Oдбележување на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа

Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа„ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.

Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди итн. Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација.

На одбележувањето на 28 април- Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски потенцирајќи го значењето на безбедноста и здравјето при работа, рече дека добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците, можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветното преземање на превентивни и заштитни мерки, неопходни да го заштитат здравјето и животот на работниците на работното место.

Во овој дел, тој се осврна на анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот објавени пред извесно време.

„Проценки кои даваат една навистина застрашувачка слика, според која секоја година повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или заболувања кои се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа’, рече Велковски и додаде дека овие повреди и несреќи при работа, за жал се случуваат и во нашата држава.

Според податоците од Државниот инспекторат за труд, во текот на минатата - 2023 година се случиле околу 2,250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици по вработените.

„И токму затоа, спречувањето на ваквите ситуации, намалувањето на можностите за појава и настанување на несреќи при работа, намалувањето на ризиците на работното место, спречувањето или намалувањето на влијанието на различни опасности со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа, ... сето ова е нешто на што сите мораме заеднички и координирано да работиме, уште поинтензивно отколку досега”, потенцираше министерот Велковски.

Секоја година при одбележувањето на Светскиот ден за БЗР, во фокусот на дискусиите е одредена актуелна тема од областа на безбедноста и здравјето при работа. Така е и оваа година. Одбележувањето е тематски посветено на „Влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето при работа“.

Министерот Велковски на оваа тема акцентираше дека: „Мораме да сме свесни дека промовирањето и почитувањето на основниот принцип и право на работа во безбедна и здрава работна средина, исто така помеѓу другото, значи и соодветно справување со опасните влијанија од климатските промени на работното место”.

На конференцијата, воведни обраќања, покрај министерот Велковски имаа и Владанка Трајковска, Претседателка на ОРМ, Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ и Националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.

На темата: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа”, говореа Горјан Јовановски, софтверски инженер и еко-активист, основач на AirCare и EarthCare.ai, проф. д-р Драган Мијакоски од Институтот за медицина на трудот и Билјана Ставреска, стручно лице за безбедност при работа од Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг ИТИ – Скопје.

Министерство за труд и социјална политика

Граѓаните пред избор на претседател

Граѓаните пред избор на претседател - Силјановска Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат.

Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.

На 24 април, на првиот круг од изборите, Силјановска Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седдумина кандидати. Излезноста на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,38 отсто односно на гласање излегоа 828.402 гласачи од вкупно запишаните 1.814.317 во Избирачкиот список.

Според Изборниот законик, ако во првиот круг од изборите ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Пред преземањето на должноста, како што е наведено во Изборниот законик, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”

Гласачите на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре (7 мај) за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.

Гласањето во среда, на 8 мај, на 3480 избирачки места започнува во 7 часот а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ.

Ова е вторпат Силјановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.

Во Москва објавен романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

 Во рамки на меѓународниот проект и едиција „100 словенски романи“ деновиве во издание на Центарот за книга „Рудомино“ од Москва беше објавен преводот на руски јазик на романот „Бродот. Конзархија“ од македонски писател Томислав Османли.

Преводот на руски јазик го направи Олга Панкина.

„Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, при што сите нив ги преведе Панкина. По „Дваесет и првиот“, ова е втор роман на Османли што Панкина го преведува на руски јазик.

- „Бродот. Конзархија“ е дистописки роман временски сместен пред средината на XXI век. Неговото дејство се случува во 2039 година. Пишувајќи за блиската иднина, колку сугестивно и со богата мултимедиска фантазија, толку и духовито и атрактивно, Османли се обидува да ги открие карактеристиките на ова прагматично време полно со симулакруми, со холограми, со артифициелна интелигенција и слично, накусо - со лажни реалности и медиумски измами кои треба да станат нова реалност. Тоа време на крајот ќе се покаже како време на масовна илузија, на општи и индивидуални заблуди на едно конкретно, но и на генералното општество и цивилизација. Инаку, „Конзархијата“ е футуристички систем заснован на корпоративната реалност на новиот свет, креиран и детално опишан од самиот автор на романот, вели Панкина.

Според Османли, ова издание на руски јазик е особено значајно затоа што делото се појавува на еден огромен книжевен амбиент и пазар и во средина со голем број посветени и квалификувани читатели.

- Своите евентуални книжевни и жанровски вредности романот кој му припаѓа на жанрот на негативната утопија ќе ги провери во литературната средина која, со знаменитото дело „Ние“ на Јевгениј Замјатин во 1928, потоа и романот „Чевенгур“ на Андреј Платонов, всушност и ја иницира негативната утопија како посебен книжевен вид. Како што ме информира госпоѓата Панкина, таа нашиот роман неодамна веќе го претставила во рамките на тркалезната маса на тема „Антиутопија“ одржана на книжевен салон во Москва, вели Османли.

На 23 маj, наспроти денот на Словенските просветители Кирил и Методиј, Панкина ќе го промовира ова дело во Москва во Библиотеката за странска литература во рамки на нејзиниот проект „Читај ја Македонија!”.

Досега на руски јазик, а во превод на Панкина, објавени се и театарската пиеса на Османли насловена „Светулки во ноќта“, расказот „Облаци“, романот „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)“ публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, од страна на истиот издавач од Москва.

Ковачки: Да си ја вратиме Македонија во рацете на граѓаните

За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, и Македонија горда, достоинствена.

За два дена од денеска, во среда се гласа.

За два дена граѓаните ќе имаат можност да избираат помеѓу Македонија понижена, ограбена, опустошена, опљачкана и Македонија горда, достоинствена, Македонија која што се гради и во која што важат законите за сите подеднакво.

Затоа од овде, од патриотско Карбинци повикувам на сплотеност, на обединетост, на семакедонско единство, на сеопштествено единство, на национално единство.

Да бидеме горди и да бидеме достоинствени. Да си ја вратиме Македонија во рацете на граѓаните.

Ве повикувам сите заеднички да излеземе и да гласаме за бројот 2.

Драган Ковачки, носител на изборна единица 3

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер