Ковачевски: Никогаш повторно режим, не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски денеска на својот профил на Фејсбук напиша дека 27 април е најцрниот датум во историјата на нашата демократија потенцирајќи дека како што тие не се откажале од овој ден, така нема да се откажат и од 8 мај.

- Никогаш да не ги заборавиме сликите од крвавиот четврток, сликите на насилниците поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ кои извршија упад во Собранието, се обидоа да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, кои сакаа да да го урнат уставниот поредок. На 27 април пред седум години, се виде до каде може да одат поделбите и омразата, желбата за пресметка со сите оние кои мислат поинаку. Овој датум е потсетник колку лесно опасна, десничарска власт може да ја уништи стабилноста и демократијата, да ја уназади државата. Тогаш не се откажавме од борбата за подобра иднина на граѓаните, за слободна и демократска држава. Нема да се откажеме ниту сега. СДСМ е партија направена од цврст материјал и секогаш на вистинската страна од историјата. Како што не се откажавме на 27 април, нема да се откажеме ниту на 8 мај. Никогаш повторно режим, напиша претседателот на СДСМ Ковачевски на Фејсбук.

Симулација на полагање на државна матура во две средни училишта во Штип

Во две средни училишта во Штип денеска се реализираше симулација на полагање на државна матура за матурантите, кои на 1 и 8 јуни официјално ќе полагаат државна матура.

Снежана Санева, раководител на Секторот за образование во Општина Штип, изјави дека симулацијата ја прават по анкетирањето на повеќе од 100 матуранти, кои над 90 проценти одговориле дека сакаат да имаат пробно тестирање и да бидат дел од симуалцијата, со цел да видат како тече процесот, но и да го надминат стресот.

Во четирите средни општински училишта во Штип над 500 матуранти ќе полагаат матура во јуни.

-Овој проект првпат го реализираме годинава и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина. Целта беше да се подготват учениците за полесно да го поминат тестот на државната матура, рече Санева.

Според директорката на Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева, од досегашните искуства самиот чин на полагање на државна матура предизвикува стрес кај учениците.

-Се случувало во минатото некој ученик да се соочи со здравствени проблеми пред полагањето на матурата или на самиот чин на полагање на матурата. Се случувало одлични ученици, коишто сметаат дека ги знаат одговорите, при брзање да направат грешки. Исто така, имаше и примери кога ученици го решиле тестот, меѓутоа не го пренеле на дополнителниот лист што е за одговори. Нашето училиште ја прифати идејата на општината бидејќи, на некој начин, ние ќе им го доближиме чинот на полагање на матурата, истакна Шалева.

Учениците коишто денеска беа дел од симулацијата на полагање на државната матура велат дека на овој начин можат да видат како се полагаат тестовите кои им се важни за да се запишат на некој од факултетите.

Симулацијата беше организирана во регионалниот електро-машински центар „Коле Нехтенин“ и во регионалното медицинско училиште „Јане Сандански“.

Индиските трупи ги напуштија Малдивите

 По барање од Малдивите, Индија целосно ги повлече своите трупи од архипелагот во Индискиот Океан, јави ДПА.

Портпаролката на претседателот на Малдивите Мохамед Муицу денеска го потврди потегот, јави локалната медиумска групација Сан.

Индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар претходно изјави дека војниците биле заменети со цивилен персонал од Индија.

Индиските војници беа стационирани на Малдивите, земја со тропски острови и атоли југозападно од Шри Ланка и Индија, од 2010 година.

Тие помагаа да се надгледува огромната морска област за нелегален риболов и шверц на дрога, а исто така помогнаа во транспортот на пациентите од оддалечените острови до болниците. Обезбедувањето поддршка во случај на катастрофи исто така беше дел од нивната мисија.

Малдивите традиционално потпаѓаат во сферата на влијание на Индија, иако Кина се повеќе бара пристап до стратешки важниот архипелаг на Индискиот Океан, пренесува ДПА.

Односите меѓу Индија и Малдивите се затегнати подолго време.

Муицу водеше кампања со ветување дека ќе го намали влијанието на Њу Делхи во корист на поголема улога на Пекинг и се обиде да стави крај на военото присуство на Индија.

Во исто време, тој ги интензивираше односите на неговата земја со Кина.

Малдивите се дел од кинеската инфраструктура и инвестициска иницијатива „Појас и пат“, но добиваат и развојна помош од Индија.

Град Скопје: Реакција и демант на изјава на Талат Џафери

Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. 

На денешната прес конференција во Влада, ВД премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати, лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада.

Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од ВД премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува.

ЈП “Паркови и зеленило” ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија.

Град Скопје

притисни ентер