Почна Страдалната – Страсната – Велика седмица

Последната седмица пред Велигден (Пасха) е Страдална или Страстна седмица, Седмица на маките (страст е црковно-словенски збор и значи: мака, страдание). 

Страдалната седмица ја претставува последната седмица од Христовиот живот на земјава. Таа е недела на страданијата Господови. Сè е во спомен на последните денови од земниот живот на Спасителот наш Господ Исус Христос: Неговите страдања, смртта и погребението.

Оваа седмица се нарекува и Велика седмица, поради големината на настаните што се случиле во неа. Свети Јован Златоуст вели: „Во таа седмица е пресудена древната тиранија на ѓаволот, победена е смртта, врзан е силниот (ѓаволот) и уништено неговото оружје, искупен е гревот, симната е клетвата и рајот е отворен. Тогаш небото престанало да биде недостапно. Луѓето се зближиле со ангелите. Оттргната е преградата што ги разделувала луѓето од Бога. Границите се избришани. Бог на мирот ги измирил небесното и земното“.

Според сведочењето на светите отци (особено свети Јован Златоуст, IV век), христијаните во првите векови ги зголемувале своите молитви и постот во текот на Страдалната седмица. Во овие денови го подражавале Господа Исуса Христа, особено во љубовта кон човекот.

Така, во Страдалната седмица тие се обидувале да бидат подобри, пострпливи, повоздржливи и посправедливи кон своите ближни, правејќи дела на љубовта и милосрдието. Во тие дни се сметало за недолично да се оди на суд и да се обвинува или да се осудува, па затоа, во текот на Страдалната седмица луѓето ги прекинувале сите тужби, сите судски парници, обвиненија, спорови и казни. Во овој празничен период се практикувало дури и да ослободат некого од вратите на затворот, којшто не бил голем престапник.

Деновите на Страдалната седмица Господ Исус Христос ги поминал во Ерусалим и во храмот. Таму секој ден го поучувал народот. Затоа, според Неговиот пример, и православните христијани овие денови ги минуваат во храмовите. Тие се таму и наутро и навечер, и по цел ден, молитвено размислувајќи за евангелската историја на Богочовекот и Спасителот наш Господ Исус Христос и за Неговото служење на човечкиот род.

Во текот на Страдалната седмица ни се претставува централната библиска содржина. Гледаме дека целата Библија е христоцентрична. Нејзината главна личност е Господ Исус Христос, а главно дејство: спасението на човечкиот род.

Во овие дни, зближени се настаните од Стариот и од Новиот завет. Сè што е пророкувано и претскажано во Стариот завет и сè што е забележено во Новиот завет ни е на очиглед во настаните од Страдалната седмица. Сè е збрано во она што се случило во последните денови и часови од земниот живот на Господа Исуса Христа. Тоа сето го сконцентирала светата Црква и го претставува во една преубава и величествена форма, низ прекрасните богослужби во оваа седмица.

Богослуженијата се обилно збогатени и украсени со мудро избрани текстови од Библијата. Овие денови на богослужбите се читаат содржини од пророчките книги, од Евангелието и од Апостолот. Сето тоа е велелепно проследено со длабоки, содржајни молитви и песнопенија. Тие се и слаткопејни и оплакувачки, и покајни и животорадосни, страдални и воскресенски.

Преубави и вдахновени се црковните песни што се пеат на богослужбите во Страстната седмица. Тие ги галат нашите души. Ги издигаат до небесните убавини и до рајските радости. Тоа се доживува само тогаш – во овие дни. Затоа верниците ги посетуваат богослужбите, особено попладневните богослуженија на Велики Четврток и Велики Петок, а задолжително за секој христијанин е пречекот на Велигден, во саботата ноќта.

Посебно се забележливи и длабоко содржајни побожните, црковно – народни обичаи и обреди во овие денови. Тие се изразито присутни и в црква, започнувајќи од Велики Четврток, од првото вапцување велигденски јајца.

Преку богослужбите, обредите и обичаите, во душите на верниците, се пренесуваат настаните кои се случиле во последните денови од земниот живот на Христа Спасителот. Со љубов и со побожност се следи секој евангелски збор и, чекор по чекор, преку верата и духовното расположение, сè нè внесува во спасоносните настани.

