Зидан отворен за преговори со Манчестер Јунајтед

„Црвените ѓаволи“ го забележаа најлошиот почеток на сезоната во Премиер лигата.

Легендарниот француски поранешен фудбалер и тренер на шпански Реал Мадрид, Зинедин Зидан ќе инсистира на конкретен трансфер во Манчестер Јунајтед доколку се постигне договор со англискиот клуб, со кој моментално е отворен за преговори, тврди football365.com.

Зинедин Зидан би сакал францускиот дефанзивец на Барселона, Жил Кунде, да биде првото ново засилување во Јунајтед доколку го преземе тимот. Според него, Кунде би имал фундаментална улога во зајакнувањето на одбраната на англискиот тим.

„Црвените ѓаволи“ го забележаа најлошиот почеток на сезоната во Премиер лигата, откако тимот на менаџерот Ерик тен Хаг собра само седум бода од можни 21 и примија пет гола во воведните седум кола.

Меѓу имињата кои се поврзуваат за потенцијални замени на холандскиот стручњак, покрај Зидан се и Масимилијано Алегри, Герет Саутгејт, Томас Тухел, Еди Хау и Томас Франк./МИА

Бајден ќе и се обрати на нацијата по убедливата победа на Трамп

 Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе и се обрати на нацијата по загубата на неговата кандидатка за претседател на Демократската партија Камала Харис на нејзиниот републикански противкандидат Доналд Трамп.

Бајден ќе зборува во 16:00 часот по Гринич.

Тој се повлече од претседателската трка по неговиот слаб настап во телевизиските дебати со Трамп, покренувајќи прашања за тоа дали тој сè уште е способен за функцијата. Потпретседателката Камала Харис го замени Бајден како кандидат на Демократската партија.

Харис и Бајден ветија дека ќе му помогнат на Трамп во транзицијата на власта до инаугурацијата на новоизбраниот претседател на 20 јануари следната година. Сепак, Харис рече дека не е подготвена да ја прифати визијата на Трамп за земјата.

Републиканците ја одземаа контролата на американскиот Сенат од демократите. Мнозинството гарантира дека Трамп ќе контролира барем еден дом на Конгресот следната година. Не е јасно дали републиканците ќе го задржат мнозинството во Претставничкиот дом на САД, а резултатите во десетици изборни единици се уште се непознати.

Макрон: Победата на Украина е во интерес на Европа

Победата на Украина во војната против Русија е во интерес на Европа, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од британски и француски медиуми.

-Во наш интерес е Русија да не победи, нагласи тој на состанокот на европските политички лидери во Будимпешта.

Европа не може вечно да се потпира на САД за да ја гарантира нејзината безбедност, додаде шефот на француската држава.

Награда од 10.000 евра во кеш: Започнува најголемиот математички натпревар за средношколци

Ова е клучниот предизвик на „UltiMATH“ кој ќе прерасне во годишен натпревар организиран од факултетот „Brainster Next“ и NU College – Првиот колеџ за средношколци во Македонија.

За средношколците што сакаат да се натпреваруваат и да ги поместуваат границите на своето знаење, како и за оние што ги бива за математика, но немаат каде да го докажат својот потенцијал: започнa квалификациската рунда за UltiMATH – најголемиот натпревар по математика за средношколци во Македонија.

Ова е клучниот предизвик на „UltiMATH“ кој ќе прерасне во годишен натпревар организиран од факултетот „Brainster Next“ и NU College – Првиот колеџ за средношколци во Македонија. Покрај мерењето на знаењето на средношколците, „UltiMATH” е привлечен и поради наградата од 10 илјади евра во кеш како и 100% стипендија што целосно ќе го покрие студирањето на „Brainster Next“ факултетот за најдобриот математичар.

Како што објаснуваат организаторите, идејата зад натпреварот е да ги инспирира младите да градат кариера во математика, наука и технологија. Привлечните награди, пак, се само дополнителен мотив за средношколците кои треба да ги поттикнат да размислуваат и да посакуваат повеќе.

„Нашата цел и практично мисија за организација на овој натпревар е да покажеме дека математиката и науката се области кои се високо ценети и можат да донесат сериозна заработка во иднина. Треба сите да бидеме свесни дека со оглед на технолошки развиеното време во коешто живееме природните науки и ИТ вештините се неопходност, а перцепцијата меѓу младите се менува и станува сè повеќе кул да се докажуваш со знаење и да истражуваш нови можности за напредок“, вели Петар Ниновски, основач на образовниот центар Бреинстер и на NU Колеџот за средношколци.

Право на учество на „UltiMATH“ имаат сите редовни ученици во јавните или приватните средни училишта од прва до четврта година. Пријавувањето за „UltiMATH“ е бесплатно и се одвива онлајн на веб-страницата ultimath.mk каде што средношколците го тестираат своето знаење во првата квалификациска рунда која е отворена сè до 26-ти ноември. Организаторите очекуваат силна конкуренција и одмерување на знаењето на над 4.000 средношколци од сите средни училишта во Македонија уште во квалификациите. Онлајн предизвикот се состои од три типа задачи, а најдобрите 350 средношколци продолжуваат во следните четири последователни рунди кои ќе се одвиваат во живо во Ист Гејт Мол на 30 ноември и на 1 декември.

Овие елиминациони рунди ќе ги водат најуспешните натпреварувачи низ неколку фази и формати на тестирања, при што ќе се соочат со различни нивоа на тежина на математички и логички проблеми. Најдобриот математичар, кој ќе триумфира низ сите предизвици, ќе ја освои наградата од 10.000 евра во кеш и 100% стипендија на Next факултетот.

Организаторите најавуваат професионален натпревар, подготвен од искусни математичари, кој ќе ги тестира напредните математички знаења на средношколците.

Покрај мерењето на знаењето, натпреварот нуди одлична можност за учење, дружење и забава за сите средношколци од Македонија.

Сите заинтересирани средношколци што ги исполнуваат условите може да се пријават и да добијат повеќе информации на веб-страницата на „UltiMATH“.

Натпреварот е поддржан од голем број средни училишта во Македонија, но и компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP, iBorn, The Beetles, Urban FM, МОФ - Младински образовен форум и други.

притисни ентер