана потврди дека претседателот Џун Сук-јеол сè уште има контрола над вооружените сили, што значи дека може да донесе клучни одлуки во случај на надворешнополитички кризи, вклучително и потенцијални закани од Северна Кореја.

„Претседателот може да се врати на местото шеф на државата во секое време доколку се предомисли“, рече професорот по политички науки Шин Јул.

Во своето прво јавно обраќање по прогласувањето на вонредната состојба, претседателот во саботата се извини за, како што рече, загриженоста и непријатностите што ги предизвикал и вети дека повеќе нема да воведува слични мерки.

Тејлор Свифт ја заврши својата турнеја- одржа 149 концерти и заработи над 2 милијарди долари

Тејлор Свифт ја заврши својата, во многу аспекти, турнејата Ерас со рекорди во Ванкувер, Канада, зацврстувајќи го нејзиниот статус на меѓународна музичка мегаѕвезда.

Нејзината светска турнеја, најпрофитабилната во историјата, започна во март 2023 година во Аризона, по што Свифт посети педесет градови, од Буенос Аирес и Токио до Сингапур, одржувајќи вкупно 149 концерти.

Опкружувањето на американската поп-ѕвезда не ја откри висината на приходите од продажбата на билети за концерти, но специјализираниот магазин Полстар ја проценува на повеќе од две милијарди долари, што е многу повеќе од 939 милиони долари што ги заработил Елтон Џон како дел од неговата проштална турнеја по пет години и 328 настапи. Неговата турнеја беше прекината поради пандемијата на коронавирус.

Заедно со заработката од продажба на билети, турнејата Ерас значително економски придонесе за сите градови каде што се одржуваа концертите.

Во Торонто, претпоследната станица на турнејата со шест концерти, локалната канцеларија за туризам процени дека присуството на американската пејачка донело околу 282 милиони канадски долари, или околу 199 милиони американски долари, на економски најголемиот канадски град.

Турнејата на Тејлор Свифт предизвика интерес што ретко се гледа во споредба со другите музичари. Во Париз во мај, два дена пред концертот, обожавателите кампуваа во близина на салата во која настапуваше, надевајќи се дека ќе бидат што поблиску до неа.

На концертот во Единбург во јуни, фановите толку многу ја тресеа земјата што Агенцијата за следење на земјотреси на Обединетото Кралство (BGS) забележа сеизмичка активност измерена до шест километри околу стадионот каде што настапуваше Свифт.

Потемната страна на турнејата е што во август беа откажани три концерти во Виена поради дојава за самоубиствен исламистички напад. Покрај обожавателите, изведбите на Тејлор Свифт ги воодушевија и критичарите, кои ја пофалија нејзината енергија и издржливост на сцената за време на настапите кои во просек траеја три и пол часа.

Пејачката беше прогласена за личност на 2023 година од магазинот Тајм, а во 2024 година, за време на американските претседателски избори, се приклучи на политичката арена. Нејзината поддршка за демократската кандидатка Камала Харис го налути Доналд Трамп, кој изјави дека ја „мрази“.

И покрај многу напорниот распоред на концерти, американската пејачка често можеше да се види на игрите на нејзиното момче, познатиот американски фудбалер Тревис Келче. Таа привлече посебно внимание на најважниот натпревар, Супербоул, големото финале на американското првенство.

На 10 февруари, по концертот во Токио, ѕвездата скокнала во авион за да присуствува на тој натпревар, а следниот ден била во Лас Вегас, оддалечен 9.000 километри.

Американски новинар, заробен во 2012 е уште жив- Бајден вети дека ќе биде ослободен

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД ќе се обидат да го ослободат еден од најдолго држените американски заложници по ненадејниот пад на сириската влада и режимот на Башар ал Асад.

Говорејќи во Белата куќа, Бајден рече дека САД веруваат дека Остин Тајс се уште е жив, но дека неговата локација во земјата разурната од војната треба прецизно да се утврди, пренесе Би-Би-Си.

Остин Тајс, слободен новинар, бил уапсен во близина на Дамаск на 14 август 2012 година додека известувал за сириската граѓанска војна. Во неделата, бунтовничките борци го зазедоа сирискиот главен град, што беше кулминација на молскавична офанзива започната пред две недели.

Сирискиот претседател Башар ал Асад избега од земјата и подоцна беше потврдено дека со семејството добил азил во Русија.

Американскиот претседател Бајден рече дека заминувањето на Асад е „фундаментален чин на правдата“ по децениска репресија, но и „момент на ризик и неизвесност“ за Блискиот Исток.

„Свесни сме дека има Американци во Сирија. Вклучувајќи ги и оние што живеат таму, како и Остин Тајс, кој беше заробен пред повеќе од 12 години“, рече Бајден и продолжи:

„Решени сме да го вратиме кај неговото семејство.

На излегување од собата, Бајден одговори на прашање од медиумите за Тајс.

„Веруваме дека е жив. Мислиме дека можеме да го вратиме, но сè уште немаме директни докази за тоа. Треба да утврдиме каде се наоѓа.“

Остин Тајс, кој сега има 43 години, последен пат бил виден со врзани очи на видеото, кое било објавено на интернет неколку недели по неговото апсење.

Иако ниту една влада или група не ја презеде одговорноста за неговото исчезнување, американските власти набрзо изјавија дека веруваат дека сириската влада го држи како заложник. Неговата сестра Абигејл Едабурн рече дека веруваат дека тој се уште е во Сирија.

„Не ги знаеме точните околности каде се наоѓа, но знаеме дека е во Сирија и дека е здрав“, рече таа и додаде:

„Не знам колку можам да кажам, но има независни, сигурни извори кои можеа да ја потврдат оваа информација.“

ФБИ во неделата соопшти дека сè уште нуди награда од 1 милион долари за информации што ќе доведат до „безбедна локација, спасување и враќање“ на Тајс. САД во моментов имаат околу 900 војници во Сирија, а Бајден во неделата рече дека планира да ги задржи тие сили во земјата.

Претседателот, исто така, рече дека американските сили извршиле „десетици“ таканаречени „прецизни воздушни напади“ во неделата против камповите и операциите на Исламската држава во источна Сирија.

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изјави во саботата дека САД не треба воено да интервенираат во Сирија.

„Ова не е наша борба“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Сириската опозиција која го собори Асад е предводена од групата поврзана со Ал Каеда Хајат Тахрир ал-Шам, која администрацијата на Бајден ја означи како терористичка група.

притисни ентер