Стано: Амбасадорите на ЕУ, САД, В. Британија,нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин

Амбасадорите на ЕУ, САД, Германија, Велика Британија, Балтичките земји, нема да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.

Денеска во Москва ќе се одржи инаугурацијата на старо-новиот руски претседател, Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат, а на церемонијата нема да присутвуваат амбасадорите на Европската унија и на САД во Москва.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека одлуката е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на Унијата.

-Нашиот амбасадор нема да присуствува, а нема да присуствуваат ни повеќето земји-членки, рече Стано, пренесен од британските медиуми.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.

Британските медиуми вчера објавија дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија, која нема да испрати свој претставник.

Неименуван извор изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресија во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека е кршење на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.

Германија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.

Делегација на Велика Британија, исто така, нема да присуствува на денешната церемонија, соопшти Форин Офисот.

-Велика Британија нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на претседателот Владимир Путин, изјави портпаролот на британското Министерство за надворешни работи, пренесен од британските медиуми.

Министерството за надворешни работи на Украина ги повика сојузниците на Киев да не го признаваат Путин како легитимен претседател на Русија.

„Украина не гледа правна основа да го признае како демократски избран и легитимен претседател на Руската Федерација“, се наведува во соопштението.

И Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така, категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.

Мицкоски: Ќе водиме принципиелна политика со соседите

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар Христијан Мицкоски денеска најави водење принципиелна политика со соседите. 

Како идна Влада, како што рече, на денешното одбележување на годишнината од Разловечкото востание, коалицијата „Твоја Македонија“ ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“, потенцирајки дека нема да се прават избрзани чекори, кои можат „многу“ да ја чинат државата.

-Вие сте свесни дека дека против природата не можеме, како народ сме од најмалубројните народи во Европа. Организацијата која што има често и привилегијата да ги брани интересите на еден од најмалобројните народи во Европа - македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме се уште разбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу туку и дома, рече Мицкоски.

Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која како таква политика ќе се води со соседите.

-Ве повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници, додаде Мицкоски.

Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.

Калињак: Словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност

 Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.

Состојбата на Фицо се подобрува и вчера беше соопштено дека е стабилизирана, според министерката за здравство Зузана Долинкова.

Лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула. /МИА

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Унгарската полиција објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома.

притисни ентер