Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад

Американски и израелски медиуми: Израелските власти разгледувале опции за одмазднички напад врз Иран, но се повлекле од планот.

Израел разгледуваше опции да изврши напад врз Иран како одмазда за нападот без преседан минатиот викенд, но потоа ги откажале плановите, јавија израелски и американски медиуми.

Иран лансираше повеќе од 300 беспилотни летала и проектили против Израел во текот на викендот во напад што предизвика мала штета бидејќи повеќето проектили беа пресретнати.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе одговори на нападот, што ги поттикна глобалните сили, вклучително и главниот сојузник САД, да повикаат на воздржаност за да се избегне каква било понатамошна ескалација или регионално прелевање од повеќемесечната војна во Газа.

Израелскиот јавен сервис Кан објави дека по разговорите со американскиот претседател Џо Бајден, Нетанјаху одлучил да не продолжи со однапред договорените планови за одмазднички напади врз Иран во случај на напад.

„Дипломатската чувствителност влезе во игра“, изјави за Кан висок израелски функционер кој сакаше да остане анонимен, додавајќи дека ќе има одговор, но дека ќе биде различен од првично планираното.

Цитирајќи три неименувани израелски извори, Еј-Би-Си Њуз објави: „Израел се подготвуваше и потоа ги прекина одмаздничките напади против Иран најмалку две ноќи минатата недела“.

Меѓу опсегот на можни реакции што ги разгледуваше израелскиот воен кабинет беа опциите за напад на ирански полномошници на друго место во регионот или за извршување кибер напад, изјавија изворите за Еј-Би-Си Њуз.

На состанокот на владата во понеделникот, израелските власти размислуваа да им дадат дозвола на израелските одбранбени сили (ИДФ) за напад врз Иран, но „од оперативни причини“ одлучија да не продолжат со тоа, изјавија двајца неименувани израелски функционери за американскиот портал Аксиос.

Вооружените групи поддржани од Иран ширум регионот извршија напади откако изби војната меѓу Израел и Хамас во октомври.

Нападот на Техеран викендот, неговиот прв директен напад на израелска територија, дојде како одговор на смртоносниот напад врз конзуларниот анекс на Иран во Дамаск на 1 април, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Вашингтон и Брисел ветија дека ќе ги зголемат санкциите против Иран, додека иранскиот претседател предупреди на „жесток и остар одговор“ на каква било одмазда. Како одговор на дипломатскиот притисок, вклучително и од главниот воен поддржувач Вашингтон, Нетанјаху во средата инсистираше на тоа дека Израел ќе донесе сопствени одлуки и „да го направи она што му треба за да се одбрани“.

Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, денот на трудот

СДСМ секогаш била на страната на работниците.

„СДСМ како единствена авентична социјалдемократска партија секогаш била на страната на работниците, а нашите социјалдемократските политики ги заштитија граѓаните и ја спасија земјата од колапс за време на кризите во изминатите години“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот Првомајски пикник што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој потенцираше дека за време на владеењето на СДСМ значително се унапредиле работничките права и се подобрил животниот стандард на граѓаните.

„СДСМ е партијата која обезбеди повисока минимална плата за работниците и постави методологија за сигурен и континуиран раст што денес резултира со минимална плата од 22.500 денари. Нешто што беше незамисливо до пред само седум години. Незамисливо беше затоа што претходната власт на ДПМНЕ ги третираше и продаваше нашите работници низ светот како евтина работна сила. Верувале или не, со тоа привлекуваа инвестиции“, рече Ковачевски.

Ковачевски потсети дека токму СДСМ е партијата која обезбеди недела да биде неработен ден и ги зголеми пензиите и платите во суштинските сектори како здравство, образование и безбедност. Никого не оставивме сам да се бори со последиците од кризата, водејќи се од принципите на солидарност и правда, истакна Ковачевски.

„Кога ги носевме антикризните мерки, ние решивме да се однесуваме одговорно. Правилно го распределивме ограничениот буџет и ги вративме парите кај граѓаните кога беше најпотребно. Обезбедивме 2,6 милијарди евра за поддршка на граѓаните и стопанството со што го заштитивме животниот стандард и достоинството на граѓаните, но и ги зачувавме работните места.“

Лидерот на СДСМ на сите граѓани на Македонија им го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот и најави дека партијата останува верен сојузник и поддржувач на работниците.

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа.

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок.

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. /МИА

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

притисни ентер