Стериино позорје – повторно драмски предизвик за Народен театар - Битола

Во годината на јубилејот, 80 години од формирањето на првиот македонски театар битолскиот театар по повеќе од три децении, повторно ќе се натпреварува на фестивалот Стериино позорје.

Во годината на јубилејот, 80 години од формирањето на првиот македонски театар (Битола, 14 ноември 1944-та година, ден кога прв пат од театарската сцена одекна слободниот македонски збор), битолскиот театар по повеќе од три децении, повторно ќе се натпреварува на фестивалот Стериино позорје.

Премиерното учество на ансамблот на НУ Народен театар-Битола на престижната сцена во Нови Сад датира од април 1977 година кога битолчани настапија со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година ја изведоа претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен и последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски. Годинава од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад ансамблот на битолскиот театар ќе гостува со претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.

Во богатата осумдецениска архива на НУ Народен театар-Битола впишани се бројни гостувања во државата, регионот и низ светот, но се чини за јавноста и понатаму во незаборав е култната претстава „Свадбата на Мара“ која во 1977 година најнапред ги освои највисоките одличја на фестивалот МЕСС во Сараево и неколку денови подоцна, токму на Стериино позорје, во полн сјај блесна македонската актерка Јоана Поповска, тогаш наградена за најдобра женска улога на фестивалот.

Јоана Поповска (80 г.) деновиве за МИА повторно ги отвори албумот и споменарот, и потсети на таа исклучително важна 1977 година за македонскиот театар.

-Во тоа време, прв пат битолскиот театар по големите успеси на македонската театарска сцена настапи во познатите театарски центри Белград, Сараево, Нови Сад. Во претставата „Свадбата на Мара“ ја толкував главната улога, ликот на Мара која имаше задача да им помага на луѓето. Тоа најдобро, соврешено го режираше Љубиша Георгиевски. Во претставата настапив заедно со актерите Иљко Стефановски, Владимир Гравчевски, Петар Стојковски-Бабец, Љубиша Трајковски, Јосиф Јосифовски, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Благој Стефановски, Менче Ѓоргиева, Димитар Илијевски, Методија Марковски и Станко Стоилков, вели таа во разговор за МИА.

Во кус период, истакнува таа, најнапред настапиле на фестивалот МЕСС во Сараево каде биле пречекани од Мира Ступица, но и Владимир Стаменковиќ, тогаш селектор на Стериино позорје. Двајцата внимателно го следеле нивниот настап.

-Во Сараево се случи голем настан, ги освоивме сите одличја и тоа беше претходница на Стериино позорје. Во Нови Сад пристигнавме со претстава која освои пет ловорови венци на МЕСС и тоа беше предизвикувачко за новинарите, актерите, публиката... Домаќините не сместија во тогаш новоизградениот хотел „Парк“, но тоа најверојатно го мотивираше режисерот Љубиша Георгиевски претставата да ја постави во хотелот „Парк“. Се сеќавам рече: -ако е свадба, тогаш нека биде во хотел! И така...поставија маси, резервации кој од публиката каде ќе седи, а централниот дел од хотелот беше испразнет за да биде сцена. Со одлуката на режисерот не беше задоволен селекторот на фестивалот кој сакаше претставата да биде во театарот, но сепак игравме во хотелот. Нашиот настап беше анализиран, набљудуван...актерите на фестивалот на кој се доделуваа престижни награди беа нестрпливи. Во конкуренција на Светлана Бојковиќ од Белград, Ана Кариќ од Загреб и други познати југословенски глумици, жирито објави дека наградата за најдобра женска улога на фестивалот ја доделува на Јоана Поповска, актерка на Народен театар-Битола. Тоа чувство и настан нема да ги заборавам никогаш! Веднаш по доделувањето на наградите беше организиран прием на Петроварадинска тврдина кој го приреди Јосип Броз Тито, покровител на фестивалот. На вечерата присуствуваше и нашиот Киро Глигоров кој работеше во тогашната влада, и исто така ми честиташе за постигнатиот успех, нагласи Поповска, доајен на македонското глумиште, раскажува Поповска.

Следната – 1978 година битолскиот Народен театар повторно настапува на најпознатата театарска смотра на тогашната југословенска драматургија и театар – Стериино позорје, овој пат со пиесата „Време за пеење“ од Петре М. Андреевски, во режија на Слободан Унковски со што го потврди реномето на еден зрел и полетен колектив кој има нешто ново да понуди на публиката.

Во еуфорична атмосфера и љубезно дочекани, повторно се почувствувавме како фаворити за фестивалските награди, истакна за МИА, актерот Борис Чоревски (74), кој во 1978 година прв пат настапи во Нови Сад.

