Бебе загина во страшното торнадо, што ја опустоши Оклахома (ВИДЕО)

Според последните информации, најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете (4), загинале во серијата разорни торнада што минатиот викенд ги погодија централните делови на САД.

Како што јави Би-Би-Си, четири лица загинале во Оклахома, додека едно го загубило животот во Ајова.

Силното невреме што започнало во петокот предизвикало значителна материјална штета, а десетици илјади луѓе останаа без струја. Вонредна состојба е прогласена во повеќе од 12 окрузи во Оклахома. Во сојузните држави Небраска и Ајова биле регистрирани дури 70 торнада.

Националната метеоролошка служба потврди дека прелиминарните податоци покажале дека некои од торнадата имале брзина на ветер до 136 милји на час (околу 218 километри на час). Невремето се проширило од Тексас до Мисури и за само неколку часа наврнале околу 18 сантиметри дожд на метар квадратен, пренесе АФП.

На социјалните мрежи се објавени бројни видеа од штетите на кои се гледаат уништени куќи и превртени автомобили. Службите за итни случаи во Оклахома регистрирале најмалку сто повредени лица на кои им била потребна медицинска помош.

„Ќе се вратиме, ќе ги исчистиме урнатините, ќе изградиме куќи и ќе продолжиме напред“, рече претседателот на Домот на Оклахома, Чарлс Мекол.

Гувернерот на Оклахома Кевин Сит изјави дека во неколку градови е предизвикана најголемата штета што ја видел во последните шест години откако е на чело на државата.

"Видов како доаѓа големо торнадо. Имав доволно време само да ги засолнам децата и сопругата. Сè беше уништено. Населбата не постои. Им помагавме на затрупаните да излезат од урнатините - рече Брент Ричардсон, еден од жителите на Омаха.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со гувернерот на Оклахома и понуди федерална помош за најранливите области.

Шефот на одбраната на Израел ги оспорува плановите на Нетанјаху за повоена Газа

Повоените планови на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Појасот Газа синоќа беа јавно оспорени од неговиот министер за одбрана, кој рече дека ќе се спротивстави на какво било долгорочно воено владеење на Израел во палестинската енклава.

Телевизиската изјава на министерот за одбрана Јоав Галант беше највидлив знак за несогласување на висок израелски функционер со Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа.

Како одговор, Нетанјаху сугерираше, без конкретно да го именува Галант, дека пензионираниот адмирал „се оправдува“ што се уште не го уништил Хамас во конфликтот, што сега е во осмиот месец.

Нетанјаху беше нападнат од друг член на неговиот воен кабинет - центристот и поранешен генерал Бени Ганц - единствениот член со право на глас покрај Нетанјаху и Галант. Ганц рече дека министерот за одбрана „ја кажа вистината“.

Иако ги поддржува целите на владата на Нетанјаху да го порази Хамас и да ги врати преостанатите заложници земени во нападот на палестинската исламистичка група на 7 октомври, Галант рече дека тие цели мора да се надополнат со поставување на основата за алтернативна палестинска влада.

„Мораме да ги уништиме капацитетите за управување на Хамас во Газа. Клучот за оваа цел е воена акција и воспоставување алтернатива за управување во Газа“, истакна Галант.

„Во отсуство на таква алтернатива, остануваат само две негативни опции: владеење на Хамас во Газа или израелско воено владеење во Газа“, додаде Галант, истакнувајќи дека ќе се спротивстави на второто сценарио и го повика Нетанјаху официјално да се откаже од та а намера.

Галант рече дека од октомври се обидувал да промовира план за создавање „не-непријателска палестинска алтернатива за управување“ во опозиција на Хамас.

Форматот на претходно најавената прес-конференција на Галант, емитувана во живо на израелската телевизија и радио, го повтори предупредувањето на Галант минатиот март дека судските реформи на Нетанјаху ја загрозуваат кохезијата на армијата, наведуваат западни медиуми.

Нетанјаху тогаш најави дека Галант ќе биде отпуштен, но се повлече под притисок на уличните демонстрации. Некои одбранбени аналитичари веруваат дека предвидувањето на Галант се потврди со способноста на Хамас да ги изненади израелските сили неколку месеци подоцна.

За две децении 10-те „нови членки“ на ЕУ го удвоија својот БДП

 Десетте земји кои станаа членки на ЕУ пред 20 години изминативе две децении се развиваа многу побрзо од просекот на Унијата и успеаја речиси двојно да го зголемат својот БДП по глава на жител, покажуваат податоците на Европската комисија. 

Овие десет земји - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка - забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51 отсто од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004-та, на 79 проценти во 2023 година, соопшти еврокомесарот за економија Паоло Џетилони презентирајќи ги пролетните економски перспективи на Унијата за 2024 и 2025 година.

- Врз основа на нашите 10-годишни проекции, овие 10 земји членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ членки во следната деценија. Во 2033 година, нивните просечни нивоа на приход треба да се искачат на 92 отсто од оние на ЕУ14, изјави Џентилони, додавајќи дека ваквите податоци се многу добра вест за земјите од Западниот Балкан, како и за Грузија, Молдавија и Украина, кои „работат на пристапување кон ЕУ“.