Во овие денови верниците стануваат сопатници Христови. Во тие дни ние одиме по стапките Господови и по Неговиот пат до Крстот – патуваме од Витанија до Черепница (Голгота), од Неговото царско влегување во Ерусалим – до Неговите искупителни страдања на Крстот, а потоа и до светлото торжество на Воскресението.

Оваа седмица се особено долги богослуженијата и голема е нивната важност, како и на настаните од тие дни. Тие ни ги насочуваат нашето внимание и нашите мисли кон сите евангелски глетки од пожртвованоста Христова за човечкиот род.

Во текот на целата Страстна седмица, освен на Литургијата на Велики Четврток и Сабота, свештениците се облечени во црни одежди.

Оваа седмица не се прават панихиди, помени и акатисти, заради посветеноста на целото внимание и молитва кон големите настани. Во овие денови на Страдалната седмица, на трпезата, за храна се употребуваат само суви јадења. „И со тоа да бидеме задоволни“, вели правилото од Посниот триод. Тоа е утврдено и на Шестиот Вселенски собор. Постот трае сè до полноќта на Велика Сабота, односно до завршувањето на велигденската света Литургија.

+ + +

Душеполезно е читањето на поучни текстови за овие празници. Тие се полни со библиски содржини и со нивно разјаснување и толкување. Тоа нè пренесува во Евангелието и нè води во дружба со Господа. Тогаш, не мислиме на ништо друго, туку ги созерцаваме Христовите страданија и Неговата богоспасителна дејност за нас. Ние сме со Бога и Бог е со нас. Таквото читање е богослужение. Тоа е еднакво на богослужение – тоа е нашето лично богослужение. Тоа ќе нè одведе и на богослужението в црква. /МИА

СЗО ја одобри втората вакцина против денга

 Светската здравствена организација (СЗО) денеска ја одобри втората вакцина против денга, која може да обезбеди заштита за милиони луѓе во ризик ширум светот.

Во своето денешно соопштение, СЗО соопшти дека ја одобрила вакцината против денга на јапонската фармацевтска компанија „Такеда“ и препорачува нејзина употреба кај деца на возраст меѓу шест и 16 години кои живеат во региони со висока стапка на денга.

Во 2022 година, истата вакцина беше одобрена од Европската агенција за лекови. Одобрувањето на СЗО сега значи дека донаторите и другите агенции на ОН можат да ја купат вакцината за посиромашните земји.

Истражувањата покажаа дека вакцината на „Такеда“ е околу 84 отсто ефикасна во спречување на хоспитализација на лица со денга и околу 61 отсто ефикасна во запирање на симптомите на болеста.

Првата вакцина одобрена од СЗО ја направи „Санофи Пастер“, за која подоцна беше откриено дека го зголемува ризикот од тешка денга кај луѓето кои претходно не биле заразени со оваа болест.

Директорот на СЗО за одобрување лекови и вакцини, Рожерио Гаспар, рече дека тоа е „важен чекор во проширувањето на глобалниот пристап до вакцините против денга“.

Не постои специфичен третман за денга, која е пријавена во приближно 120 земји во Латинска Америка и Азија. Додека околу 80 проценти од инфекциите се благи, тешките случаи на денга може да доведат до внатрешно крварење, откажување на органите и смрт. /МИА

Николоски на министерски состанок за Планот за раст – Олеснета трговија со ЕУ

Олеснување на трговијата помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската унија и поедноставени и побрзи постапки за плаќањата се конкретните активности на кои работат двете страни во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. 

Станува збор за активности коишто директно не инкорпорираат во европскиот пазар. Со забрзување на протокот на стоки до големиот европски пазар и олеснување на плаќањата за компаниите не прави еднакви со земјите од ЕУ. Ова го порача заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој учествуваше на министерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан во Котор.

„Денеска имаме можност да разговараме за конкретни активности во рамки на Планот за раст на Западен Балкан и нашето приближување до ЕУ. Олеснувањето на трговијата и поедноставени постапки во плаќањата, што се теми на денешниот состанок, се чекори коишто не прават дел од големото европско семејство. Македонија веќе врши подготовки за пристапување во СЕПА регионот што значи отстранување на пазарните бариери со земјите од ЕУ, подигнување на кредибилитетот на финансискиот сектор на меѓународната сцена, продлабочување на трговските односи со европскиот економски регион, поедноставни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и компаниите. Од друга страна преку зелените коридори се обезбедува непречен проток на стоки меѓу регионот и ЕУ и намалување на времето чекање на граничните премини. Тоа се клучните елементи за нашето економско поврзување со ЕУ“, рече Николоски.