-За жал моето учество на еден од престижините фестивали во поранешна Југославија, и тогаш второ учество на битолскиот театар во Нови Сад, лично за мене заврши катастрофално. Веднаш ќе кажам зошто? Затоа што јас како млад и неискусен актер, веројатно сакајќи да се прикажам и докажам пред публиката и жирито, изгорев во сопствената желба тоа да го направам! Незнам што се случи, но со самото стапнување на сцената и првата моја реплика, гласот ми „пукна“, се препотив, се изгубив и никако неможев да се повратам. Бев шокиран и деконцентриран до крајот на претставата. Тој мој настап никогаш нема да го заборавам! Во претставата „Време за пеење“ работена според извонредниот текст на Петре М. Андреевски, а во режија на маестралниот Слободан Унковски го играв ликот на Нове Вејврни. Мора да признам дека покрај Ацо, Олга, Јоана, Љубиша, Бабец – доајените на битолскиот театар, не се снајдов најдобро и за тоа до ден денес жалам, но ете во оваа прилика сакав да кажам за оваа несекојдневна случка, истакна актерот Чоревски кој тогаш настапи заедно со актерите Љубиша Трајковски, Јоана Поповска, Петар Стојковски-Бабец, Ацо Стефановски, Јосиф Јосифовски, Владимир Гравчевски, Иљко Стефановски, Олга Наумовска, Сребре Ѓаковски, Димитар Илијевски и Благој Стефановски.

Покана за натпревар на Стериино позорје, битолските актери добиваат и во 1987 кога на 30 мај на сцената во Нови Сад настапуваат со претставата „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен. Во претставата главната улога, ликот на Тодосиј Заум ја толкува Љубиша Трајковски, а заедно со него настапуваат и Олга Наумовска, Благој Стефановски, Слободан Степановски, Сашо Огненовски, Соња Михајлова, Методија Марковски, Борис Чоревски, Сузана Киранџиска, Димитар Илијевски, Јосиф Јосифовски, Теки Љумановски, Михајло Петровски, Ратка Радмановиќ, Иљко Стрфановски, Јулија Стефановска, Петар Мирчевски, Сребре Ѓаковски, Петар Стојковски, Мирослав Лазаревски и Мајкл Атанасовски.

Во 1991 година битолскиот театар повторно блеснува на широките театарски простори каде со претставата „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски уште еднаш до израз доаѓаат високпрофесионалната глума и иновации на македонските актери, односно целиот тим на театарот во кој учествуваат и сценографите Владо Ѓорески и Валентин Светозарев, костиморафот Благој Мицевски, аранжерот на музиката Христо Бојаџиев и драматургот Љупчо Георгиевски.

Селекторката на фестивалот Мани Готовац, театролог и театарски критичар од Загреб, ја избира претставата „Подземна република“ да се натпреварува во Нови Сад, а битолчани освен што ќе се натпреваруваат, туку во таа 1991 година и победуваат. Во монографијата на фестивалот Стериино позорје објавена е одлуката на тогашното жири предводено од Иво Брешан во која се нагласени повеќе награди за битолскиот театар, односно посебна Стериина награда за режија, афирмација и успешно истражување на амбиенталниот театар, награда Стериин град за текст со современа комедија, награда за Христо Бојаџиев за оригинална сценска музика и награда за најдобра машка улога која ја доби актерот Ѓорги Јолевски. Во триумфот на битолскиот театар и освоената награда за најдобра претстава во целина, освен актерот Јолевски придонесоа и актерите Јосиф Јосифовски, Владимир Талески, Менка Бојаџиева, Петар Мирчевски, Сашо Огненовски, Петар Горко, Соња Михајлова, Билјана Талевска и Драган Спасов.

Годинава, на 69 издание на Стериино позорје, ансамблот на НУ Народен театар Битола ќе се натпреварува со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ. Во процесот на селекција д-р Ана Тасиќ, театролог и театарски критичар информира дека погледнала 70 претстави од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Унгарија и Србија, а приоритетен критериум во изборот на претставите бил нивниот уметнички квалитет, вредноста на драмскиот текст, режијата, глумата, музиката, сценографијата и костимите, а како единствен македонски претставник избран е НУ Народен театар-Битола.

-Стериино позорје е еден од најначајните фестивали во регионот. На оваа престижна манифестација ќе се натпреваруваме по пауза од 33 години и повторно во силна конкуренција. Учеството на фестивалот го сметам како еден од најголемите успеси во поновата историја на Народен театар-Битола и македонскиот театар воопшто. Селекцијата што ја направи селекторката Ана Тасиќ сама по себе за нас претставува признание за нашата идеја континуирано да создаваме театар кој е жив, актуелен и говори гласно. Претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ е бајка без среќен крај. Инисценции на текстот се видени неколку пати низ годините на Стериино позорје, и не се сомневам дека тоа ќе биде интересно како за публиката, така и за жирито кое ќе ја оценува нашата претстава. Се надевам на успех, истакна за МИА, Иван Јерчиќ, директор на НУ Народен театар-Битола.

На петтото по ред учество на Стериино позорје ќе настапат актерките Сандра Грибовска-Илиевска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли и актерите Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Кучиња до смрт изгризале мајка со 3 деца, братчето е повредено додека ја спасувал сестра си

Мајка од Џорџија загинала од глутница кучиња кои ги нападнале неа и нејзините три деца во близина на училиште, неколку дена пред Денот на мајката.

