Избори во Хрватска: По преброени 98 отсто од гласовите-ХДЗ има 60, а СДП 42 пратенички мандати

 Хрватската демократска заедница (ХДЗ) освои 60, а Социјалдемократската партија (СДП) 42 мандати на парламентарните избори во Хрватска одржани вчера, покажуваат податоците на Државната изборна комисија, по преброени 98 отсто од гласовите.

За формирање влада потребна е поддршка од најмалку 76 од вкупно 151 пратеник во Саборот.

Гласале 61,99 отсто од избирачите. Право на глас на изборите имаа околу 3,7 милиони луѓе, што е за 127.000 помалку од пред четири години.

Следи Движењето Татковина со 14 мандати, Мост со 11 мандати, а петти се „Можеме“ со 10 освоени пратенички мандати.

Истарското Демократско Собрание (ИДС) освои три мандати, независната платформа „Север“ освои две места, а коалицијата Фокус-Република освои еден мандат.

Премиерот на Хрватска и претседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ најави дека од дeнеска ќе започне разговори за формирање ново парламентарно мнозинство заради формирање на третата влада на ХДЗ.

„ХДЗ убедливо победи на парламентарните избори третпат по ред“, изјави Пленковиќ во изборниот штаб на ХДЗ во Загреб по парламентарните избори одржани вчера, на кои победи ХДЗ, но со недоволно гласови за самостојна влада. Пленковиќ оцени дека опозициската Социјалдемократска партија не заслужува да формира влада, туку тоа треба да го направи ХДЗ како победник на изборите.

Од друга страна, и претседателот на најголемата опозициска партија СДП, Пеѓа Грбин, најави дека од денеска ќе започне разговори за можна постизборна коалиција со партиите кои најавија дека нема да коалицираат со ХДЗ.

- Изборните резултати не се онакви какви што посакувавме, но покажаа дека граѓаните на Хрватска сакаат промени и дека не се задоволни од она што се случува во Хрватска, истакна Грбин во изборниот штаб на СДП во Загреб.

Грбин рече дека на Хрватска и претстојат денови, недели, а можеби и месеци на разговори за формирање влада. - Тие разговори ќе завршат добро, со промена што ќе ја направи Хрватска подобра земја, земја без корупција која се грижи за својот народ, рече Грбин.

Кандидат за премиер на СДП е претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, поранешен лидер на таа партија. Тој не беше на листата на СДП, бидејќи Уставниот суд му забрани да го стори тоа, со оглед на тоа што претходно не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.

Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, денот на трудот

СДСМ секогаш била на страната на работниците.

„СДСМ како единствена авентична социјалдемократска партија секогаш била на страната на работниците, а нашите социјалдемократските политики ги заштитија граѓаните и ја спасија земјата од колапс за време на кризите во изминатите години“, изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот Првомајски пикник што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој потенцираше дека за време на владеењето на СДСМ значително се унапредиле работничките права и се подобрил животниот стандард на граѓаните.

„СДСМ е партијата која обезбеди повисока минимална плата за работниците и постави методологија за сигурен и континуиран раст што денес резултира со минимална плата од 22.500 денари. Нешто што беше незамисливо до пред само седум години. Незамисливо беше затоа што претходната власт на ДПМНЕ ги третираше и продаваше нашите работници низ светот како евтина работна сила. Верувале или не, со тоа привлекуваа инвестиции“, рече Ковачевски.

Ковачевски потсети дека токму СДСМ е партијата која обезбеди недела да биде неработен ден и ги зголеми пензиите и платите во суштинските сектори како здравство, образование и безбедност. Никого не оставивме сам да се бори со последиците од кризата, водејќи се од принципите на солидарност и правда, истакна Ковачевски.

„Кога ги носевме антикризните мерки, ние решивме да се однесуваме одговорно. Правилно го распределивме ограничениот буџет и ги вративме парите кај граѓаните кога беше најпотребно. Обезбедивме 2,6 милијарди евра за поддршка на граѓаните и стопанството со што го заштитивме животниот стандард и достоинството на граѓаните, но и ги зачувавме работните места.“

Лидерот на СДСМ на сите граѓани на Македонија им го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот и најави дека партијата останува верен сојузник и поддржувач на работниците.

Зградата на Еврокомисијата осветлена во чест на 20-годишнината од големото проширување на ЕУ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок. 

Палатата „Берлемон“ во Брисел во која се наоѓа седиштето на Европската комисија минатата ноќ беше осветлена во чест на 20-годишнината од т.н. големо проширување на ЕУ, кога на 1 мај 2004 година во членство во Унијата беа примени 10 земји од Источна Европа.

- Со проширувањето во 2004 година, ЕУ стана поголем политички, економски и културен ентитет, создавајќи повеќе можности за граѓаните низ нашата Унија, наведе Европската комисија во објава на Икс.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пак, потенцира дека со одбележувањето на 20 години од зголемувањето на европското семејство, ЕУ слави и две децении единство и напредок.

- Историското проширување во 2004 година донесе нови можности и поголем просперитет за граѓаните низ нашата Унија, објави Фон дер Лајен на Икс.

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел пак оцени дека со проширувањето во 2004 година го означи и повторното обединување на поделениот континент.

На 1 мај 2004 година во членство во ЕУ беа примени Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка, со што Унијата од дотогашните 15 се зголеми на 25 члена, поради што приемот на овие 10 членки уште се нарекува и големо проширување. /МИА

Првомајски штрајк и протести во Грција

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите.

Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе биде без вести и информативни емисии.

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. /МИА

притисни ентер