Мадона на Копакабана ќе настапи пред 1,5 милиони луѓе за финале на големата турнеја

Планетарна ѕвезда, град од соништата, легендарна плажа. Вечерва Мадона ќе се појави пред обожавателите во Рио де Жанеиро на монументален и бесплатен концерт на плажата Копакабана.

На најголемиот концерт во кариерата на поп-кралицата се очекуваат околу 1,5 милиони луѓе. На 65-годишна возраст, американската поп-ѕвезда на тој начин со голем стил ќе ја затвори турнејата The Celebration Tour, одбележувајќи 40-годишна кариера.

На крајот на убавиот есенски ден обележан со летни температури, во самракот ќе светне најголемиот подиум за танцување на светот со настап на неколку диџеи. Нешто пред 22:00 часот (3 часа по средноевропско време) Мадона ќе пешачи директно до плажата и сцената преку мост, поставен специјално за оваа прилика.

По 80 концерти во Европа, Северна Америка и Мексико, настапот во Рио ќе биде големото финале. Атмосферата покрај плажата е празнична и потсетува на опуштената атмосфера на карневалот во Рио. Две јавни проби, во четвртокот и петокот навечер, привлекоа голем број фанови.

Мадона пристигна со три авиони и 270 тони опрема, а нејзиниот концерт ќе донесе околу 53 милиони евра за локалната економија, пресметале градските власти.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

Во поплавите во централен Авганистан загинаа најмалку 50 луѓе

Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите што го погодија централниот дел на Авганистан, соопштија локалните власти.

Претставникот на авганистанската провинција Гор, Мавлави Абдул Хаи Заем изјави дека сè уште нема податоци колку луѓе се повредени во надојдената вода.

Тој информираше дека во поплавите целосно се уништени 2.000 куќи, а двојно повеќе се делумно оштетени.

Под вода се над 2.000 продавници во главниот град на провинцијата Гор, Фероз Кох. /МИА

Северна Кореја тестираше тактички балистички ракети со нов систем за наведување

Северна Кореја денеска потврди дека вчера тестирала балистичка ракета со нов систем за наведување, а на тестот присуствувал и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

- Ким изрази задоволство по повод успешното тестирање на ракетата, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Јужнокорејската армија вчера соопшти дека Северна Кореја лансирала повеќе балистички проектили со краток дострел кон Источно Море.

Тестирањето се случи само еден ден откако САД и Јужна Кореја имаа заедничка вежба со стелт борбени авиони при што се симулираше борба во воздух. /МИА

притисни ентер