Имено, олеснувањето на трговијата ќе се постигне преку проширување на зелените коридори на граничните премини помеѓу Западен Балкан и ЕУ, а олеснувањето на плаќањата ќе се обезбеди со пристапот на земјата во СЕПА регионот.

Македонија веќе има изразено подготвеност да ги исполни критериумите за пристапување во СЕПА регионот. Министерството за финансии и Народната банка работеа на подготовка на апликацијата, и нацрт верзијата е веќе поднесена на крајот април 2024 година и се очекува финалната апликација да се достави во предвидениот рок на крајот на јуни 2024 година.

Станува збор, како што рече заменик-министерот за финансии, за мерки коишто ќе овозможат земјите од регионот пред да станат полноправни членки на ЕУ да ги уживаат придобивките од заедничкиот пазар, чиј потенцијал ќе го поттикне економскиот раст и развој и ќе придонесе за забрзана економска конвергенција на Западен Балкан кон ЕУ.

„Планот за раст како алатка е особено значајна и треба сите земји да вложат максимални напори да ја искористат оваа подадена рака за да се изоди патот до ЕУ побрзо и да се ползуваат придобивките од тоа членство поскоро. Нема друга алтернатива и за Македонија и за останатите земји од Западен Балкан и од тој пат не треба да отстапиме. Тоа е за подобро утре на сите граѓани од Западен Балкан и заштита од негативни влијание што ги создаваат кризите, како војната во Украина и тензиите на Блискиот Исток“, рече заменик-министерот Николоски, кој истакна дека националната Реформска агенда е веќе подготвена. Во ЕУ е усвоена регулативата за формирање на механизмот за реформи и раст на Западен Балкан и се отвора целосно патот за пристап до финансиската поддршка за спроведување на реформите во износ од 6 милијарди евра за целиот регион, а за земјава околу 850 милиони евра.

Министерскиот состанок во Котор се одржува во рамки на регионалниот самит на лидери на под мотото „Еден регион, заедничка визија“, на кој ќе учествува премиерот Талат Џафери.

Одделение за односи со јавност

Се огласи синот на атентаторот врз премиерот Фицо: Ќе кажам само една работа (ВИДЕО)

Словачкиот премиер Роберт Фицо бил застрелан денеска во Хандлова по состанок на владата, јавуваат медиумите.

Осомничен за нападот на премиерот на Словачка, Роберт Фицо е 71-годишниот левичар Јурај Ц., кој, како што пренесува aktuality.sk, најверојатно легално го поседувал оружјето од кое испукал неколку истрели во премиерот.

На интернет се појавија тврдења на сведоци дека тој прво му викал на Фицо, кој потоа му пришол да се ракува. Потоа пукал.

Мажот бил уапсен од полицијата веднаш по нападот. Тој моментално е во притвор, а случајот го презеде Националната агенција за криминал на Словачка.

Aktualiti.sk контактирал со синот на осомничениот атентатор, кој бил шокиран од ситуацијата. Тој потврдил дека татко му имал пиштол во легално поседување.

„Апсолутно немам поим што имал намера татко ми, што планирал, зошто се случи ова“, рече тој.

Запрашан дали негувал омраза кон Фицо, тој одговори: „Ќе ви го кажам ова - тој не гласаше за него. Тоа е сè што можам да кажам за тоа“.

Човекот негирал дека неговиот татко некогаш отворено споменал напад или убиство на политичарот. Тој, исто така, негирал дека неговиот татко бил психијатриски пациент.

„Можеби имал „краток спој“, не знам. Тој е понасилен човек, но не до степен да стане психијатриски случај или нешто слично“.

Осомничениот, како што додава словачкиот портал, бил уметнички активен. Објавил неколку збирки поезија.

Јурај Ц. во 2016 година работел во приватна служба за обезбедување. Потоа и самиот станал жртва на напад во трговски центар во Левице. Во раните вечерни часови во продавницата влегол млад човек, очигледно под дејство на опојни материи и го нападнал.

притисни ентер