Јанкоски од Народната банка: Работиме на нова регулатива за јакнење на киберотпорноста

Народната банка постојано работи на унапредување на регулативата за осигурување на дигиталната отпорност во финансискиот сектор. 

Започнати се активности за усогласување на домашната регулатива со европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност (англ. Digital Operational Resilience Act − DORA), со што ќе се воспостават унифицирани стандарди за заштита, пријавување и справување со сигурносните инциденти, обезбедување непрекинатост во работењето, поголема контрола на надворешните лица кои обезбедуваат важни оперативни функции и засилена комуникација и координација на сите институции во финансискиот сектор на нашата држава, пишува Горан Јанкоски, главниот супервизор за информациските системи на Народната банка во колумна за билтенот на Македонската банкарска асоцијација.

Јанкоски наведува дека дигиталната отпорност се дефинира како способност за заштита, справување и брзо обновување на деловните процеси на финансиската институција од настани коишто може да предизвикаат нивен прекин. „Законот треба да обезбеди поддршка на процесот на дигитална трансформација, правилна примена на новата технологија и поттикнување на иновативноста во новото време на дигитални финансии. Народната банка во моментов подготвува нова Одлука за Методологија за сигурноста на информативниот систем, усогласена со насоките на Европскиот банкарски орган (ЕБА) за управување со ризиците поврзани со сигурноста. Оваа одлука би била вовед во активностите за подготовка и воведување нов закон за унапредување на дигиталната оперативна отпорност во финансискиот сектор, усогласен со ДОРА“, посочува Јанкоски.

Клучните области коишто се опфатени со Законот за дигиталната оперативна отпорност се управувањето со ИТ-ризикот, управувањето со ризикот од пренесување на извршувањето оперативни функции или услуги од надворешни лица и нивен надзор, тестирањето на дигиталната отпорност, управувањето со ИТ-инциденти, споделувањето (размена) информации итн. „Законот создава регулативна рамка и воведува стандардизирани и хармонизирани принципи за заштита од заканите од дигиталниот простор, коишто треба да бидат исполнети од институциите во финансискиот сектор со примена на потребните контроли за заштита, соодветно управување со сигурносните инциденти и нивно пријавување до надлежните тела во земјата и ЕУ. Како новитет се воведува барањето за спроведување тестирање на дигиталната отпорност, во согласност со кое финансиските институции треба да спроведуваат редовни тестирања на своите ИТ-системи и услуги, за што треба да се известат и регулаторните органи. Исто така, со Законот се воспоставува рамка за соработка и комуникација помеѓу институциите во секторот, домашните и меѓународни надлежни тела и други учесници со цел да се унапреди оперативната отпорност“, пишува Јанкоски.

Поради засиленото присуство на банките на современите канали, дигитализацијата на банкарските производи и услуги и постојаниот пораст на ризиците поврзани со заканите во дигиталниот простор почнувајќи од 2003 година, Народната банка активно работеше на дефинирање на потребната регулатива во подрачјето, којашто постојано се надградува во согласност со најдобрите стандарди и практики на ЕУ.

Најстудено на Попова Шапка, најмногу дожд во Крушево

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка.

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка. Следат Лазарополе со 6 степени, 7 во Крушево, 8 Маврови Анови, 9 Берово, Претор, 10 Крива Паланка, Охрид, 11 Прилеп, Виница, Битола, Тетово, 12 Скопје-Зајчев Рид Кавадарци, Штип, Струмица, Куманово, Велес, Дојран, 13 Скопје-Петровец и 14 степени во Демир Капија и Гевгелија.

Најмногуи наврнат воден талог за изминатите 24 часа до 08 часот има во Крушево- 17 л/м2, потоа 10 во Скопје кај Петровец и во Битола, 9 во Прилеп, 7 Крива Паланка, Пожаране, 6 Кавадарци, Куманово, 5 Велес, Берово, Лазарополе, Попова Шапка, 4 Скопје-Зајчев Рид, Тетово , 3 Охрид, Пожар, 2 Дојран, Тополчани, Маврови Анови, Претор и 1 л/м2 во Штип, Демир Капија и во Гевгелија.

Количините на врнежи, се наведува, се од дождомерните места на УХМР и локално количината на воден талог може да варира и да биде поголема од измерената.

Времето денеска променливо облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни и поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20 степени.

Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 18 степени.

Пред Уставниот суд оспорените одредби на законите за платите на судиите и на членовите на СС

Пред Уставниот суд оспорените одредби на законите за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет.

Оспорените одредби на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет за намалување на коефициентот за утврдување на платите на судиите кои Собранието ги донесе на 29 февруари годинава се меѓу предметите за расправа на денешната седница на Уставниот суд.

На дневен ред на седницата се вкупно седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и три предлози за одлучување по предмети со нацрт-одлуки, односно предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата.

Подносители на иницијативите за оспорените законски измени се Судски совет на Република Македонија, преку претседателка Весна Дамева и Здружение на судиите на Република Македонија, преку претседателот Џемали Саити

-Судскиот совет на Република Македонија наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку правно недозволено намалување на платите на судиите како носители на судската власт и на членовите на Судскиот совет кој е орган што ја гарантира независноста на судската власт, пренесува наводи од иницијативата Уставниот суд.

Во иницијативите, дополнува Судот, се наведува дека уставно-правната положба на судовите и на Судскиот совет е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на судиите (коефициентите кои се движеле од 2.8 до 3.7 сега се намалени во распон од 2.43 до 3.21), односно коефициенот за пресметка на платата на членовите на Судскиот совет (коефициентите од 4 за претседател на Судскиот совет, односно 3.7 за заменик претседател и за член на Судскиот совет сега се намалени на 3.47 односно 3.21).

- Преку намалување на коефициентите што претставуваат параметар за пресметување на платата на судиите и на членовите на Судскиот совет правно и фактички се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година, со што се спречувало законското право на усогласување на платата согласно постојните правила за нејзино пресметување, се наведува во иницијативата.

Во Кисела Вода запален службениот автомобилот на директорот на затворот Идризово

На 15.05.2024 околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на КПУЗ Идризово.

Министерсвото за внатрешни работи утрово информира дека денеска околу 03.35 часот во Полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.. Од пожарот бил зафатен дел и од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението од МВР.

притисни ентер