Убавина од природа близу Тиквешко Езеро

Прекрасна природа и студена изворска вода ни посакаа добредојде во кавадаречкото село Драдња, во близина на Тиквешкото Езеро.

МИА деновиве фотографираше прекрасни камени градби изградени во минатото, полни со животни приказни и тајни. Во нив некогаш со многу љубов се делеле семејните тага и радост. Се запрашавме, што е тоа толку мистериозно убаво во нив, та, зрачат од убавина, дури и кога кровот се урива, а прозорците се искршени или едвам се држат. Дрвјата околу нив, само ја збогатуваат таа волшебна селска идила.

За жал, магичните дрвени чардаци како од приказните, беа празни, никој не уживаше во нивната убавина. Немаше кој да ги одмара очите загледувајќи се во пространите зелени килими од тревата збогатена со утринска роса. Да ти е жал да згазнеш, да не ја растуриш магијата создадена од раката на мајката природа.

До многу од куќите едвам се стигнува поради грмушки, оти таму со години не стапнала човечка нога.

Сета оваа убавина е распослана на околу седум километри од Тиквешко Езеро, доколку се движите по земјениот шумски пат. Многу побрзо ќе стигнете до езерската шир, ако одлучите како нас, да пропешачите низ тој дел на Тиквешијата и од ридот се спуштите право кон езерото. Патем, можете да другарувате со дрвјата, птиците, инсектите.

Море од лозја по патот

Прошетката до Драдња, па до Тиквешко Езеро, ја започнавме со пешачење од селото Дреново, заедно со планинарите на планинарското спортско друштво „Орле" од Кавадарци. Нашата камера ги регистрираше лозовите насади по патот, од кои се прават извонредни вина и ракии, маџун и други производи од грозје, по што е препознатлив овој крај.

- Располагаме со волшебна природна убавина, која заслужува да биде видена од светот. Но, за тоа е неопходно да се уреди патот до селото што е одамна иселено и да се создадат услови за развој на селскиот туризам. Држави со развиен туризам ги препознаваат ваквите потенцијали и ги негуваат и заработуваат од нив. Неопходно е и кај нас да се преземат активности за промоција на оваа, би рекол рајска убавина, ни рече 57 годишниот Зоран Михов, единствениот човек што го сретнавме во селото, додека одмаравме крај изворската вода, од која не престанувавме да пиеме.

Тој ни раскажа дека оваа селска средина некогаш броела и до осумдесетина куќи полни со живот. Луѓето се замимавале со земјоделство и сточарство. Најмногу се иселиле во шеесетите години од минатиот век, кога била изградена браната на езерото. Луѓето заминале за да работат, главно во фабрики. Самиот бил роден во Кавадарци, но бидејќи татко му потекнувал одовде, Драдња била отсекогаш дел од неговиот живот, од најмали нозе, до ден денешен.

- Кај и да одам, тука постојано се враќам, крај семејното огниште. До пред некоја година имаше по некој од постарите постојани жители, изумреа и сега никој веќе не живее тука преку целата година. Во пет куќи повремено доаѓаме неколкумина, поради лозарството, морето од лозја што ги имаме во овој крај. Сепак, ми се чини дека најмногу доаѓаме поради чистиот воздух. Низ годините работев во фабрика со прашина и доаѓањето тука ми доаѓа како лек, како мелем на рана, коментираше тој.

Златомани доаѓаат по скриени богатства

Михов, кој одгледува и пчели во Драдња, ни откри дека во селото доаѓаат блиски на оние што некогаш се иселиле, за да видат кај им се корените, но и љубители на природата, авантуристи, да побегнат од градскиот асфалт, за да уживаат и да ги наполнат батериите, што се вели.

- Горе на ридот е околу 800 метри надморска височина, тука долу, околу 500 метри. Искрено да кажам, доаѓаат и златомани, трагачи по злато, по закопано богатство од дамнешни времиња. Ги бркаме, ама не бива, трчаат наоколу со детектори, со најразлични апарати. Најмногу трагачи има во месноста „Забот", таму горе на ритчето. Им викаме, уште еднаш да не ги видиме тука, ама не се разбираат. Бараат и раскажуваат како имале најдено пари на други места, идат со бесни џипови, ни раскажа тој.

Михов ни објасни дека си ја реновирал куќата во селото.

- Можев да изградам куќа во викенд населба крај езерото, поблиску до езерската вода, но тука ми е некако помирно, природата е понедопрена. Ме влече ова место, ова парче земја, повторно и повторно да доаѓам. Струја има, а вода полниме од селската чешма. Природна студена изворска вода, ако наполниш, го поти шишето, толку е ладна, додаде тој.

Драдња е околу 24 километри оддалечено од Кавадарци. До браната на езерото води асфалтиран пат.

- Останатите седум километри се поминуваат по земјен, шумски пат. Се оди со патничко моторно возило, лека кола, што би се рекло, ама подобро е ако се доаѓа со малку потеренски возила. Бараме да се уреди овој пат за развој на селски туризам, рече нашиот соговорник.

Тој сподели со нас дека низ годините, жителите од ова село важеле за добри мајстори, занаетчии. Којзнае, можеби токму поради тоа камените градби му пркосат на времето и ја задржале својата убавина, дури и кога полека, полека се уриваат. /МИА

Кучиња до смрт изгризале мајка со 3 деца, братчето е повредено додека ја спасувал сестра си

Мајка од Џорџија загинала од глутница кучиња кои ги нападнале неа и нејзините три деца во близина на училиште, неколку дена пред Денот на мајката.

