Митрески од Кичево: Нема откажување од иднината, гласањето за број 1 е вистинскиот избор

Носителот на Изборната единица 5 на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Јован Митрески, денеска се обрати на граѓански собир во Кичево, каде ги повика Кичевчани да гласаат за број 1, за подобра иднина, за европски вредности и за подобар живот.

„Денеска, кога одбележуваме 121 година од смртта на нашиот херој, нашиот револуционер и борец за самостојна Македонија, великанот Гоце Делчев, можеме да кажеме дека неговата заложба за самостојна, независна, суверена Македонија, но и Македонија која е рамноправен партнер со најголемите демократски европски и светски сили е исполнета. Станавме членка на НАТО, го чекориме патот кон полноправно членство во ЕУ“, рече Митрески.

Тој нагласи дека нашиот идентитет е потврден, нашиот македонски јазик е заштитен и светски признат, рамноправен со јазиците на сите земји членки на Европската унија.

„За тоа се бореше Гоце Делчев, за тоа се бореа и животот го дадоа уште илјадници наши херои од револуционерната борба, но и во втората светска војна. Нема откажување од иднината која овозможува подобар животен стандард на сите граѓани на оваа наша преубава земја. Гласањето за број 1 е вистинскиот избор на претседателските и на парламентарните избори“, нагласи Митрески, се навддува во партиското соопштение.

Во Црвено Море нападнат танкер со нафта

Британската безбедносна фирма „Ембреј“ (Ambrey) денеска соопшти дека во Црвеното Море е нападнат танкер со нафта, што пловел под знамето на Панама, на 10 наутички милји југозападно од јеменската Мока.

Танкерот е погоден со проектил, што предизвикал пожар. Сè уште ниту една група не презела одговорност за нападот.

Претходно Агенцијата за поморски трговски операции на Велика Британија (УКМТО) објави дека добила извештај за инцидент во Црвеното Море, 76 наутички милји северозападно од градот Ходеида во Јемен.

Хутите уште од ноември минатата година ги напаѓаат трговските бродови во Црвено Море во знак на солидарност со Палестинцитеи оти тоа ќе го прават сè додека Израел не ги запре нападите врз Појасот Газа./МИА

Стопанска Триоги триатлон утре во Скопје, посебен режим на сообраќајот

Вкупно 300 учесници од шест земји се пријавени за 4. Стопанска Триоги триатлон што ќе се одржува утре во Скопје.

Триатлонот ќе почне во 8.15 часот на базенот „Борис Трајковски“. Сениори, мастерси, јуниори и рекреативци први ќе испливаат 750 метри, ќе возат 20 километри велосипед, по што ќе следува трчањето на пет километри.

Пливачкиот сегмент ќе се одржи на Базенот „Борис Трајковски", за велосипедскиот сегмент ќе се користи дел од булеварот „Илинден“, а трчањето ќе биде околу спортскиот центар.

За непречено одржување на триатлонот, од 8.15 до 12.30 часот ќе има посебен сообраќаен режим на булеварот „Илинден“, од крстосницата со булеварот „8-ми Септември“ до крстосницата со улицата „Никола Парапунов“. Ќе биде затворена и улицата околу СЦ „Борис Трајковски“. Сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Како што информираат организаторите од клубот „Триоги рејсинг“ - Скопје, ќе се натпреваруваат триатлонци во следните категории: Сениори (2004 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Јуниори (2005-2008): 750 метри пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Кадети (2009-20011): 375м пливање, 10км велосипед, 2,5км трчање. - Деца 2 (2012-2014): 175 метри пливање, 4 километри велосипед, 1 километар трчање, Деца 1 (2015 и помлади - рекреативна категорија): 75 метри пливање, 2 километра велосипед и 500 метра трчање; - Мастерс 1 (1994-1985): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; Мастерс 2 (1984-1975): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Мастерс 3 (1974 и постари): 750м пливање, 20км велосипед, 5км трчање; - Тимски триатлон: Tимoвите треба да се состојат од 3 члена (барем еден учесник од машки и еден од женски пол). Секој учесник штафетно одработува по една од дисциплините на спринт дистанцата: 750м пливање, 20км велосипед или 5км трчање.

Стопанска Триоги триатлон се реализира со техничка соработка со македонската Триатлон федерација. /MИА

Светски ден на ретката болест порфирија

Свест што поттикнува акција за подобрена здравствена заштита, зголемено истражување и зголемена поддршка за лицата со порфирија, е целта на 18 Мај, Светскиот ден на ретката болест порфирија.

Порфиријата е група од најмалку осум различни болести (наследни или стекнати), чија заедничка карактеристика е акумулација на порфирините или нивните претходници (прекурсори) во организмот. Иако тие нормално се наоѓаат во организмот, не се акумулираат во здраво тело.

Развојот на болеста е предизвикан од недостаток на ензим кој учествува во биосинтезата на хемот, што резултира со акумулација на молекули на порфирин во организмот. Името е изведено од грчкиот збор „порфирус“ што значи виолетова (светло црвено-виолетова боја). Порфиријата е позната како вампирска болест од 1985 година кога биохемичарот Дејвид Долфин утврдил дека приказните за вампири се всушност приказни за луѓе кои страдаат од порфирија - пациентите се исклучително чувствителни на светлина зашто може да доведе до развој на осип (дури и умерена изложеност – честопати излегуваат само ноќе), кожата може да биде полна со лузни, кучешките заби можат да бидат впечатливи (непцата и забите можат да бидат многу напнати).

Според доц. д-р Николина Тановска од Клиниката за неврологија во Скопјe, причина за болеста се мутации на гените кои се одговорни за синтезата и функцијата на ензимите кои учествуваат во создавањето/синтезата на хемот.

Повеќето порфирии се наследни. Можно е да се наследи абнормален ген од едниот или од двајцата родители. Сепак, тоа не значи дека ќе се развие порфирија, туку дека станува збор за личност која го носи мутираниот ген. Оваа состојба е позната како латентна порфирија.

Постојат две групи порфирии врз основа на местото на производство на порфирин: еритропоетски, кои се карактеризираат со оштетување на кожата и минимална невролошка инволвираност, и хепатални, карактеризирани со невролошки и висцерални знаци и симптоми (или мултисистемско засегање, со тешки невролошки манифестации од централниот, периферниот и автономниот нервен систем).

-Прогнозата на пациенти со симптоми на порфирија е значително поповолна со подобрување на терапијата и самоконтролата. Сепак, голем број луѓе кои страдаат од порфирија, се повторуваат атаките/нападите на болеста продолжуваат да паѓаат во повторливи кризи, каде се јавува прогресивно оштетување со трајни последици, како што е откажување на бубрезите. Потребата за аналгетици кај порфиријата може да прерасне во зависност. Гликозата, која се внесува во телото на пациентот преку централен венски катетер, помага во олеснување и модификација на симптомите, наведува Тановска.

Третманот на порфирија зависи од формата на болеста. Потешките случаи имаат потреба од хоспитализација, а третманот на акутната порфирија наметнува потреба од престој во Единица за интензивно лекување.

Луѓето кои имаат генетска предиспозиција кон развој на порфирија, треба избегнуваат храна што содржи мононатриум глутамат, сулфурни соединенија (кромид, лук, брокула, зелка и друг зеленчук), салицилати (многу видови овошје), оксалати (многу видови овошје, зеленчук и растителна храна), сијалинска киселина, глутен, лецитин (добиен од јајца и соја), зелечнук (домати, компири, пиперки), масти и/или масла, како и храна која ослободува хистамин. /МИА

притисни ентер