ЦУК: Три пожари на отворено, апел за внимателност поради наглите метеоролошки нестабилности

 Три пожари на отворен простор се евидентирани изминатото деноноќие, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од ТППЕ Крушево од 15.45 до 19.30 часот, со едно ПП возило и три пожарникари и еден вработен и едно теренско возило од ЈП „Национални шуми“ подружница „Липа“ од Крушево, интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од еден хектар кај месноста „Белушки ливади“. Регионалниот ЦУК Штип ја пренесува информацијата од ТППЕ Берово, дека од 12.40 до 13.15 часот, со еден пожарникар и едно ПП возило интервенирале на запалена ниска вегетација во реонот на селото Будинарци, на месноста „Ленишка Река“. Регионалниот ЦУК Тетово известува дека пожарникарите од ТППЕ Гостивар со едно ПП возило и два пожарникара, интервенирале на запалено ѓубриште кај пунктот за патарината на автопатот Гостивар-Тетово, појаснуваат од ЦУК.

Според Управата за хидрометеоролошки работи следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд.

- Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за два до четири степени. ЦУК апелира на внимателност, граѓаните да ја имаат предвид временската прогноза при престој во природа и да се засолнат при периодите на наглите метеоролошки нестабилности во наредните неколку денови, а по локалните пообилни врнежи на терен, да внимаваат на пороите, да не се движат блиску до корита на реки, покрај суводолици, во длабоки и стрмни долови, наведуваат од ЦУК.

Оттаму нагласуваат дека треба да бидат исчистени каналите од отпадоци, бидејќи насобраниот отпад при поројна вода, често создава брани и се запушуваат каналите, а тоа доведува до излевање на водата од коритата и поплавување на околината.

Вкупно 1.513 повици се евидентирани на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, изминатото деноноќие.

- „Реални“ повици биле 63,52 отсто, а 36,48 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полицијата биле упатени 64,66 отсто, кон итната медицинска помош - 29,72 проценти, а кон пожарникарите - 3,21 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, се наведува во соопштението.

Пет години ги чекал новите сопственици

Беспомошно куче го наоѓа својот нов дом по пет години чекање.

Потребно му било време да се адаптира на новиот дом.

За едно семејство голема е среќата и радоста кога ќе добие домашно милениче. Иако повеќето вдомуваат миленик од продавница за миленичиња, сепак има и такви кои се одлучуваат да покажат хуманост и да вдомат напуштени кучиња или мачки овозможувајќи им дом каков што посакуваат.

На социјалните мрежи, се појави видео со едно беспомошно 11-годишно куче, кое било вдомено по 5 години чекање.

Иако пронаоѓањето нови сопственици најчесто е гаранција дека кучето ќе добие бескрајна љубов и грижа од нивна страна, како што во видеото и покажуваат новите сопственици, сепак кучето откако се нашло во новата средина, меѓу туѓинци, се однесувало крајно исплашено и несигурно.

-Три недели не сакаше да се појави во нашата дневна соба. Првите чекори навистина му беа несигурни, како на бебе. Го носевме на плажа бидејќи тоа беше единственото место каде што сакаше да биде. Сакавме да го доживее светот, но имаше плускавци на нозете, па му беше тешко да се движи. Сепак, беше љубопитен и само се туркаше напред - изјавила сопственичката.

Флеш, како што го нарекуваат кучето, набргу некако успеал да се прилагоди на својот нов дом. Иако на почетокот кучето било плашливо и резервирано, сега наоѓа друштво во играчките низ куќата кои му привлекуваат внимание, но им се придружува и на другите кучиња што сопствениците ги чуваат.

Овие играчки кучето ги носело со себе во креветот, а подоцна преминало и на обувките. Секогаш кога сопствениците го губат далечинскиот управувач, Флеш е тука да го најде и да го донесе. Флеш, како што открива неговата сопственичка, е посебно куче на многу начини во споредба со другите кучиња, и ја добил сета љубов што ја чекал со години од своите нови сопственици.

Видеото било објавено од страницата „Geo Beats Animals“, а Флеш им привлекол големо внимание на луѓето кои биле пресреќни што конечно го пронашол својот дом. Според коментарите на луѓето, осаменоста за животните е подеднакво тешка како и за луѓето.

