Брачна двојка се пофалиле со патување од соништата, па добиле телефонска сметка од 134.000 евра

Рене Ремунд и неговата сопруга ќе го паметат своето патување во Швајцарија, не само по магичните и колоритни пејзажи, туку и по телефонската сметка што ја добиле при враќањето дома.

Сопружниците често патуваат, а тврдат дека секогаш го известуваат мобилниот оператор пред да ја напуштат земјата. Велат дека истото го направиле и овој пат.

Рене наведува дека истиот оператор го користи веќе 30 години.

„Отидовме во филијалата и го изготвивме планот за патување. Рекоа дека сме покриени. Што и да значи тоа, вие сте покриени“, изјави тој за локалните медиуми.

Сопружниците пристигнале во Швајцарија, посетувале различни локации и испраќале пораки/фотографии до пријателите и семејството за да се покажат.

Откако се вратиле на Флорида, каде што живеат, добиле телефонска сметка, пренесува ABC Action News.

На почетокот Рене мислел дека пишува 143 долари, но неколку дена подоцна ја открил вистинската сума. Компанијата му наплатила 143.000 долари, бидејќи користел 9,5 гигабајти во странство, односно за роаминг.

„Се јавив на операторот и му кажав што е проблемот. Ме ставија на чекање, а потоа ме известија дека сметката е добра. Што сакаш да кажеш под добра, прашав. Ми одговорија дека толку должам“, изјавил Рене.

Човекот ангажирал адвокат кој директно му пишал на претседателот на компанијата, но тврди дека не добил одговор. Потоа контактирале со медиумите.

Новинарите се јавиле кај операторот и го објасниле случајот, а Рене добил уште еден повик неколку дена подоцна.

„Тие рекоа дека ќе ја кредитираат целата сума и да не се грижам“, рече Рене, заблагодарувајќи им се на медиумите за помошта.

Мобилниот оператор испратил и официјално соопштение во кое се вели:

„Препорачуваме клиентите да ги проверуваат информациите додека патуваат, како што е меѓународниот роаминг на податоци. Ако сте на постар план кој не вклучува меѓународен роаминг, ќе треба да користите Авионски режим и Wi-Fi за да бидете сигурни дека вашиот уред не е поврзан на странска мрежа“.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

притисни ентер