ДПА: Десничарската опозиција слави победа на изборите во Македонија

Десничарската опозиција во Македонија убедливо победи на парламентарните и претседателските избори вчера, јави ДПА.

По речиси целосно преброените гласови десничарската националистичка ВМРО-ДПМНЕ доби 43,2 отсто од гласовите и ќе има 59 места во 120-члениот парламент, соопшти Државната изборна комисија во Скопје.

Десничарската партија ќе го замени Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој е на власт од 2017 година.

СДСМ, предводена од поранешниот премиер Димитар Ковачевски, кој беше на функцијата до почетокот на годинава, освои само 15,3 отсто од гласовите. Поддршката на партијата драстично опадна и се спушти на помалку од половина од делот што го доби на претходните парламентарни избори пред четири години.

Ковачевски во текот на изборната ноќ им ја честиташе победата на политичките противници, наведе ДПА.

Лидерот на ВМРО и главен кандидат Христијан Мицкоски најверојатно ќе стане следниот премиер на земјата од НАТО.

На вториот круг од изборите за претседател, кои исто така се одржаа вчера, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова забележа чиста победа откако освои околу 65 отсто од гласовите, соопшти Државната изборна комисија.

Силјановска-Давкова однесе победа против актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан од СДСМ, а во вториот круг пред пет години ја победи Силјановска-Давкова.

Изборната кампања се карактеризираше со обвинувања за лошо и корумпирано владеење, упатени од опозицијата против СДСМ и етничките Албанци, Демократската унија за интеграција (ДУИ) која беше во владата со СДСМ.

ВМРО усвои националистички тон и најави конфронтирачки курс против соседните членки на Европската унија, Грција и Бугарија, во случај на победа на изборите.

Во центарот е прашањето за името на земјата, кое Скопје го промени од Македонија во Северна Македонија по договорот со Атина во 2019 година, како и за малцинските права.

Заземањето поостар став против Грција може значително да ги попречи пристапните преговори што ЕУ ги отвори со Скопје во јули 2022 година. Земјите членки на ЕУ, Грција и Бугарија, имаат право на вето практично на секој чекор од преговорите.

На Мицкоски ќе му требаат партнери за да ја состави идната влада. Партиите на етничките Албанци се клучни во овој поглед, бидејќи оваа етничка група сочинува околу 25 отсто од населението на оваа мала балканска земја, наведува ДПА.

Над 14 отсто од гласовите доби ДУИ, која во последните 20 години ковладееше во речиси сите коалиции, но ВМРО-ДПМНЕ не ја смета за партнер.

Опозицискиот сојуз на албански партии, наречен Коалиција ВЛЕН, освои 10,7 отсто од гласовите и таа се смета за можен владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

НБА: МВП трофејот по трет пат во рацете на Никола Јокиќ

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ (29) е прогласен за најкорисен играч во НБА лигата, трет пат во последните четири сезони.

Јокиќ доби 926 поени во гласањето и убедливо победи пред ѕвездата на Оклахома, Канаѓанецот Шеј Гилџес-Александер, додека Словенецот Лука Дончиќ беше трет, а Гркот Јанис Антетокунмпо на четвртото место.

Последен пат еден американски кошаркар го освои признанието за најкорисен играч во 2018 година, кога наградата му припадна на Џејмс Харден.

Јокиќ сезонава има просек од 26,4 кошеви, 12,4 скокови и девет асистенции по натпревар, заедно со 1,4 украдени топки и 0,9 блокади.

Неговиот Денвер Нагетс ја заврши регуларниот дел од сезоната со рекорд од 57 победи и 25 порази, но Нагетс имаат тешка задача да ја одбранат титулата, бидејќи треба да ја надополнат негативата од 0-2 против Минесота, која ги победи двата пати во Денвер, во полуфиналето на Западот.

Мандатот за состав на нова Влада десет дена по конституирањето на Собранието

 Претседателот на државата е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот.

Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

По официјализирањето на изборните резултати, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација нановоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. Таа пред пратениците од стариот состав треба да даде свечена изјава по која и започнува да тече нејзиниот мандат.

Мандатот на новиот собраниски состав што беше избран на вчерашните парламентарни избори, почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.

Седниците за инаугурација на новиот претседател и за конституирање на новиот собраниски состав треба да ги свика актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.

притисни ентер