Сателитска снимка ја покажува катастрофата по поплавите во Дубаи (ФОТО)

Невидените обилни врнежи од дожд поплавија делови од Обединетите Арапски Емирати минатата недела, со што животот беше запрен во Дубаи и други делови од пустинското кралство.

Како што пренесува CNN, најголемите регистрирани поплави во ОАЕ биле толку интензивни што можеле да се следат со денови преку сателити од вселената, откако облаците се разделиле и паднале последните капки дожд.

Се излеа како противпожарно црево во Дубаи од вторник, 16 април до средата, доцна навечер. Во Дубаи - најнаселениот град во земјата, за само 12 часа наврна дожд колку за една година, додека околните области имаа речиси двојно повеќе врнежи за 24 часа.

Најобилни врнежи имаа во областите северно и источно од главниот град на земјата, Абу Даби. Вкупните врнежи од околу 100 до 200 милиметри беа вообичаени, но неколку локации забележаа скоро 250 милиметри дожд на метар квадратен.

Поплавите брзо се зголемија и полека се повлекуваа како резултат на историскиот потоп, кој беше најекстремниот настан во земјата од водење на евиденција пред 75 години. Помалку од два дена откако дождот престана, сателитот Ландсат 9 помина над ОАЕ во петокот на 19 април и сними снимки од големи базени од поплави. Сателитот собирал детални снимки од површината на Земјата и е управуван од НАСА и Геолошкиот институт на САД.

Темно сините базени на сликите ги истакнуваат водите од поплавите, кои се во целосна спротивност со типично сувата почва во регионот, која изгледа кафеава или светло-кафеава. Прикажаната поплава е во најјужниот дел на Дубаи. Овие снимки се направени од сателитот Landsat 9 и се обоени за да се потенцира присуството на вода. Прикажаните бои не се толку верни како што би изгледале на лице кое гледа од вселената, но тие го олеснуваат воочувањето на разликите на површината.

Сателитот забележал и значителни поплави во Абу Даби. Малите, плитки водни тела се светло сини. Поголемите и подлабоки базени со вода од поплави се темно сини. Големи површини на сува, кафена почва, исто така, стануваат зелени по врнежите. Ова веројатно покажува дека почвата во многу области ја задржала влагата од дождот, иако тие не биле целосно поплавени.

Силниот дожд е поврзан со поголем систем на бура минатата недела што го преминал Арапскиот Полуостров и се преселил преку Оманскиот Залив. Истиот циклон донесе смртоносни поплави и во блискиот Оман, каде што загинаа најмалку 18 лица. Екстремните врнежи како овој стануваат сѐ почести како што се загрева атмосферата поради климатските промени предизвикани од човекот.

Двајца загинати во тешка сообраќајна несреќа на патот Радовиш-Штип

Во сообраќајната несреќа што се случи на магистралниот пат Радовиш-Штип загинаа двајца возачи, а сопатничка од едното возило е пренесена во штипската Болница.

Веста за МИА ја потврди портпаролката на СВР Струмица, Александра Трајанова, која информираше дека во несреќата учествувале автомобили „пасат“ и „опел“.

- На местото на несреќата починале возачите на двете возила, а сопатничка од патничкото возило „опел" е пренесена во Медицински центар Штип, изјави Трајанова.

Увид на местото на несреќата врши јавен обвинител, а сообраќајот се пренасочува по стариот пат.

Од полицијата повеќе детали за несреќата најавуваат за утре.

Во ЕУ 7,1 отсто од вработените работат 49 или повеќе часа неделно, најмногу во Грција

Во Европската унија во 2023 година, 7,1 отсто од вработените работеле 49 или повеќе часа неделно, што спаѓа во долго работно време, покажуваат податоците објавени од Евростат.

Од земјите на Европската унија најголем удел на работници со долго работно време има Грција, поточно 11,6 отсто, потоа Кипар со 10,4 отсто и Франција со 10,1 отсто.

Најмал удел на вакви работници е забележан во Бугарија, 0,4 отсто, како и во Литванија и Летонија, по 1,1 отсто.

Речиси една третина од самовработените или поточно 29,3 отсто од оваа категорија работат 49 или повеќе часа неделно, додека кај вработените овој процент е значително помал и изнесува 3,6 отсто.

Долгите работни часови најчесто се застапени кај квалификуваните работници во земјоделството, шумарството и рибарството, како и кај менаџерите.

Како што пренесува порталот Статиста, вработените со полно работно време во Европската унија во првиот квартал од 2023 година работеле во просек по 40,4 часа неделно.

Истражителка на ОЈО Скопје за компјутерски криминал со меѓународно признание од ИЛЕА

Меѓународната академија за спроведување на законот (ИЛЕА) во Будумпешта додели признание за работата и постигнувањата на Марина Пешовска, истражителка за компјутерски криминал од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје.

Пешовска беше избрана како финалист во категоријата “оперативен успех” поради успешна примена на вештините за дигитална форензика во борбата против локалниот и транснационалниот сајбер-криминал.

Успехот на Истражниот центар го истакна и Амбасадата на САД во Скопје. “Американската амбасада е горд партнер на Основното јавно обвинителство Скопје во неговата борба против компјутерскиот криминал и промоцијата на одговорноста”, објави Амбасадата на САД во Скопје за признанието од ИЛЕА.

Пешовска е еден од 17-те истражители во Истражниот центар на ОЈО Скопје.

Истражниот центар е своевидно јадро на обвинителството и бројот на предмети во кои постапувале истражителите за една година е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на над 280 предмети во текот на 2023 година. Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји.

Најголем дел од опремата за Истражниот центар на ОЈО Скопје е донација од Амбасадата на САД, соопштија од Обвинителството.

притисни ентер