Мицкоски: До 28 мај има можност коалицијата „Твоја Македонија“ да консолидира 61 пратеник

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува до 28 мај да биде формиран новиот парламент и најавува дека до тој термин има можност ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ да консолидира 61 пратеник.

-Веќе има најави од новите пратеници кои планираат да ја поддржат новата влада. Очекувам до 28 мај да консолидирам како претседател на партијата 61 пратеник. Вие споменавте 58 пратеници или нешто повеќе од 436.000 гласови нешто што до сега е не запаметено на толкава излезеност и на толкав процент на освоени гласови од позиција на опозиција. И ценам дека овој историски резултат можеби многу тешко понатаму би се повторил, рече Мицкоски вечерва во емисијата „Само интервју“ за Канал 5.

Тој повторно потврди дека коалицијата Вреди ќе биде нивниот главен коалициски партнер, која ја оцени како вистински претставник на албанската заедница во земјава, и додаде дека во идната влада се добредојдени сите кои ќе ја почитуваат предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

- Со освојување на 107.000 гласа, коалицијата ВРЕДИ го потврди својот кредибилитет за да бидат кредибилен партнер на идната влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. На секого ќе му дадеме шанса иако не очекувам ДУИ да ги прифати новите политики на владата. Ахмети се опкружи со погрешни луѓе затоа негова одговорност е да оди во опозиција. Сепак, потребни ни се 80 пратеници во Парламентот за системски реформи и затоа секому ќе му дадеме шанса, рече Мицкоски.

Најави дека демографијата и фертилитетот ќе бидат голем предизвик за новата влада и порача дека ќе се реформираат министерствата и ќе има префрлање на надлежности од едно во друго министерство, како и дека повеќе нема да има министри без ресор.

Утре, како што кажа, ќе има средба со коалициските партнери од „Твоја Македонија“ на која ќе ги слушне и нивните мислења и предлози за идната коалициска влада.

- Неформални комуникации со потенцијалниот коалициски партнер Вреди постојат и сега, но најпрво треба да имаме средби со коалицијата „Твоја Македонија“ и да одбереме луѓе кои ќе преговараат, а за нив треба одобрение да ни дадат и органите на партијата, посочи Мицкоски и додаде дека не сака да води преговори под притисок и ултиматум, туку со дијалог и аргументи.

Нагласи дека тој е првиот што сака да ја види земјава во ЕУ, но додаде дека не прифаќа ултиматуми со кои, како што рече, македонскиот народ ќе ги плаќа грешките на некои неразумни политичари.

-Мора да покажеме карактер ако сакаме да не почитуваат, а не да бидеме потчинети, потенцира Мицкоски.

Вооружени напаѓачи пукале во фудбалери ан Марсеј- сакале да им ги украдат автомобилите

Фудбалерите на Марсеј, Бамо Меите (22), Фарис Мумбањ (23) и Жан Онана (24) биле жртви на обид за вооружен грабеж при враќањето дома по победата во лигата против Ле Авр (2:1).

Маскирани и вооружени напаѓачи ги пресретнале на излезот од тренинг центарот на клубот и се обиделе да им ги земат автомобилите.

Триото од Марсеј се обидело да побегне со своите автомобили, а потоа напаѓачите почнале да пукаат кон нив. За среќа никој не е повреден, повеќето куршуми ги промашиле не само играчите туку и болидите. Полицијата при вештачењето пронашла две дупки на возачката врата на едното возило и една дупка во багажникот на другото.

Обвинителството во Марсеј нареди истрага, а по непознатите напаѓачи се уште се трага. Да потсетиме, фудбалерите на Марсеј непосредно пред нападот завршија многу слаба сезона за својот клуб. Нивната позиција во шампионатот не обезбеди настап во Европа следната сезона, заостануваа само еден бод зад Ленс, кој ќе игра квалификации за Конференциската лига.

„Гугл“ ќе вложи една милијарда евра во проширување на центарот за податоци во Финска

„Алфабет“, матичната компанија на американската технолошка корпорација „Гугл“, денеска најави дека ќе вложи една милијарда евра во проширувањето на главниот центар за податоци во Финска.

Главната причина за проширувањето е лесниот пристап до зелената енергија на локацијата Хамина, јужна Финска. Претходно „Гугл“ се обврза дека до крајот на деценијата сите канцеларии и центри за податоци ќе се напојуваат од обновливи извори на енергија.

„Гугл“ исто така планира да работи со локална комунална компанија и вишокот топлина од центарот за податоци да го пренасочи во системот за загревање на домаќинствата во Финска.

Израелските лидери ја осудија одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Израелските лидери ја осудија одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да бара налог за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

Израелскиот министер за финансии Безалел Смотич рече дека сите Израелци треба да се чувствуваат како да е распишана потерница против нив и ги повика пријателските земји да преземат акција за распуштање на МКС.

Одлуката на МКС ја нарече „приказ на лицемерие и омраза кон Евреите“ што, како што тврди, наликува на нацистичка пропаганда.

Лидерот на опозицијата Жаир Лапид изјавата на МКС ја окарактеризира како „катастрофа“ и рече дека се надева оти Конгресот на САД ќе интервенира во ова прашање.

Министерот Бени Ганц ја осуди одлуката на МКС, нарекувајќи ја „злосторство од историски размери“, пренесува Ројтерс.

„Споредувањето на решеноста на лидерите на една демократска држава да се бранат од теророт на крволочната терористичка организација (Хамас) е длабоко кршење на правдата и очигледен морален банкрот“, рече Ганц.

Претходно денеска МКС побара потерница за Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галант за наводни воени злосторства, како и за апсење на лидерот на Хамас.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, рече дека Нетанјаху и Галант се обвинети за „поттикнување истребување, поттикнување гладување како метод на војна, вклучително и негирање на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.

Лидерите на Хамас, Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије се обвинети за истребување, убиства, земање заложници, силување и сексуален напад.

притисни ентер