Бах: Повеќе од десет држави кандидати за организација на ОИ 2036

Шефот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах (ИОК) е убеден дека иднината на олимпиското движење никогаш не била посветла, бидејќи кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година поднеле двоцифрен број држави.

Наспроти заканите предизвикани од климатските промени, допингот со помош на вештачка интелигенција или е-спорт натпреварувањата, шефот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах (ИОК) е убеден дека иднината на олимпиското движење никогаш не била посветла, бидејќи кандидатура за организација на Олимписките игри во 2036 година поднеле двоцифрен број држави.

Бах, 70-годишен поранешен германски олимписки мечувалец, го предводи МОК од 2013 година, кога интересот за организација на Олимписките игри беше на историски најниско ниво поради честите скандали околу трошоците и корупцијата.

Намалената привлечност на Игрите беше очигледна за време на кандидатурите за Летните игри 2024 и 2028 година, кога имаше само двајца кандидати, Париз и Лос Анџелес.

Игрите во 2032 година оттогаш се доделени на австралискиот град Бризбејн, а Бах во изјава за француските медиуми обелодени дека двоцифрен број земји се натпреваруваат за Игрите во 2036 година.

Според медиумите, меѓу земјите кандидати се и Саудиска Арабија и Катар, но Бах не сакаше да ги коментира амбициите на двете спортски сили од Персискиот залив.

„До овие игри има само 12 години, па рано е да се коментираат какви било интереси“, рече Бах.

Ангеловска-Бежоска: Се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната

 Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска денеска оцени дека во земјава се уште нема позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната. 

Ако се спореди нивото на цените на храната со предпандемискиот период, тие, рече, се речиси двојно повисоки од нивото на светските цени на храната.

Одговорајќи на новинарски прашања по презентацијата на најновите макроекономски проекции, Ангеловска-Бежоска истакна дека е позитивно тоа што согласно меѓународните финансиски институции, се проектира натамошен пад на цените на храната оваа година, а стабилизирање на нивното ниво наредната година, што остава простор за одредени надолни корекции.

-Ако се погледне движењето на светските цени на храната од средината на 2022 година, има речиси континурано намалување, но според последните податоци, се уште не се вратени на предпандемиското ниво и се повисоки за околу 17 - 18 отсто. Доколку овие трендови ги споредиме со трендовите во домашната економија, може да констатираме дека не се целосно синхронизирани. Кај нас, растот на цените на храната почна подоцна од растот на светските цени на храната и се уште не гледаме позначителни надолни прилагодувања кај цените на храната.

Таа потсети дека ценовната политика е детерминирана од повеќе фактори.

Студентите од штипскиот Правен факултет дел од симулација на Европски парламентарни избори

 Студентите на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) - Штип денеска имаа можност да бидат дел од симулација на Европски парламентарни избори.

Универзитетската професорка по меѓународно право Ана Никодиновска-Крстевска истакна дека оваа Програма ќе продолжи со серија на предавања и презентации преку кои ќе бидат истражени различните аспекти на Европските парламентарни избори, со особен фокус на значењето и улогата на Европскиот парламент.

-Меѓу 6 и 9 јуни ќе се одржат Европските парламентарни избори и од тие причини решивме да споделиме и да го продлабочиме овој изборен процес, на кој начин се одвиваат се со цел да ги доближиме поблиску до студентите, меѓутоа се разбира и до граѓаните. Со цел да го прошириме познавањето, свесноста на кој начин се организираат и која е улогата на Европскиот парламент, вели Никодиновска-Крстевска.

Томазо дел Бакаро од Италија, кој беше дел од симулацијата на Европски парламентарни избори пред студентите го сподели искуството како во неговата земја се организираат изборите на пратеници во неговата земја во Европскиот парламент.

Присутни беа и ученици од Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани кои остварија посета на Euroscola во рамките на Европскиот парламент во Стразбур, под менторство на професорот во училиштето Александар Михајлов.

НБ: Постепено забрзување на економскиот раст и просечна инфлација од 3,5 отсто

Според проекциите, се предвидуваат стапки на раст на БДП од 2,6 отсто во 2024 година и од 3,6 проценти во 2025-та.

