Гир не коментира за злоупотребените 2,2 милиони евра што Македонија треба да ги врати

Националната агенција за Еразмус во Македонија да ги испорача сите препораки на ОЛАФ – вели евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

Иако не сакаше да ги коментира одлуките на Европската Комисија, сепак уверува дека и покрај истрагата во иднина нема да се намали буџетот за нови проекти во земјава финансирани од европски пари и очекува програмата да продолжи да функционира без проблеми.

-Во согласност со стандардните процедури не коментираме за истраги извршени од ОЛАФ, телото на Европската Унија за истражување измами. Иако очекуваме од агенцијата тука во Македонија да ги испорача разните препораки дадени од ОЛАФ за овој случај, продолжуваме да имаме доверба во Агенцијата и согласно на тоа, не ја намаливме висината на буџетот за „Еразмус“ програмата. Среќен сум што ќе кажам дека „Еразмус“ продолжува да работи во корист на младите, студентите и универзитетите во оваа земја.- Дејвид Гир – Евроамбасадор

Случајот вчера го обелодени директорот на националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓорѓиевски, кој посочи дека станува збор за проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмата Еразмус Плус, финансирани од Европската Комисија во периодот од 2016 до 2018 година. Поранешната директорка на агенцијата, Лидија Димова за „Фокус“ тврди дека во 2019 година поднела кривична пријава за проневера на средствата, но дека поранешни високи функционери и вршеле притисок да ја повлече истата.

-Во април 2020 година, од Владата ми беше доставен ‘поздрав’ со листа на проекти што требаше да ги ‘пуштам’. Во јуни 2020 година, тогашниот премиер Зоран Заев – во присуство на Нола Исмајлоска – од мене побара да ја повлечам кривичната пријава. Во октомври бев разрешена поради ‘неетичко однесување’ (прашајте го Љупчо Николовски што значи тоа), а во јули 2021 година Нола беше именувана за регионален координатор за ЕУ, се разбира, откако гласаше за промена на името на државата. Во следните неколку месеци новиот директор на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски, ги доисплати сите спорни проекти од шемата вредна 2,2 милиони евра.- Лидија Димова – Поранешна директорка на Еразмус

Во проверка на случајот покрај, ОЛАФ вклучено е и обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Од таму за Канал 5 велат дека активно се спроведува предистражна постапка, но дека засега не откриваат повеќе детали поради тајноста на постапката.

Хоспитализирани четири лица со голема кашлица, нови 27 случаи

 Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, што е намалување од 41,3 проценти, споредено со претходниот седмодневен период.

Од новозаболените, четири лица се хоспитализирани, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје - 20, а пријавени се заболени и во Битола - три, Куманово - две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје - 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.

Дистрибуцијата по пол покажува дека 254 лица се од машки, а 262 од женски пол.

- Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето - за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува, се додава во извештајот на ИЈЗ.

Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите - 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.

Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.

Лестер се врати во Премиер лигата

Фудбалерите на Лестер Сити се враќаат во англиската Премиер лига по поразот на својот конкурент Лидс Јунајтед во Лондон од Квинс Парк Ренџерс (0-4).

На две кола до крајот на сезоната во Чемпионшип лигата, Лестер обезбеди пласман на едно од првите две места, бидејќи е лидер на табелата со 94 бодови, четири повеќе од второпласираниот Лидс, кој има одиграно натпревар повеќе.

Третопласиран е Ипсвич со 89 бодови и натпревар помалку.

Минатата сезона Лестер испадна од елитната дивизија, а во 2016 година беше сензационален шампион на Англија.

Во Скопје санкционирани 105 возачи

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. 

На територија на град Скопје изречени се вкупно 105 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 13 санкции, 12 мерки за користење мобилен телефон при возење, пет санкции за некористење сигурносен појас, четири за брзо возење, три за минување на црвено светло...

Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Од полицијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот и заедно да се придонесе за посигурни патишта.

притисни ентер