Комплетирани финалните пресметки во Лига Европа и Конференциската лига, Баер испишува историја

Баер Леверкузен ја продолжи својата неверојатна серија без пораз откако синоќа одигра 2:2 против Рома во реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на Европа и со тоа се пласираше во финалето. 

Противник на германскиот клуб во битката за трофејот ќе биде Аталанта која со вкупен резултат од 4-1 го елиминираше Олимпик Марсеј.

Клубот од Леверкузен имаше 2:0 од првата средба во Рим, но Рома на реваншот водеше со идентични 2:0 до 82. минута. Сепак, тимот предводен од Чаби Алонсо остана непоразен со автоголот на Манчини (82) и погодокот на Станишиќ (90+7).

Ова беше 49. натпревар по ред сезонава на кој Баер не загуби и еден од многуте на кои се спасуваше во последните моменти од натпреварот.

Избраниците на Чаби Алонсо постигнаа 136 голови на 49 натпревари оваа сезона, ја освоија Бундеслигата, а стигнаа до финалето во Лига Европа и Купот на Германија.

Баер го делат уште само четири натпревари до историска сезона без пораз.

„Среќни сме што стигнавме до финалето. За една недела ќе играме две финалиња. Покажавме карактер по нивниот втор гол, ги погледнав играчите во очи после тоа и видов дека сакаат повеќе. Имаме уште шанса да освоиме три титули и моите момци тоа го заслужуваат“, изјави Чаби Алонсо по натпреварот.

Финалето меѓу Баер и Аталанта ќе се игра во Даблин на 22 мај.

Во финалето на третото по ранг европско клупско натпреварување, Лигата на конференции, ќе играат Олимпијакос и Фиорентина.

Грчкиот клуб со вкупен резултат 6-2 ја елиминираше Астон Вила, додека клубот од Фиренца беше поуспешен во полуфиналната пресметка против Клуб Бриж со вкупни 4-3.

Финалето е на програмата на 29 мај во Атина.

Бекам се пофали со ново хоби, фановите воодушевени: И кокошките ти се убави (ВИДЕО)

Дејвид Бекам се пофали со своето ново хоби на Инстаграм и ги насмеа обожавателите.

Поранешниот фудбалер поставил кокошарник на својот имот вреден 7 милиони евра, каде живее со сопругата Викторија.

„Добро утро“, напиша тој заедно со видеото на кое се шета низ градината со кокошки и петел што го следат, што ги насмеа фановите.

Видеото собра дури 3,1 милион лајкови и бројни коментари.

„Дури и твоите кокошки изгледаат добро“, напишал еден фан, а многу фанови се согласија.

Инаку, Дејвид и Викторија почнаа да се занимаваат со органско земјоделство за време на пандемијата, а освен кокошки имаат и овци и произведуваат мед.

Богатството на кралот Чарлс III е зголемено за 10 милиони фунти, но премиерот Сунак е побогат

Личното богатство на британскиот крал Чарлс Трети се зголемило за десет милиони и сега изнесува вкупно 610 милиони фунти.

Како што објави „Дејлимејл“, кралот Чарлс Трети сега е побогат од неговата мајка кралицата Елизабета Втора, чиј личен имот бил проценет на 370 милиони евра.

Кралот, кој ја презеде функцијата пред неполни две години, моментално се наоѓа на 258. место на листата на најбогати луѓе во Велика Британија. Минатата година Чарлс III беше на 263-то место на оваа листа. Британскиот монарх го зголемил своето богатство благодарение на растот на вредноста на недвижниот имот што го поседува, а претходно ѝ припаѓаше на кралицата Елизабета Втора.

Списокот на имоти на кралот Чарлс III ги вклучува само неговите лични имоти, а не и оние што ги поседува кралското семејство. Потсетуваме дека британската кралица Елизабета Втора почина на 8 септември 2022 година.

Таа на тронот помина 70 години и 214 дена. Таа е вториот монарх во светот со најдолго владеење во историјата по францускиот владетел Луј XIV, кој на тронот поминал 72 години и 110 дена.

Интересно е што кралот Чарлс не е најбогат меѓу јавните личности, односно оние кои се занимаваат со државни работи. Британскиот премиер Риши Сунак и неговата сопруга Акшата Мути заработија нови 120 милиони фунти во последната година. Вредноста на нивното богатство се проценува на 651 милион фунти.

Шоу во тајванскиот парламент- пратеник го украде законот, сите го бркаат, снимката е хит(ВИДЕО)

Тајвански пратеник стана хит на социјалните мрежи откако се обиде да го спречи усвојувањето на закон на бизарен начин: го грабна законот и истрча од Претставничкиот дом.

Инцидентот се случил денеска, непосредно пред новоизбраниот претседател Лаи Чинг-те да ја преземе функцијата, пренесе Јутарњи лист.

Утринската седница веќе била напната, пратениците викаа и се туркаа, уште пред да се донесе законот. Ситуацијата ескалирала кога пратеникот, кој го добил прекарот „Бил бандит“ го грабнал законот и истрчал кон излезот, додека останатите го бркале.

Видеото споделено на социјалната мрежа Х, собра повеќе од девет милиони прегледи, а во коментарите има и шеги на сметка на пратеникот.

„Тој ги зеде работите во свои раце! Вакви ситуации гледаме само во филмовите“, напишал еден во коментар, додека други шпекулираат дека Тајван ги произведува повеќето компјутерски чипови во светот, но судејќи според видеото, можеби немаат фотокопири.

притисни ентер