Постепено забрзување на економскиот и забавување на ценовниот раст, просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто и постепено забрзување на кредитната активност во следниот тригодишен период, се проекциите на Народната банка содржани во најновиот Квартален извештај што го презентира денеска гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Според проекциите, се предвидуваат стапки на раст на БДП од 2,6 отсто во 2024 година и од 3,6 проценти во 2025-та.

За 2026 година, како што истакна Ангеловска-Бежоска, се очекува умерено забрзување на растот, во услови на поповолно надворешно окружување, постабилен амбиент и поголема склоност за потрошувачка и инвестиции.

-Макроекономските проекции за периодот 2024 − 2026 година упатуваат на главно слична макроекономска слика како и во октомвриските проекции. Во однос на економскиот раст и натаму се очекува постепено забрзување во следниот период, но малку побавно во однос на октомвриските проекции. Овие оцени ги одразуваат послабите остварувања во 2023 година, како и оцените за малку понеповолно надворешно окружување и одложено влијание на домашните фактори, односно побавно спроведување на градежните активности поврзани со новите инфраструктурни проекти. Се очекува дека стапките на раст на БДП ќе изнесуваат 2,6 отсто во 2024 година и 3,6 отсто во 2025 година, наспроти октомвриските очекувања за 3 и 4 проценти во 2024 и 2025 година, рече гувернерката.

Според неа, инфлацијата и во овој циклус би ја задржала патеката на надолно приспособување до крајот на периодот на проекциите.

-Проекциите за 2024 година покажуваат забавување на ценовниот раст и просечна стапка на инфлација од 3,5 отсто што е на долната граница на интервалот очекуван во октомври (3,5 − 4 проценти). На среден рок очекувањата се непроменети, односно во периодот 2025 − 2026 година инфлацијата ќе се сведе на историскиот просек од 2 отсто, информира Ангеловска-Бежоска.

Надворешната позиција на домашната економија и во рамките на најновите проекции се оценува како поволна, при подобри остварувања во 2023 година од очекувањата (остварен суфицит во тековната сметка), главно заради значителното намалување на увозот.

-Постепената нормализација на увозот на суровини и материјали, по падот во претходната година, во услови на стабилно енергетско салдо, ќе биде главниот фактор за остварување умерен дефицит на тековната сметка од 2,4 отсто од БДП во 2024 година. Во наредниот период, посилното влијание од извозната побарувачка, во услови на стабилизација на цените на енергијата и на примарните производи, ќе придонесе за одредено намалување на дефицитот кај тековните трансакции на нивото од 2,1 отсто од БДП во 2025 − 2026 година. Во целиот период на проекцијата се очекуваат солидни нето-приливи на финансиската сметка, со што девизните резерви и натаму ќе растат и ќе се одржуваат на соодветното ниво, гарантирајќи ја стабилноста на девизниот курс, истакна Ангеловска-Бежоска.

Како што напомена, во услови на стабилен и сигурен банкарски систем и постепено ослабување на ризиците за економијата, се очекува дека кредитниот раст умерено ќе забрза во 2024 година, односно ќе изнесува 6,1 отсто.

-Со постепеното забрзување на економскиот раст и стабилизирањето на очекувањата, се очекува забрзување на активноста на кредитниот пазар во наредниот период, при што растот за периодот 2025 ‒ 2026 година би изнесувал 6,8 отсто, во просек. Кредитната активност ќе биде поддржана и од растот на вкупните депозити, којшто на крајот на 2024 година би изнесувал 7,4% и би забрзал на 7,6% во периодот 2025 ‒ 2026 година, рече гувернерката.

Ризиците за основното макроекономско сценарио, и од надворешното, и од домашното окружување, опстојуваат и главно се слични, објасни, со октомвриските проекции. Притоа, неопходно е следење и на политиките што влијаат врз агрегатната побарувачка во домашната економија и поголема претпазливост, вклучително и од аспект на пазарот на труд.

Ангеловска-Бежоска рече и дека во првото тримесечје на 2024 година Народната банка ја задржа прудентноста на монетарната политика, соодветно на условите во економијата.

-Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи макроекономските податоци и ризиците и како и досега, ќе ги презема сите неопходни мерки, користејќи ги сите расположливи инструменти, заради задржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, подвлече Ангеловска-Бежоска.

притисни ентер