Трамп во Њујорк разговарал со полскиот претседател за војната во Украина и на Блискиот Исток

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп разговараше во Њујорк со полскиот претседател Анджеј Дуда за војната во Украина и за напорите на Дуда да ги зголеми трошоците за одбрана од земјите-членки на НАТО, како и за Блискиот Исток.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп разговараше во Њујорк со полскиот претседател Анджеј Дуда за војната во Украина и за напорите на Дуда да ги зголеми трошоците за одбрана од земјите-членки на НАТО, како и за конфликтите на Блискиот Исток, објави изборниот штаб на Трамп.

Вчерашниот состанок во кулата Трамп беше последен во серијата состаноци што Трамп ги одржа со странски лидери додека Европа се подготвува за можноста за второ претседателство на Трамп, објави АП.

Дуда по разговорот со Трамп, кој траеше околу два и пол часа, рече дека станало збор за пријателска средба.

Помошникот на Дуда, Војче Коларски, кој исто така присуствувал на состанокот, рече дека Трамп и Дуда се сеќавале на времето кога работеле заедно четири години додека биле на претседателски позиции, време кое било „многу плодно за американско-полските односи“.

Посетата на Дуда доаѓа во време кога републиканците во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес се расправаат за законот со кој се одобрува странска помош вредна 95 милијарди долари, што исто така ќе ѝ обезбеди нова помош на Украина.

Полските лидери го повикаа Претставничкиот дом да го одобри нацрт-законот за странска помош.

Многу од сојузниците на Трамп во Претставничкиот дом жестоко се противат на одобрување помош за Украина, а Трамп рече дека можеби е отворен за помош во форма на заем.

Трамп и Дуда се согласуваат дека членките на НАТО треба да бидат охрабрени да ги зголемат трошоците за одбрана, наведува американската агенција.

Дуда ги повика другите членки на Алијансата да ги зголемат трошоците на три отсто од БДП, што би претставувало значително зголемување во споредба со сегашната обврска од два отсто.

Трамп долго време го критикуваше НАТО и се закани дека САД нема да ги бранат земјите-членки кои не ја исполнуваат целта за трошоци за одбрана од два проценти.

Борел повтори дека Рафа не смее да биде нападнат

Го повика Израел да се вклучи во мировниот процес.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека партнерите на Израел и соседните земји имаат заеднички став дека градот Рафа на југот од Појасот Газа не смее да биде нападнат и ја повика израелската влада конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес.

Борел на Х напиша дека меѓународната заедница, исто така, едногласно бара итно ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Тој истакна дека Израел не може да го уништи Хамас по цена на убиени илјадници палестински цивили и оти понатамошното раселување на повеќе од милион ранливи Палестинци би било „погубно“.

- Ја повикуваме владата на Израел да ги послуша повиците на меѓународната заедница и конструктивно да се вклучи во политичкиот мировен процес, наведе Борел. /МИА

Тухел го критикуваше Ким за примените головите на дуелот со Реал

„Беше премногу алчен и агресивен“.

Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел го посочи Ким Мин за неговиот настап на натпреварот против Реал Мадрид.

Баерн вчеравечер одигра нерешено со мадридскиот клуб во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите (2:2).

- Тој двапати беше премногу алчен. При првиот гол против Винисиус премногу рано тргна во дуел па Тони Крос го искористи тоа со додавање. Вториот гол – за жал, тоа беше уште една негова грешка. Ние бевме петмина тие двајца. Немаше потреба да се брани толку агресивно против Родриго и без потреба направи пенал. Токму кога Ерик Дајер сакаше да помогне, Ким го фаулира Родриго. За жал, со оглед на квалитетот на противникот, овие грешки се казнуваат. Но, мораме да продолжиме понатаму, рече Тухел.

Реваншот во Мадрид е закажан за 8 мај. /МИА

Блинкен го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош меѓу Израел и Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска го посети Керем Шалом, преминот за хуманитарна помош од Израел до Појасот Газа.

За време на посетата на Блинкен, десетина камиони чекаа да влезат во Појасот Газа додека неколку израелски тенкови беа паркирани во близина.

Посетата на американскиот државен секретар доаѓа во момент кога Израел изрази намера да изврши копнен напад врз Рафа, град на неколку километри од Керем Шалом, кој сега е дом на околу 1,5 милиони Палестинци, од кои огромното мнозинство се раселени поради војната. /МИА

притисни ентер