- Ви благодарам што му дадовте живот каков што го заслужува.

- Измамивте насмевка на неговото, но и на моето лице.

- Ви благодариме што му дадовте шанса да ужива во доцните години. Луѓето кои вдомуваат постари кучиња се посебни луѓе.

- Гледајќи го него толку среќен ми се насолзуваат очите - беа дел од коментарите.

Сопственичката открила дека помеѓу нив и кучето се создала силна врска, така што и најмала разделба понекогаш им причинува проблем.

-Кога се качуваме горе на катот, макар и за минута, почнува да плаче и штом ќе не види повторно, се радува и скока од радост. Едноставно е среќен што нè има како друштво - додала таа.

Сопственичката преку видеото покажала како ова некогаш осамено куче ги поминува деновите со нив, чекајќи ги пред врата кога се враќаат од работа, потоа додека шетаат со него и се дружат дома во дворот. Таа признава дека Флеш е совршен за нив и дека се среќни што го пронашле. Освен тоа, бидејќи семејството на напуштеното куче му пружило дом каков што заслужува и се врзале за него, таа признава дека Флеш никогаш повеќе нема да биде осамено куче.

Извор: srecna.republika.rs

10- годишно дете од САД си пресудило по малтретирањето на училиште-родителите 20 пати се жалеле

Десетгодишно момче од Индијана извршило самоубиство откако наводно било ужасно малтретирано на училиште, додека неговите родители тврдат дека 20 пати се пожалиле во училиштето.

Семи Теус се самоубил на 5 мај, а според неговото семејство бил малтретиран до ноќта пред смртта.

Неговите родители Сем и Никол тврдат дека момчето било физички и психички малтретирано на училиште, а наводно неодамна го претепале во училишниот автобус.

Малтретирањето започнало минатата година кога тој се префрлил во училиштето, пишува Дејли Мејл.

Според семејството, Сем 20 пати им кажал на наставниците и на другите вработени во училиштето за злоупотребата.

„Најпрвин го исмејуваа поради очилата, потоа поради забите. Тоа траеше долго. “, рече таткото на Семи.

Злоставувањето потоа станало физичко.

„Го претепаа во автобус, децата му ги скршија очилата. Се јавив во училиштето, ги прашав што ќе прават во врска со тоа, стануваше сѐ полошо и полошо“, рекол таткото.

Според него, училиштето знаело што се случува, а злоупотребата низ училиштето и во автобусот се проширила на социјалните мрежи.

Училиштето соопштило дека неговите родители ја пријавиле смртта како самоубиство и ги истражуваат тврдењата за злоупотреба.

Истрагата продолжува.

Скандалозен исказ на таткото, кој ги држел своите деца како заложници и пукал со калашников

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција.

Алекс Марку (40), кој ноќта меѓу вторникот и средата во Драч со часови ги држеше како заложници во станот своите две мали деца, додека пукаше со калашников, дал изјава во полиција и тврди дека направил сѐ за „да ги заштити децата од љубовник на жената“, објави Политико.

Марку рекол дека имал проблеми со сопругата и дека, како што тврди, таа нашла друг маж.

Таткото, кој испукал најмалку 18 истрели во станот и од балконот во Драч, тврдел дека ги зел децата „за да ги држи подалеку од момчето на жената“. Потоа, како што тврди таткото, „новиот дечко на неговата сопруга дошол да го нападне“.

Потоа, како што рече, со калашников излегол на терасата.

„Четири дена бев во стан на плажа со моите деца и сѐ беше супер. Жена ми побегна во Италија и малку се каравме. Последен пат кога се скаравме, таа отпатува за Италија и јас ги зедов децата и дојдовме во Драч.“

Марку рекол дека сѐ ескалирало кога „љубовникот дошол кај него“.

„И тогаш нејзиниот љубовник доаѓа да ме нападне во куќата и затоа пукав. Не сакав да има врска со децата. Го однесов детето на тераса кога пукав, па можеше да види дека никогаш не сум бил насилен кон децата“, тврди таткото, кој беше уапсен вчераутро по неколкучасовни преговори.

Медиумите јавуваат дека децата, кои биле извлечени неповредени од станот, сега се со својата мајка и го напуштиле Драч.

Не се знае со каква казна се соочува таткото.

притисни ентер