Медиуми: Ливерпул и Феенорд се договорија, Слот нов тренер на премиерлигашот

Тренерот на холандски Феенорд, Арне Слот, ќе го предводи Ливерпул од следната сезона, пренесуваат англиските медиуми, наведувајќи оти е постигнат договор меѓу двете клупски раководства.

Слот на клупата на Ливерпул ќе го наследи Јирген Клоп, кој во јануари објави дека заминува од премиерлигашот на крајот на актуелната сезона.

Феенорд се согласил на отштета од 9,4 милиони фунти, а пред потпишувањето на договорот останува да се договорат деталите од соработката меѓу Слот и Ливерпул, објави Би-Би-Си.

Слот минатата сезона со Феенорд го освои холандскиот шампионат, а оваа сезона го освои холандскиот куп.

Англиските медиуми објавија дека клучните причини за изборот на Слот за нов тренер на Ливерпул се неговиот напаѓачки стил на игра и неговата способност да развива играчи.

Деветмина загинати во Кина при судир на камион со патничко комбе

Девет лица загинаа, а две се повредени утринава во судир на камион и патничко комбе на автопат во северозападна Кина.

Повредените се во стабилна состојба, јавија кинеските медиуми.

Возачот на комбето е меѓу загинатите, додека возачот на камионот добил итна медицинска помош, изјави кинески претставник.

Снимките од локалните медиуми покажуваат дека предниот дел на комбето е целосно уништен.

Властите соопштија дека се истражуваат причините за несреќата, пренесе ABC News.

Гитарист на легендарна група падна од сцената среде концерт- сепак се снајде (ВИДЕО)

Мајк Мекреди од групата Pearl Jam неодамна падна од сцената додека настапуваше со бендот, но по падот реагираше како професионалец и продолжи да свири на гитарата.

Тоа се случило на 4 мај, кога познатиот бенд, предводен од познатиот Еди Ведер, имаше концерт во Ванкувер.

За време на изведбата на „Porch“, 17-та песна на вечерта, Мекреди се лизна додека имаше свое соло. Тој паднал и додека бил на земја реагирал како професионалец и продолжил да свири на гитара, пишува NME.

Бангладеш: Во удари од гром загинаа 74 луѓе за 38 дена

Најмалку 74 луѓе, од кои 35 земјоделци, загинаа од удари на гром во изминатите 38 дена во Бангладеш, а експертите посочуваат на влијанието на климатските промени како главна причина за ваквите инциденти.

Според извештајот објавен денеска од Save the Society и Thunderstorm Awareness Forum, 43 луѓе загинале од гром во текот на осум дена во мај, а 31 лице во април.

За еден ден во мај од гром загинаа 11 лица, а деветмина беа повредени.

„Во текот на изминатата деценија до 2021 година, громови убија најмалку 2.800 луѓе во Бангладеш“, покажуваат официјалните податоци. Оваа земја, како делта држава опкружена со Бенгалскиот Залив, доживува сè почести и смртоносни удари од гром.

Експертите велат дека ова очигледно се должи на климатските промени.

Кабирул Башар, претседател на Форумот и професор на Универзитетот Јахангирнагар, рече дека идентификувале две причини за зголемување на ударите на гром - зголеменото влијание на глобалното затоплување и сечата на дрвјата во руралните делови на Бангладеш, особено високите дрвја во полињата во Бангладеш.

Според Обединетите нации, во Бангладеш годишно се регистрираат просечно 300 смртни случаи предизвикани од грмотевици.

Овој април, Бангладеш го доживеа најдолгиот топлотен бран досега од 1948 година и првпат речиси 75 до 80 отсто од земјата доживеа континуирани топлотни бранови.

притисни ентер