Во однос на економските предвидувања за наредниот период на ниво на цела ЕУ, Џентилони порача дека „по тешката 2023 година“ економската активност зајакна во првото тримесечје од годинава, по што во наредните квартали се очекува „забрзување на економскиот моментум“, што ќе доведе до годишна стапка на раст на ниво на ЕУ од еден отсто во оваа и 1,6 проценти во 2025 година.

Според него, благодарение на силниот пазар на трудот и растот на реалните плати во ЕУ, се очекува приватната потрошувачка да го поттикне економското закрепнување и да ја зајакне куповната моќ.

- Инфлацијата дополнително се намали од почетокот на годината и треба да продолжи да се намалува, достигнувајќи ја целта на ЕЦБ во текот на 2025 година. Коефициентот на буџетскиот дефицит во ЕУ треба да продолжи да опаѓа во 2024 година, додека стапката на долгот малку ќе се зголеми во 2025 година, најави еврокомесарот за економија.

Во првиот овогодишен квартал намалувањето на стапката на инфлација беше поголемо од очекуваното и достигна 2,6 отсто, за дополнително да падне на 2,4 проценти на крајот на април. Така, прогнозите за ЕУ се инфлацијата од ланските 6,4 да се намали на 2,7 отсто на крајот на годинава и на 2,2 проценти во декември 2025 година. На ниво на Еврозоната се очекува стапката на инфлација од ланските 5,4 отсто да се намали на 2,5 проценти следната и на 2,1 отсто на крајот на 2025 година.

Кога станува збор за буџетскиот дефицит, по неговото значителното намалување во текот на 2022 година, тој лани порасна од 3,4 на 3,5 отсто од БДП, како последица на влошените економски услови и растот на трошоците за камати. За оваа година, според Џентилони, се предвидува буџетскиот дефицит да се намали на 3,0 отсто од БДП, а следната година за дополнителни 0,1 процентни поени на 2,9 проценти од БДП.

По рекордното ниво на долгот од 92 отсто од БДП во 2020 година, лани тој се сведе на 83 проценти, по што се очекува да остане на исто ниво и во текот на годинава, по што би уследил негов мал раст во текот на 2025-та на 83,4 отсто од БДП, како резултат на повисоките трошоци за негово сервисирање и очекуваниот понизок номинален економски раст.

Неодамнешното намалување на каматните стапки на глобално ниво се очекува да резултира и со олабавување на монетарната политика на ЕУ, па така почнувајќи од јуни се предвидува постепено намалување на основната камати од сегашните 4 на 3,2 отсто до крајот на годинава, за потоа да следи нејзин дополнителен пад до 2,6 проценти до крајот на 2025 година.

Пролетната прогноза на ЕУ предвидува и глобален економски раст од ланските 3,1 отсто, на 3,2 проценти годинава, па до 3,3 отсто во 2025 година.

Сепак, според Џентилони, и покрај очекуваните позитивни економски резултати и „подобрувањето на сликата за европската економија во следните две години“, негативните ризици и несигурноста остануваат зголемени, пред се поради војните крај „границите на ЕУ“ и на Блискиот Исток.

Џентилони нагласи дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика нестабилност на цените на нафтата од почетокот на годината, а врз нивниот раст дополнителни влијание имаше и овогодишниот економски раст на Кина и на САД, што беа поголеми од очекуваните.

Од друга страна, цените на гасот беа само маргинално повисоки од оние во текот на зимата и многу под нивното есенско ниво, додека цените на бензините се очекува да растат во просек на 31 евро за мегават час во 2024 и 35 евра за мегават час во 2025.

- Како такви, цените на енергијата не се очекува да бидат силната дезинфлациска сила каква што беа во блиското минато, заклучи Џентилони.

Хејнс: Надворешни сили се обидуваат да влијаат врз американските претседателски избори

Има сè поголем број странски актери, вклучително и недржавни актери, кои сакаат да влијаат на изборите во САД, а Русија, Кина и Иран се најзначајни, рече директорката на Националното разузнавање на САД, Аврил Хејнс на сослушување во Сенатот.

- Русија особено останува најактивната надворешна закана за нашите избори. Целите на руската Влада во таквите операции на влијание обично вклучуваат поткопување на довербата во американските демократски институции, што ги влошува поделбите во САД и намалената поддршка на Западот за Украина, посочи Хејнс.

Таа додаде дека напорите на американската администрација да обезбеди избори се значително подобрени од претседателските избори во 2016 година и верува дека Владата никогаш не била подобро подготвена.

Конгресните комисии почнаа да ги испитуваат доказите за странските напори, особено руските да влијаат врз американското јавно мислење, откако американските разузнавачки агенции заклучија дека субјекти поддржани од Кремљ се обидуваа да му помогнат на републиканецот Доналд Трамп да ја освои Белата куќа во 2016 година. Москва негираше вмешаност.

Вчерашното сослушување беше прва јавна расправа на Комисијата на тема изборниот циклус во САД во 2024 година.

притисни ентер