( СТАВ ) Кој победи а кој изгуби на вчерашните претседателски избори, круг бр.1?

Вчера имавме прв круг на претседателски избори, а вистински победник беше нашата заедничка Македонија. Имаше и други поголеми и помали победници и губитници, а следниот текст е еден кус сублимат на настаните кои и претходеа на вчерашната вечер.

Победниците ја пишуваат историјата? Не … губитниците ја детерминираат историјата.

Еве една моја куса анализа:

1. Вчера победи Македонија, граѓаните кои особено изминативе 2 години доживуваа сериозни општествено-интелектуални понижувања од власта, особено од македонскиот партиципиент во истата, која дозволи бескрупулозно девалвирање и девастирање на сите претходни „придобивки“, особено Охридскиот рамковен договор. Зарем некој мислеше дека Македонецот ќе премине преку фактот дека имаме директорка на Токсикологија која наводно „не знаела“ да говори Македонски, зарем никој не ги слушна „тапаните на војната“ од 2001 год. кои повторни ни заѕвонија во ушите и тоа од устата на тогашниот „борец за човекови права“ Али Ахмети, кој пред само неколку дена скандираше УЧК пред толпа граѓани кои вееја знамиња на УЧК и Албанија?

Но овие два настани беа само последните шајки во „политичкиот ковчег“ на СДСМ.

Кој од СДСМ ја дозволи оваа општествена и морална девалвација? … одговорот е јасен.
Рекети, Рашковци, Соравии, Бехтели, пасоши и лични карти, Бугари во Устав, Онкологии, Токсикологии, Бокиња, Кикиња и Фрикиња, Дуизација, Албанизација, т.н. лажни анкети, и што уште не … реално, резултатот на Пендаровски и не е лош после сите овие моменти, тој само ја плати цената на Шилегов, но овојпат сметката беше побааги долга, а додаток му беше – купонче, но без попуст за 8ми мај. Прашањето е – дали ќе успее да биде викнат „да се јави на главна каса“ за две недели. Најважно, СДСМ имаше кампањски наратив кој им беше „свилениот конец“, а тоа е ЕУ. Дополнително, поделбата на Проруски и ПроЕУ политички субјекти и граѓани им се тресна од глава на СДСМ.
Неуспехот за почеток на преговори со ЕУ никако не може да се припише на сите други граѓани на Македонија а од ПР аспект – тоа беше најлошиот изборен наратив во последните 4-5 циклуси.
Зарем некој ќе се откаже од иднината, ќе се откаже утре да се разбуди жив и здрав и помалку среќен? Зарем некој можеше да поверува во ветувањата за подобра ЕУ иднина со овој институционален административен апарат кој се гуши во скандали и криминали?

2. ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Сиљановска се најголемите победници на вчерашниот прв круг претседателски избори со неверојатни 180.000 гласови предност!
Феноменот на т.н. „колатерален ќар“ ја доведе лидерот и партијата до вчерашната еуфорична победа која е базирана на огромен број „невмровски“ гласачи и на разочарани „комуњари“, интелектуалци, неопределени и незаинтересирани граѓани кои одлучно одговорија на сите аномалии опишани во точка 1.

Старечки мудро, Мицкоски ги остави политичките опоненти да тонат во сопствената коруптивна кал изминативе неколку години, суптилно контролирајќи ги огромниот број градоначалници, со цел нивните скандали да не бидат негативен наратив за владејачката СДСМ.

Но, не може и не смее да не му се одаде почит на Христијан Мицкоски за вкалкулираното политичко „хазардерство“ и интелектуална стаменост, кој во многу важни моменти одигра „all in“ кога политичарите од сите други таботи ги фрлаа картите на масата и се откажуваа. Тивко и трпеливо ја билдаше својата позиција која опонентите се обидуваа да му ја раздрмаат со разни Сашиња, Филипчиња и уште неколку кои сè уште се околу него во партијата и од таа микро победничка позиција успеа да влезе во полуфиналето на натпреварот со сериозна предност и тоа на „гости“.

Гордана Силјановска беше поискусна за 4 години, и заедно беа одличен тандем кој успеа да го продаде наративот на „гордост“ и „наша“ Македонија.

3. ЗНАМ и Максим Димитриевски, е ова се за мене сериозните победници на вчерашните избори, „човек партија“ која успеа за само 4-5 месеци политички живот како партиски субјект, да ја декласира Левица, освојувајќи речиси двојно повеќе гласови од Ванковска, со што си отвори пат за еден нов, уникатен, досега незабележан политичар, кој во стомакот има национал-патриотизам, во устата има државништво, а во срцето има македонско вистинско левичарство.