Кучињата го нападнале семејството во четвртокот додека мајката чекала со своите деца на автобуска постојка зад училиште во Китман, соопштија властите.

Кортни Вилијамс (35) била пронајдена мртва во блискиот двор.

„Кога полицајците пристигнаа, наидоа на неколку агресивни кучиња“, изјавија официјални лица.

Нејзините деца биле пренесени во болница со повреди, а нејзиниот син се здобил со неколку исеченици од борбата со кучињата во обид да го спаси животот на својата помала сестра, велат од семејството.

„Кајден ја турна сестра си и ја спаси, но кучињата тргнаа по него“, рекла нивната тетка Кристал Кокс.

Таа сподели неколку вознемирувачки слики од болницата на кои се гледа како момчето страда од неколку длабоки рани на рацете, нозете и главата.

Другиот син истрчал во училиштето додека кучињата го напаѓале неговото семејство и налетал на маж, кој успеал да го спаси од животните и да ги однесе во болница.

Сите три деца сега се опоравуваат дома, пренесува The New York Post.

Се уште не е познато каков тип на кучиња го нападнале семејството, но соседите велат дека долго време се жалат и бараат контрола на животните во областа.

Наредена е обдукција за официјално да се утврди причината за смртта на жената.

Две жени се убиени во парк во САД, покрај нив имало дете во крв, а бебето исчезнало

Две жени се убиени во парк во Ново Мексико, детето на едната е пронајдено облеано во крв, додека 10-месечно бебе исчезнало.

Жените, двете од Тексико, Ново Мексико, биле пронајдени мртви во парк северно од Кловис во петокот попладне.

Полицијата одговорила на повикот и ги известила итните служби за загинатите жени во паркот.

Полицајците ги пронашле Саманта Сиснерос (23) и Тарин Ален (23) мртви на земја во близина на сиво комбе.

Полицаецот Тревор Трон изјавил дека полицијата не знае што довело до нивната смрт.

„Знаеме дека требаше да бидат во Волмарт, од она што го кажаа членовите на семејството и да продадат кученца. Имаа пет кученца во нивното возило. Сите мислеа дека се во Волмарт со кученцата. Не сме сигурни дали биле во Волмарт, а потоа отишле во парк, не знаеме“, рече тој.

Во близина е пронајдено повредено дете, ќерка на една од жртвите. Таа била пронајдена со повреда на главата и била пренесена во болница, пренесува Мирор.

Полицајците нашле докази дека со нив било уште едно дете.

Во возилото пронашле седиште за бебе, количка и мало шише. Поради ова, се стравува дека со нив имало и бебе кое можеби е киднапирано, поради што е започната потрага.

Саманта била мајка на девојчето кое е пронајдено со повреда на главата и уште едно дете, 10-месечната Марија Торес. Полицијата смета дека луѓето кои ги убиле жените најверојатно го киднапирале бебето.

Полицијата бара да се јават сите со какви било информации за злосторството или за исчезнатото бебе.

Ердоган кон Нетанјаху: И Хитлер би бил љубоморен на неговите геноцидни методи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху достигнал ниво со геноцидни методи со кои што дури и Хитлер би го направил љубоморен.

„Дали е можно да се набљудува она што Израел го прави со луѓето во Газа со месеци и да се види дека е легитимно Израел да бомбардира болници, да убива деца, да ги угнетува цивилите и да ги осудува невините луѓе на глад, жед и недостаток на лекови под различни изговори. Што правеше Хитлер во минатото тој ги угнетуваше и убиваше луѓето во концентрационите логори“, рече Ердоган во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

Се прашуваше дали Газа не била претворена во затвор на отворено, не само по 7 октомври, туку и со години пред тоа?

„Зарем луѓето таму со години не беа осудени на ограничени ресурси, речиси како во концентрационен логор? Кој е одговорен за најбруталните и систематски масовни убиства во Газа по 7 октомври?

Според Ердоган, Нетанјаху достигнал ниво што би го направило Хитлер љубоморен на неговите геноцидни методи, пренесе Анадолија.

„Зборуваме за тоа Израел да ги таргетира амбулантите, да ги погоди местата за дистрибуција на храна и да отвори оган врз конвоите со хуманитарна помош“, рече Ердоган.

Претседателот на Турција рече дека се прекршени правата и слободите на жителите на Газа, особено нивното право на живот.

„Ние ги браниме нивните права. Ние го браниме мирот. Израел, од друга страна, продолжува несовесно да ги крши резолуциите на ОН, меѓународното право и човековите права“, нагласи турскиот претседател.

Ердоган рече дека палестинскиот отпор нема да биде неопходен доколку постои „суверена, независна, географски интегрирана држава Палестина, во границите од 1967 година, со главен град источен Ерусалим“.

„Хамас, исто така, најави дека ако тоа се случи, ќе го распушти своето вооружено крило и ќе продолжи да дејствува како политичка партија. Решението за две држави е ефикасен начин да се обезбеди траен и одржлив мир“, рече Ердоган, додавајќи дека палестинската група се согласила на договор за прекин на огнот, но Израел „не сака“ примирје бидејќи сака да ја „окупира цела Газа“.

притисни ентер