Пожар во Дом за стари лица во струмичко Банско, нема повредени

Пожар синоќа избил во Дом за стари лица во село Банско, Струмичко. Нема повредени лица, предизвикана е само материјална штета, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според Регионалниот центар за управување со кризи - Струмица, пожарот бил пријавен околу 23.30 часот. Во гаснењето на пожарот интервенирале седум пожарникари со две противпожарни возила. Пожарот целосно е изгаснат во 50 минути по полноќ.

- Прво биле евакуирани лица од катот каде што бил пожарот, потоа од долните катови. По целосното гаснење на пожарот, евакуираните лица полека се вратени на местата, собите од каде што биле евакуирани. Причината за пожарот и материјалната штета дополнително ќе бидат утврдени, појаснуваат од ЦУК.

Во денешното соопштение се наведува и дека изминатото деноноќие имало вкупно 1.759 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 во ЦУК.

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

Лидерите на ВЛЕН на средба со Курти во Приштина

Додека завршуваат разговорите за формирање на новата влада во Скопје, денеска во Приштина се одржува средба меѓу лидерите на коалицијата ВЛЕН и премиерот на Косово, Албин Курти, најавија партиски извори.

Според овие извори, Арбен Таравари, Изет Меџити, Африм Гаши, Билал Касами и Беким Ќоку денеска во Владата на Косово биле примени од премиерот Курти.

Тема на разговорите, ќе биде соработката меѓу владата на Косово и новата влада во Македонија.

Извор: Лидери.мк

Мартино: Очигледно годините се проблем за Меси

Тренерот на Интер Мајами, Херардо Мартино информира за остојбата на Лионел Меси. Тој очекува Аргентинецот да биде достапен за утрешната средба со ДЦ јунајтед.

- Лео тренираше добро вчера. За неговото учество на неделниот натпревар ќе донесеме одлука по тренингот, но оптимисти сме. Повредата го спречи да работи нормално деновиве. Генерално, ја земаме предвид неговата возраст. Очигледно годините се проблем за Меси, но сите се соочуваат со физичко истрошеност или прекумерна употреба кога играат три натпревари неделно. Сепак, отсуството на Меси на натпреварот против Орландо беше исклучиво поради повреда, изјави Мартино за „ESPN“.

На 16 мај, 36-годишниот Аргентинец го пропушти натпреварот од регуларниот дел од сезоната во МЛС со Орландо Сити (0:0) поради повреда на коленото./МИА

притисни ентер