За негова среќа, тој е во позиција сега да биде дополнителен керозин на неговите носители во сите 6 ИЕ, и доколку овие две недели успее да биде присутен насекаде во Македонија заедно со нив, може да биде свеж воздух во политичката македонска какафонија со сигурна пратеничка група.
ЗНАМ навистина може да прерасне во сериозна трета македонска опција, која доколку се постави на здрави нозе, но не само на нозете на Максим, ќе биде прагматичен политички фактор во наредните 4-5 години.

4. Левица и Ванковска се една сериозно тажна слика за неуспешен идеолошко-корпоративен „брак“.
Кавгите, навредите, заканите знасочени кон многу физички и правни субјекти од страна на Апасиев, но и навредите од страна на Ванковска, не останаа нерегистрирани од оние кои се вистински гласачи на избори … а тоа сигурно не се т.н. „Facebook херои и тинејџерски следбеници“. Големиот број на негови гафови од типот -посета и поклон на гробот на Енвер Хоџа, диктатор кој зацрни многу македонски и албански семејства, за мене смешниот чин во Собранието со фрлање листови и кршење на монитори, потоа забраната за истакнување на знамето од Кутлеш, и на крај да имаме јавни сведоштва на екс-високи членови на Левица кои биле разрешени или си дале оставка поради карактерот и темпераментот на Апасиев, кој го не го опишаа баш како позитиве...беа очекуваната причина за нивниот резултатски потоп и дебакл!


ВМРО-ДПМНЕ веќе е на 10.000 километри и лета на крилјата на вчерашниот резултат, и сега останува прашањето - дали Мицкоски и екипажот можат да освојат 61 пратеник?
Сериозно и навистина важен е и распоредот на пратеничките места кај партиите на етничките Албанци...доколку разликата е во корист на ДУИ и е помала од 4-5 пратеника, Мицкоски ќе биде релативно комотен да прави влада со Вреди ,но доколку таа разлика биде поголема, тогаш собраниската математика ќе биде со уште најмалку 2 непознати, а Мицкоски ќе биде ставен на сериозен тест.

И да, мислам дека резултатите на 8ми мај ќе го детерминираат следниот лидер на СДСМ, кој ќе има „ѓаволски“ тешка задача во наредниот период со цел во најмала рака да ја хибернира партијата дури трае нејзината преродба.

Православните верници го слават Велигден

 Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. 

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.

Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.

Воскресението Христово е празник што ги спојува верата и традицијата, негувана од памтивек, а почнува на Величетврток уште пред изгрејсонце, кога домаќинките ги бојадисуваат првите црвени велигденски јајца. Оваа црковна традиција потекнува од првиот век по Христа, односно тоа се практикувало уште во времето на светите апостоли – Христови ученици и нивните наследници. За тоа ни сведочи Светото предание. Велигденското јајце е старо колку и христијанството и црквата го прифатила во својата традиција и практика како симбол на Христовото воскресение. Првите христијани и современици на апостолите почнале да бојадисуваат јајца и да ги подаруваат на Велигден, поздравувајќи се со радосниот поздрав: Христос воскресе! На тоа отпоздравувале: Вистина воскресе! Така поздравувајќи се, првиот ја соопштува веста за Христовото воскресение, додека вториот ја потврдува, а всушност и двајцата ја исповедуваат својата вера во воскресението. Оваа практика и до ден-денес е запазена во Светото послание, па верниците со овој поздрав се поздравуваат сè до Христовото вознесение, Спасовден.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ, а водено ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето нè потсетува на крвта Христова и спасението.

Според хронологијата на Христовите настани забележани во Евангелието, се знае дека на Величетврток, Господ Исус Христос на Тајната вечера ја востановил Светата тајна причест (Евхаристија), земајќи ги за основа лебот и црвеното вино, кои се претвораат во Христовото тело и крв. Оваа света тајна – Евхаристија е дадена за спасение на луѓето, а за основа ја има Христовата крв. Затоа црвената боја, симболизирајќи ја Христовата крв од светата причест ги украсува велигденските јајца. Како што бојадисаните црвени јајца од Величетврток се јасна најава за блискоста до Велигден, така и тогаш, на Величетврток на Тајната вечера, Христос јасно најавил и кажал дека наскоро ќе биде предаден, ќе пострада и ќе воскресне.

Според Светото предание, се смета дека Марија Магдалена, една од жените мироносци прва го започнала овој обичај за велигденските црвени јајца. Се вели дека Марија Магдалена наскоро по Христовото вознесение (Спасовден) го напуштила Ерусалим и тргнала по светот да го проповеда Евангелието. Во Рим таа побарала да појде и кај римскиот император Тивериј, со цел да му раскаже на царот за Господ Исус Христос. На средбата, таа на царот најнапред му подарила едно црвено јајце и го поздравила со зборовите Христос воскресе. Потоа му раскажала за сè што учел Христос, за неговите добри дела и чуда што ги правел на луѓето. Следејќи го нејзиниот пример, првите христијани започнале да си подаруваат црвени јајца на празникот Велигден и притоа да се поздравуваат Христос воскресе – вистина воскресе!

Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата

 Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби.

† СТЕФАН,

ПО МИЛОСТА БОЖЈА,

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЈЕРЕЈСКИ СИНОД,

ПО ПОВОД ВЕЛИГДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,

ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, ДО МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Денес сето создание се весели и се радува,

зашто – Христос воскресна[1].

Возљубени празникољупци,

Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата.

Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот, туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Токму преку Христовото воскресение се одгатнаа сите загатки со коишто, уште од паѓањето во грев, се соочуваше немоќното и безутешно човештво, а коишто завршуваа со суровоста на смртта. Ете, токму преку тоа Чудо над чудата, ние, луѓето, од смртни станавме бесмртни[2] и ни беше овозможено трајно да се ослободиме од прангите на смртта и да се упатиме кон Оној Kojшто и самиот е Живот[3] – кон Христа Животодавецот.

Возљубени сорадосници во Христа воскреснатиот,

Радоста, којашто извира од тајната на Христовото воскресение и којашто, еве, сите ние, како христијани, ја сведочиме повеќе од две илјади лета, е неизмерна. Но, оваа неискажлива и преславна радост[4] не треба да биде минливо чувство, коешто ќе нѐ обземе само во овие празнични дни, туку, напротив, треба да ни постане начин на живеење и на постоење.

Впрочем, и самото христијанство е вера на радоста! Ако не постои радост, тогаш не постои ни вистинско христијанство; ако немаме радост во нас и помеѓу нас, тогаш не сме ни вистински христијани, ни вистински учесници во Христовото воскресение, ниту, пак, вистински следбеници на Христа.

Според тоа, доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот.

Возљубени чеда во Господа,

Тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – Празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа[5] и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот којшто води кон Царството небесно.

Затоа, што е можно поскоро, да се угледаме кон сите оние коишто низ вековите Го возљубија Бога, а го возљубија и својот ближен, да се угледаме на нивниот богоугоден живот, во којшто особено се истакнува подвигот на човекољубието и на простувањето, па – со силата на Христовото воскресение – и сите ние, коишто се именуваме со Неговото име, да го возљубиме својот ближен и секому сѐ да простиме[6] за, на тој начин, да станеме наследници на вечниот живот[7].

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,

Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата.

Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско.

Затоа, што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска Црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања.

Возљубени родољупци,

Ова лето Господово достојно ќе одбележиме и повеќе годишнини, коишто се изнедрени од пазувите на нашето богато и славно минато. Меѓу нив, најпрво ќе си припомниме за Беласичката битка, од 1014-тата, којашто, всушност, е неделиво поврзана со градењето и со запазувањето на нашата долговековна историска посебност, а ќе се присетиме и на бележитите одлуки од Првото заседание на АСНОМ, одржано во манастирот „Свети Прохор Пчињски“, во 1944година. Исто така, ќе ги прославиме и 860-годишното постоење на велелепниот манастир „Свети великомаченик Пантелејмон“ во Нерези, Скопско, како и 100-годишнината од замонашувањето на возобновителот на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква – блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј.

Еве, токму овие незаборавни настани нека ни бидат силен поттик за обнова на нашата црковно-национална самосвест, а истовремено нека ни бидат и постојани потсетници за она за коешто се бореле многу наши поколенија, а за коешто останува и ние да продолжиме да ги чуваме – нашата Татковина Македонија и нашата Македонска Црква.

Нека незаодната светлина од празникот на Христовото воскресение – Велигден, ни биде нераскинлива нишка којашто ќе нѐ поврзе сите Македонци – и овде, во Татковината, и насекаде каде што нашинците се иселени по светот – во единството на троедната љубов: во богољубието, братољубието и родољубието, та едногласно да воскликнеме пред сиот свет: Христос воскресе!

† СТЕФАН

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

заедно со членовите на Светиот архијерејски синод

на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија

† ПЕТАР,

Митрополит Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски

† ТИМОТЕЈ,

Митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски

† НАУМ,

Митрополит Струмички

† АГАТАНГЕЛ,

Митрополит Повардарски

† ЈОВАН,

Митрополит Крушевско-демирхисарски

† МЕТОДИЈ,

Митрополит Американско-канадски

† ПИМЕН,

Митрополит Европски

† ИЛАРИОН,

Митрополит Брегалнички

† ЈОСИФ,

Митрополит Тетовско-гостиварски

† ГРИГОРИЈ,

Митрополит Кумановско-осоговски

† ЈОАКИМ,

Епископ Дељадровско-илинденски

† МАРКО,

Епископ Делчевско-каменички

Дневен хороскоп за 5. мај 2024 година

Дневен хороскоп за недела, 5. мај 2024 година. 

