ЕК обезбеди 50 милиони евра макрофинансиска помош за Македонија

 Европската комисија обезбеди позајмици за Македонија во износ од 50 милиони евра, како прва транша од тековната операција за макрофинансиска помош за земјата, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што соопшти денеска Еврокомисијата, овие средства треба да обезбедат дополнителна поддршка за Македонија, чија економија е сериозно погодена од енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина.

- Помошта ќе ја поддржи макроекономската стабилност и ќе обезбеди понатамошни реформи поврзани со тековната програма на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Македонија. Тоа ќе и помогне на Македонија и да напредува на нејзиниот европски пат, се додава во соопштението.

Обезбедувањето на оваа поддршка следува откако Еврокомисијата утврдила дека земјата ги исполни релевантните политички обврски договорени со ЕУ за ослободување на првата транша.

- Македонија постигна напредок во областа на јавните финансии со формирање на независен фискален совет и со зајакнување на управувањето со јавните инвестиции. За да ги подобри јавните приходи, Македонија усвои мерки за даночна политика кои ја прошируваат даночната основа. Владата, исто така, постигна дополнителен напредок кон формализирање на неформалната економија и презеде мерки за подобрување на енергетската ефикасност. На крајот, Владата го зајакна судството со нова Стратегија за реформи во правосудството, потенцира Европската комисија.

Инаку целокупната тековна операција за макрофинансиска помош за земјава е во вкупна вредност до 100 милиони евра во форма на заеми. По исплатата на оваа прва транша од 50 милиони евра, останува на располагање втора транша во истиот износ, чие ослободување ќе зависи од напредокот во имплементацијата на договорените услови.

Макрофинансиска помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ со земјите од соседството наменет како исклучителен инструмент на Унијата за одговор на кризи, кој им е достапен на државите опфатени со процесот на проширување, како и на земјите од поширокото европско соседството што имаат сериозни проблеми со платниот биланс.

Предлогот на ЕК за оваа операција на макрофинансиска помош за Македонија беше одобрен од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ на 12 јули минатата година. Севкупно, од 2020 година, па со се последните 50 милиони евра, ЕУ на земјава досега и исплати околу 210 милиони евра поддршка во рамки на макрофинансиската помош.

Во Калифорнија среде ноќ исчезна очувот на принцезата Татјана од Грција (ВИДЕО)

Очувот на принцезата Татјана од Грција (43) ненадејно исчезна среде ноќ во Малибу.

Како што објави „Дејлимејл“, Атиљо Брилембург (53) исчезнал во саботата, а последен пат бил виден во еден часот по полноќ. Носел сина кошула, сиви панталони и бил бос.

Властите ги повикаа сите кои можеби знаат нешто за неговото движење да се јават. Родениот њујорчанец, кој е поврзан со европските кралски членови, бил забележан недалеку од луксузен станбен комплекс. Тоа е ридско подрачје, кое што било слабо осветлено.

Околностите под кои исчезнал не се откриени. Полицијата навела дека станува збор за белец, висок 177 сантиметри, тежок околу 75 килограми, со седа коса, зелени очи и тетоважа на горниот дел од телото.

„Загрижени сме за господинот Брилембург“, се вели во соопштението од канцеларијата на шерифот.

Атилио Брилембург е очув на принцезата Татјана од Грција, член на грчкото и данското кралско семејство, која е родена во Венецуела. Полицијата изјавила дека тој повеќе нема никаква врска со кралското семејство. Принцезата Татјана од Грција е мажена за принцот Николај, син на Константин II, кој беше крал на Грција до укинувањето на монархијата во 1973 година.

Парот, кој се венчал во август 2010 година, минатиот месец објави дека се разведува. И покрај ова, Татјана најави дека ќе ја задржи титулата. На свадбата, која беше опишана како „Мама миа, со аристократи“, присуствувале претставници на кралските семејства на Холандија, Данска, Шведска и Шпанија.

Принцезата Татјана, чие полно име е Татјана Блатник, се занимава со пишување и филантропија. Таа пораснала во Швајцарија. Основач е на непрофитната организација „Дух“ која се занимава со подигање на свеста за менталното здравје.

Шок во Тирана: Тројца мажи киднапирале момче среде главниот плоштад и го силувале

Во Тирана денеска е киднапиран и силуван 20-годишен млад човек, соопшти полицијата, додавајќи дека сторителите се уапсени.

Невидениот настан се случил на плоштадот Скендербег во центарот на Тирана, каде Д.Б. (36), Е.Х. (31) и неименуван 19-годишен маж, насилно го зеле 20-годишникот и го силувале, пренесува VoxNews.

Сите тројца се уапсени, додека уште еден маж на 28-годишна возраст исто така е лишен од слобода бидејќи не го пријавил делото.

Се сомнева дека целиот настан се случил од банални мотиви.

Според полицијата, тројцата со употреба на насилство го киднапирале младиот човек.

Специјалисти за истрага на криминал од Полициска станица бр. 1, откако добиле пријава од дваесетгодишен маж дека тројца мажи му ја одзеле слободата, веднаш организирале нивно фаќање.

Материјалите се проследени до Обвинителството.

Алигатор од 4 метри „ненајавено посети“ училиште во Флорида (ВИДЕО)

Експерти за диви животни биле повикани во училиште во Флорида откако граѓани забележале алигатор како талка по патеката.

Локалната полиција набрзо пристигнала на местото на настанот. Било истакнато дека рептилот талка низ делот што секојдневно го користат децата, пренесува UPI.com.

На Инстаграм е објавено видео од фаќањето на импресивен алигатор од 3,8 метри.

„Надлежните служби беа на штрек додека не беше фатен, за да се обезбеди безбедност на граѓаните“, соопштено е.

Опасниот предатор е вратен во природното живеалиште, далеку од градското подрачје.

притисни ентер