Митрески - Бомгартнер: Македонија и Франција имаат одлични односи

Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска остварил средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Сирил Бомгартнер, соопшти собраниската прес-служба.

Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, претседателот Митрески ја констатирал одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.

Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се согласил со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздравил средбите на парламентарци од Собранието на Република Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.

Амбасадорот Бомгартнер, како што стои во соопштението, информирал за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.

- Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на месецот март - месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција, се вели во соопштението од Собранието.

Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Била изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји.

Киев: Русија ја нападна енергетската инфраструктура во три украински региони

Руските вооружени сили денеска ја нападнаа енергетската инфраструктура во три украински региони, соопшти украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко.

Нападнати се објекти во областите Дњепропетровск, Ивано-Франковск и Лавов.

Халушченко информираше дека во нападот е оштетена енергетската опрема, а најмалку еден работник е повреден.

Тој на својот канал во апликацијата „Телеграм“ напиша дека сега се откстрануваат последиците од нападот.

Одбележување на Европската недела на имунизација во Градски парк во Скопје

 Под мотото „Заштитуваме генерации“, со детските ликови „Биби и Боби“ и детска балетска претстава, денеска во  Градскиот парк во Скопје, на отворената сцена „Школка“, ќе биде одбележана Европската недела на имунизација.

На настанот организиран од Министерството за здравство, заедно со Институт за јавно здравје, СЗО и УНИЦЕФ, поддржани од УСАИД и ЕУ, обраќања ќе имаат евроамбасадорот Дејвид Гир, специјалната претставничка на СЗО д-р Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ д-р Патриција ди Џовани и претставник од Министерство за здравство.

- Заедно да ја подигнеме свесноста за важноста на имунизацијата, како значаен сегмент за градење колективен имунитет, спречување епидемии и обезбедување здрави поколенија, истакнуваат од Министерство за здравство.

Кикбоксерот Бобан Илиоски светски првак во ВАКО ПРО

 Најдобриот македонски кикбоксер Бобан Илиоски е нов светски професионален првак во кикбокс на ВАКО ПРО во дисциплината К1, до 88,6 кг, откако синоќа во борба за титулата го совлада Берк Дузенли од Турција.

Бодрен во СЦ „Јане Сандански“ од домашната публика и навивачката група „Комити“, Илиоски го совлада актуелниот аматерски светски првак со судиска одлука од 2-1.

Илиоски во ноември лани го освои златниот медал на Светското ВАКО првенство во категоријата лоу кик до 86 килограми и ја обедини светската и европската титула.

За своите успеси на меѓународната сцена Илиоски беше избран за спортист на Македонија во 2023 година.

притисни ентер