Кучињата го нападнале семејството во четвртокот додека мајката чекала со своите деца на автобуска постојка зад училиште во Китман, соопштија властите.

Кортни Вилијамс (35) била пронајдена мртва во блискиот двор.

„Кога полицајците пристигнаа, наидоа на неколку агресивни кучиња“, изјавија официјални лица.

Нејзините деца биле пренесени во болница со повреди, а нејзиниот син се здобил со неколку исеченици од борбата со кучињата во обид да го спаси животот на својата помала сестра, велат од семејството.

„Кајден ја турна сестра си и ја спаси, но кучињата тргнаа по него“, рекла нивната тетка Кристал Кокс.

Таа сподели неколку вознемирувачки слики од болницата на кои се гледа како момчето страда од неколку длабоки рани на рацете, нозете и главата.

Другиот син истрчал во училиштето додека кучињата го напаѓале неговото семејство и налетал на маж, кој успеал да го спаси од животните и да ги однесе во болница.

Сите три деца сега се опоравуваат дома, пренесува The New York Post.

Се уште не е познато каков тип на кучиња го нападнале семејството, но соседите велат дека долго време се жалат и бараат контрола на животните во областа.

Наредена е обдукција за официјално да се утврди причината за смртта на жената.

Две жени се убиени во парк во САД, покрај нив имало дете во крв, а бебето исчезнало

Две жени се убиени во парк во Ново Мексико, детето на едната е пронајдено облеано во крв, додека 10-месечно бебе исчезнало.

Жените, двете од Тексико, Ново Мексико, биле пронајдени мртви во парк северно од Кловис во петокот попладне.

Полицијата одговорила на повикот и ги известила итните служби за загинатите жени во паркот.

Полицајците ги пронашле Саманта Сиснерос (23) и Тарин Ален (23) мртви на земја во близина на сиво комбе.

Полицаецот Тревор Трон изјавил дека полицијата не знае што довело до нивната смрт.

„Знаеме дека требаше да бидат во Волмарт, од она што го кажаа членовите на семејството и да продадат кученца. Имаа пет кученца во нивното возило. Сите мислеа дека се во Волмарт со кученцата. Не сме сигурни дали биле во Волмарт, а потоа отишле во парк, не знаеме“, рече тој.

Во близина е пронајдено повредено дете, ќерка на една од жртвите. Таа била пронајдена со повреда на главата и била пренесена во болница, пренесува Мирор.

Полицајците нашле докази дека со нив било уште едно дете.

Во возилото пронашле седиште за бебе, количка и мало шише. Поради ова, се стравува дека со нив имало и бебе кое можеби е киднапирано, поради што е започната потрага.

Саманта била мајка на девојчето кое е пронајдено со повреда на главата и уште едно дете, 10-месечната Марија Торес. Полицијата смета дека луѓето кои ги убиле жените најверојатно го киднапирале бебето.

Полицијата бара да се јават сите со какви било информации за злосторството или за исчезнатото бебе.

Ердоган кон Нетанјаху: И Хитлер би бил љубоморен на неговите геноцидни методи

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху достигнал ниво со геноцидни методи со кои што дури и Хитлер би го направил љубоморен.

„Дали е можно да се набљудува она што Израел го прави со луѓето во Газа со месеци и да се види дека е легитимно Израел да бомбардира болници, да убива деца, да ги угнетува цивилите и да ги осудува невините луѓе на глад, жед и недостаток на лекови под различни изговори. Што правеше Хитлер во минатото тој ги угнетуваше и убиваше луѓето во концентрационите логори“, рече Ердоган во интервју за грчкиот весник „Катимерини“.

Се прашуваше дали Газа не била претворена во затвор на отворено, не само по 7 октомври, туку и со години пред тоа?

„Зарем луѓето таму со години не беа осудени на ограничени ресурси, речиси како во концентрационен логор? Кој е одговорен за најбруталните и систематски масовни убиства во Газа по 7 октомври?

Според Ердоган, Нетанјаху достигнал ниво што би го направило Хитлер љубоморен на неговите геноцидни методи, пренесе Анадолија.

„Зборуваме за тоа Израел да ги таргетира амбулантите, да ги погоди местата за дистрибуција на храна и да отвори оган врз конвоите со хуманитарна помош“, рече Ердоган.

Претседателот на Турција рече дека се прекршени правата и слободите на жителите на Газа, особено нивното право на живот.

„Ние ги браниме нивните права. Ние го браниме мирот. Израел, од друга страна, продолжува несовесно да ги крши резолуциите на ОН, меѓународното право и човековите права“, нагласи турскиот претседател.

Ердоган рече дека палестинскиот отпор нема да биде неопходен доколку постои „суверена, независна, географски интегрирана држава Палестина, во границите од 1967 година, со главен град источен Ерусалим“.

„Хамас, исто така, најави дека ако тоа се случи, ќе го распушти своето вооружено крило и ќе продолжи да дејствува како политичка партија. Решението за две држави е ефикасен начин да се обезбеди траен и одржлив мир“, рече Ердоган, додавајќи дека палестинската група се согласила на договор за прекин на огнот, но Израел „не сака“ примирје бидејќи сака да ја „окупира цела Газа“.

притисни ентер