Народна банка: Економскиот раст 2,3 отсто, инфлацијата 3,5 проценти

Забавување на инфлацијата и послаб раст на домашната економија за оваа и за следната година во споредба со априлските согледувања, предвидува Народната банка.

Според есенските макроекономски проекции, за оваа година економскиот раст е проектиран на 2,3 отсто, а за наредната на 3,3 проценти. На среден рок, оцените за растот се непроменети. Во периодот 2026 ‒ 2027 година се очекува натамошно забрзување на растот, согласно очекувањата за поповолен надворешен амбиент и засилени инвестициски активности поврзани со подолгорочниот карактер на јавниот инфраструктурен циклус. Ризиците за растот и натаму се нагласени и претежно надолни.

Како што соопшти денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, најновите оценки го потврдуваат априлското согледување за просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто во 2024 година, иако во последниот квартал се очекуваат одредени нагорни поместувања. За следната година се очекува стапка на инфлација од 2,5 процени што е мала нагорна ревизија во однос на април. На среден рок (2026 ‒ 2027) се очекува стабилизирање на нивото на околу 2 отсто при очекувано исцрпување на ефектите од надворешните ценовни шокови, закотвени инфлациски очекувања и отсуство на позначителни притисоци преку каналот на домашната побарувачка. Како ризици и натаму се сметаат цените на примарните производи, коишто се под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори, како и домашните политики со кои се влијае врз агрегатната побарувачка во домашната економија.

-И натаму се очекува поволна и претежно стабилна надворешна позиција на економијата на среден рок. По суфицитот остварен во претходната година (0,4 отсто), оваа година се проценува умерен дефицит во тековната сметка од 2,1 процент од БДП, при стабилизирање на салдото во размената со стоки и услуги, како и нормализација на приватните трансфери, по високите нивоа достигнати во 2023 година. За преостанатиот период на проекцијата, 2025 ‒ 2027 година, е проектиран дефицит на тековните трансакции во просек од 2,2 отсто од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи во финансиската сметка, поддржани од директните инвестиции и задолжувањето на државата, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се задржат на ниво што е соодветно за задржување на стабилноста на домашната валута, истакна гувернерката, презентирајќи го најновиот квартален извештај во кој, рече, макроекономската слика за македонската економија не е значително променета во споредба со априлските проекции.

Според Ангеловска-Бежоска, банкарскиот систем и натаму ќе обезбедува солидна кредитна поддршка. До крајот на годинава се очекува кредитниот раст да биде стабилен и да изнесува 7,5 отсто.

- Се очекува раст и на среден рок, но малку поумерен и со просечна стапка од 7,2 отсто за периодот 2025 ‒ 2027 година, во услови на солидна капитална и ликвидноса позиција на банките. Кредитниот раст, како и досега, ќе биде поддржан од растот на депозитите, како главен извор на финансирање. На крајот на 2024 година, се очекува солиден годишен раст на депозитите од 7,9 проценти, а на среден рок за периодот од 2025 до 2027 година од околу 7,7 отсто, во просек, рече гувернерката.

Во согласност со закрепнувањето на светската економија и странската побарувачка, и натаму се очекува постепено забрзување на растот и на македонската економија.

-Во услови на значително забавување на домашната инфлација и поволен девизен пазар, но кога сѐ уште постојат ризици, Народната банка почна со претпазливо нормализирање на монетарната политика. Народната банка внимателно, на дневна основа, ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците коишто сѐ уште постојат и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност, заклучи Ангеловска-Бежоска.

На сириската амбасада во Москва е поставено ново знаме: Сиријците слават и во Москва

Знамето на сириските бунтовници денеска е подигнато на зградата на амбасадата на земјата во Москва, откако бунтовничките сили ја презедоа контролата врз Дамаск во текот на викендот.

Русија, еден од најверните сојузници на Сирија, му даде засолниште на диктаторот Башар ал Асад, кој вчера брзо побегна во земјата по падот на неговиот режим, потврдија извори.

Руските безбедносни служби во амбасадата изјавија за Си-Ен-Ен дека амбасадата се уште функционира.

По падот на режимот на Асад, Сиријците излегоа на улиците на главниот град Дамаск да прослават. Опозициските борци продефилираа на тенкови и пукаа на прославата додека граѓаните навиваа и покажуваа знаци за мир, што означи изненадувачки пресврт за земјата која трпи брутална граѓанска војна од 2011 година.

Вреди: ДУИ го има изгласано Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила закони

Не поминуваат триковите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа. 

Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача денеска Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди, по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот.

– Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик, рече Имери – Стафаи.

На средбата, додаде, опширно било разговарано за последните случувања поврзани со опозициската ДУИ, која вчера започна иницијатива за одбрана на јазикот со деноноќно присуство пред Уставниот суд, сѐ до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

- На средбата опширно се разговараше за последните настани и реториката на поделби од страна на опозицијата, која наводно под име на заштита на албанскиот јазик се обидува да манипулира со јавното мислење, со сценарија на Никола Груевски од пред 8 години со шаторите пред ДИК. Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон. Корупцијата од 20 години има своја сметка, тоа ви го одзема секое чувство за одговорност и ве прави неподобен за одбрана на националните вредности, порача Имери – Стафаи.

Пред Уставниот суд вчера се собраа активисти на опозициската ДУИ, кои, како што потврди за МИА потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, деноноќно ќе останат таму до одржување на седницата на 11 декември.

СВР Охрид со кривични пријави за дрвокрадци, крадел и референт во „Национални шуми“

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.С.(44) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „фалсификување исправа“. 

Во текот на 2021 година во својство на службено лице како референт по сеча и дотур во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Скопје, ШС Галичица – Охрид, пријавениот ги повредил законските прописи со пропуштање на должен надзор и несовесно постапувајќи во вршењето на своите овластувања. Тој го фалсификувал извештајот за прием на дрвна маса и го искористил како да е вистинска исправа.

На 08.12..2024 во 23.00 часот, при извршени контроли, полициските службеници од полициското одделение во кичевското село Осломеј, на локален пат во селото пронајдоа патничко возило „нисан“ без регистарски таблички, натоварено со огревно дабово дрво. Возилото со дрвната маса се одземени и предадени на Шумска полиција од Кичево за натамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против В.Р.(33) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи на безбедноста“. На 27.11.2024 на локален пат во кичевското село Осој, тој бил затекнат од патрола на Шумска полиција при нелегален транспорт на огревно дрво со возило „лада нива“. Притоа, тој не застанал на даден знак од овластените службеници на шумската полиција и со возилото удрил еден шумски полицаец, по што избегал. По преземени мерки, В.Р. бил пронајден и лишен од слобода, соопштија од СВР Охрид.

притисни ентер