Бик 21.4- 20.5.

Љубов

Одличен ден за љубов , излегувања и поврзување со саканите личности. Не губете време затоврени , излезете надвор.

Кариера

Во дејностите во кои треба да работите со луѓе , работите ќе ви одат од рака. Се друго ќе ви биде малку здодевно.

Здравје и совет

Покажете се пред светот.

Близнаци 21.5.-21.6.

Љубов

Мал недостиг на самодоверба накусо ќе го забави добриот развој на љубовната врска. Бидете тактични и трпеливи.

Кариера

Без оглед што релативно добро ќе соработувате, ќе дојде до финансиски издатоци , на кои никој не сметал. Станува збор за луксуз.

Здравје и совет

Послушајте го мислењето на другите.

Рак 22.6-22.7.

Љубов

И денеска ќе бидете премногу чувствителни и ќе нема многу работи што ќе ве задоволат. Најдобро е да се стрпите.

Кариера

Вработените во администрацијата би можеле да блеснат на свој начин. Ќе направат нешто што ќе им се допадне на сдругите.

Здравје и совет

Внимавајте на настинка.

Лав 23.7-22.8.

Љубов

Ќе продолжите да развивате добри односи со личности од спротивниот пол. Ќе бидете отворени и комуникативни.

Кариера

освен што ќе имате проблем со самостојната дејност , денеска ќе се покажете како одличен и љубезен соработник.

Здравје и совет

Ќе го споите убавото со корисното.

Девица 23.8.-23.9.

Љубов

Денеска ќе треба малку поголемно внимание да и посветите на саканата личност. Помирете се со тоа дека не може се да биде по ваше.

Кариера

Денот не е добар за претставување нови инапредни идеи. Затоа воздржете се и работете го само она што е неопходно.

Здравје и совет

Минлив душевен немир.

Вага 24.9.-23.10

Љубов

Вашата сила е во тоа што сте позрели од многумина и што знаете што сакате. Денеска ќе го препознаете тоа без проблем.

Кариера

Ви предлагаат службен пат на кој би можеле да договорите деловна соработка со тим од друга земја. Планирате како тоа да го реализирате.

Здравје и совет

Не треба да брзате.

Шкорпија 24.10-22.11.

Љубов

Отвореноста и љубезноста и денеска ќе направат да и бидете достапни на секоја личност од спротивниот пол. Оние во врска се добро.

Кариера

Веројатно ќе ве поддржат во вашите настојувања. На сите им е јасно дека сте работник со сериозни намери.

Здравје и совет

Бидете она што сте.

Стрелец 23.11.-21.12.

Љубов

Ништо нема да и препуштите на случајноста. Знаете што може да очекувате и токму тоа ќе се случи на ваша радост.

Кариера

Се затвора кругот со кој ќе ги зајакнете своите деловни работи. Ќе бидете задоволни што е така , зашто ја сакате сигурноста.

Здравје и совет

Здравјето ви е одлично.

Јарец 22.12.-20.1.

Љубов

Оние кои се сами денеска би можеле да забележат нечии симпатии од работното место. Можно е да биде и обратно.

Кариера

Ќе работите со поголема леснотија , што за вас е необично. Во некои моменти ќе се чудите самите на себеси.

Здравје и совет

Некои ќе одат на козметичар.

Водолија 21.1.-19.2.

Љубов

Се чини како се да е во рацете на саканата личност. Вашето влијание на настаните овој пат е минимално.

Кариера

во финансиските теми денеска ќе дојде до мало недоразбирање , што набргу ќе го решите.

Здравје и совет

Обидете се да живеете поздраво.

Риби 20.2.- 20.3.

Љубов

Вашата сензибилност и ранливост денеска ќе биде поизразена отколку другите денови. Во таква ситуација , се ќе ви пречи.

Кариера

Во големите деловни задачи работите се одвиваат одлично, но во една ситна работа денеска доаѓа до неуспех.

Здравје и совет

Искористете ја својата брзина.

Овен 21.3-20.4.

Љубов

Ќе зрачите со шарм и убавина , па нема да ви биде тешко да ја привлечете личноста која ви се допаѓа. Обидете се да ја отворите.

Кариера

На дневен ред доаѓаат мали анализи , што не треба да ги одложувате. Ве нервираат , но што се мора ,се мора.

Здравје и совет

Вежбајте гимнастика или шетајте се.

притисни ентер