Ковачевски: Имаме план за економијата, инвестиции од 3,5 милијарди евра

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски на денешниот настан под мото „Нема откажување од иднината“ се осврна на економијата и бизнис секторот при што кажа дека: „Во изминатите седум години се случија многу работи. Имаше подеми, падови, големи проблеми, предизвици. Се соочивме со КОВИД пандемијата, а потоа и со економската и енергетската криза предизвикани од војната во Украина.“

„Дадовме се од себе за да им помогнеме на граѓаните и на компаниите да ја пребродат кризата без посериозни последици. Донесовме девет пакети антикризни мерки вредни 2,6 милијарди долари за да го заштитиме стандардот на граѓаните. Благодарение на тоа беа спасени 80.000 работни места во околу 20.000 компании. Им помогнавме на над 660.000 домаќинства да не се соочат со ценовен шок со сметките за струја.“ – истакна Ковачевски во своето обраќање.

Ковачевски подвлече и дека: „Обезбедивме рекордна поддршка за домашните компании од 100 милиони евра за 919 македонски, домашни компании. Поддршка која во минатото воопшто не постоеше.“

Тој нагласи дека: „Компаниите ќе добијат нови 180 милиони евра директна финансиска поддршка, а јавните капитални инвестиции ќе се на ниво од 3,5 милијарди евра.“ - и додаде: „Го подготвуваме најголемиот и најамбициозен план во независна Македонија за модернизација на инфраструктурата. Ќе инвестираме 2,7 милијарди евра, а ќе се изградат 194 километри нови автопати и реконструкција на вкупно 950 километри патишта во сите делови и општини на државата.“

„Енергетската трансформација започна во мојот мандат, и во тие кратки две години обезбедивме над 600 мегавати инсталиран капацитет енергија од обновливи извори, наспроти 16те мегавати до 2016тата.“ – додаде Ковачевски.

“Државните енергетски компании ги даваме во рацете на граѓаните, а го зголемуваме и домашното производство на енергија за 70%, за да можеме целосно да ги покриеме домашните потреби. 100 процентно ќе го зголемиме инсталираниот капацитет на енергија од обновливи извори.“ – рече претседателот на СДСМ, Ковачевски на денот на почетокот на кампањата за претстојните парламентарни избори, се наведува во партиското соопштение.

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

Тухел го критикуваше Ким за примените головите на дуелот со Реал

„Беше премногу алчен и агресивен“.

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел го посочи Ким Мин за неговиот настап на натпреварот против Реал Мадрид.

Баерн вчеравечер одигра нерешено со мадридскиот клуб во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите (2:2).

- Тој двапати беше премногу алчен. При првиот гол против Винисиус премногу рано тргна во дуел па Тони Крос го искористи тоа со додавање. Вториот гол – за жал, тоа беше уште една негова грешка. Ние бевме петмина тие двајца. Немаше потреба да се брани толку агресивно против Родриго и без потреба направи пенал. Токму кога Ерик Дајер сакаше да помогне, Ким го фаулира Родриго. За жал, со оглед на квалитетот на противникот, овие грешки се казнуваат. Но, мораме да продолжиме понатаму, рече Тухел.

Реваншот во Мадрид е закажан за 8 мај. /МИА

Блинкен го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош меѓу Израел и Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош од Израел до Појасот Газа.

За време на посетата на Блинкен, десетина камиони чекаа да влезат во Појасот Газа додека неколку израелски тенкови беа паркирани во близина.

Посетата на американскиот државен секретар доаѓа во момент кога Израел изрази намера да изврши копнен напад врз Рафа, град на неколку километри од Керем Шалом, кој сега е дом на околу 1,5 милиони Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната. /МИА

притисни ентер