Пендаровски до Давкова: Нека ѝ служи на чест!

На вечерашниот граѓански митинг во Кочани кандидатот за претседател Стево Пендаровски меѓу другото одговори и на прозивките од противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова за негови наводни средби со криминалци и нарко-босови.

„Јас сум последниот човек во Македонија за кој можеш да помислиш дека се дружи со нарко босови. Но, знам некои од нејзиното најблиско опкружување кои се криминалци уште од раните 1990-ти и ако сега има ветинг, не би го поминале. Значи луѓе кои несразмерно се обогатиле, од кршење на санкциите на во тоа време од бивша Југославија, од раните 1990-ти, кога со фри шоповите на северна граница во еден ден се правеше промет од еден милион германски марки. Мојот имот е на показ, имам анкетен лист, нека проверат колку пари наводно ми префрлиле тие нарко босови. Но, повторувам во тој дел, споредба меѓу мене и неа, меѓу нејзините пајташи, другари што ја поддржуваат сега е невозможна. Значи станува збор за кандидатка која е предложена од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Да ве потсетам, еден од првите случаи што Специјалното јавно обвинителство, СЈО, го отвори, беше не само за поединци од таа партија, туку и за партијата како таква во целост и поради тоа тие до ден денес имаат блокирана жиро сметка. Значи криминална организација ја кандидира госпоѓата, а таа мене ме обвинува дека сум бил другар со нарко-босови. Нека ѝ служи на чест“ посочи Пендаровски.

Пендаровски истакна дека потребен е целосен ветинг на политичарите, но особено на судиите и обвинителите и тоа треба да се случи што е можно побрзо.

„Да не постои таков сомнеж или генерална перцепција кај народот дека за 10 ќебапчиња или за 50 денари од наплатна рампа се оди во затвор, а за украдени милијарди се живее лагодно на некој од даночните рајеви, за да го избегнеме тоа, јас сум за ветинг, за проверка на секој од нас“ посочи Пендаровски, соопштија од неговиот тим.

Лидер на ИСИС убиен во операција во пограничниот регион на Мали

Водачот на една од групите поврзани со Исламската држава, Абу Худајфа, е убиен во операција во пограничниот регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер.

Неутрализацијата на терористичкиот лидер беше извршена за време на голема операција во Липтак, триграничен регион кој опфаќа делови од Мали, Буркина Фасо и Нигер, соопштија властите на Мали.

Во соопштението се потсетува дека еден лидер на ИСИС учествувал во напад на Нигер во 2017 година, во кој беа убиени четири американски Зелени беретки и четворица нигериски војници, вклучително и еден преведувач. /МИА

Десетици илјади луѓе протестираа низ Франција барајќи повисоки плати и мир

Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир по повод Меѓународниот ден на трудот.

Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите поворки во големите градови се вееја знамиња на различни синдикати и палестински знамиња.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец.

Според полицијата, група од 4.500 луѓе, со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози.

Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци се распоредени за да го зачуваат мирот, од кои 5.000 во Париз.

Моќниот синдикат ЦГТ упати апел против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир.

Водечкиот синдикат ЦФДТ ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците. /МИА

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

притисни ентер