Учениците од понеделник на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта  во Македонија од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен од оваа учебна година.

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од двата дена кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

-Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН откако по реакции во јавноста и од синдикатите ја повлече претходната одлука пропуштената настава да се надомести во саботи.

Верстапен по второто место во Мајами: Се изненадив од брзината на Мекларен

- Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен се осврна на своето второ место на Формула 1 трката возена синоќа за Големата награда на Мајами.

- Понекогаш победуваш, понекогаш губиш. Не се чувствував многу добро со медиум пневматиците. Се изненадив брзо возеше болидот на Мекларен. Нашиот ден не беше најдобар, но јас целосно го прифаќам второто место на ваков ден. Ми недостигаше забрзување, треба да видиме зошто тоа се случи. Ова не беше нашиот најсилен викенд во однос на нашето темпо. Честитки до Норис за победата, изјави Верстапен.

Британскиот возач на Мекларен, Ландо Норис за прв пат во кариерата оствари победа на трка во Формула 1 шампионатот.

Верстапен заврши на второто место со заостанување од 7,612 секунди.

Граѓаните пред избор на претседател

Граѓаните пред избор на претседател - Силјановска Давкова се бори за прв, а Пендаровски за уште еден мандат.

Кандидати за нов претседател на државата во вториот круг од претседателските избори се Гордана Силјановска Давкова, поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ. Гласањето е в среда на 8 мај, паралелно со парламентарните избори.

За претседател е избран кандидатот кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.

Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.

На 24 април, на првиот круг од изборите, Силјановска Давкова освои 363.085 гласови, а Пендаровски доби 180.499 гласа. На изборите имаше вкупно седдумина кандидати. Излезноста на гласачите на првиот круг од претседателските избори беше 48,38 отсто односно на гласање излегоа 828.402 гласачи од вкупно запишаните 1.814.317 во Избирачкиот список.

Според Изборниот законик, ако во првиот круг од изборите ниту еден кандидат за претседател на Републиката не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајца кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови. Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето.

Пред преземањето на должноста, како што е наведено во Изборниот законик, најдоцна во рок од десет дена од денот на објавувањето на конечните резултати, но не порано од денот на престанок на мандатот на претходниот претседател, претседателот на Републиката дава и потпишува свечена изјава пред Собранието, која гласи:

„Изјавувам дека функцијата претседател на Република Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Македонија.”

Гласачите на 8 мај ќе можат само еднаш да одат на избирачкото место и да се изјаснат за двата вида избори или да гласаат само за претседателските или за парламентарните избори. Идентификацијата ќе се врши со т.н. фингерпринт апарати.

Утре (7 мај) за претседателските избори гласаат иселениците, додека и за претседателските и за парламентарните избори гласаат болните и изнемоштените, затворениците, лицата во старските домови и две раселени лица.

Гласањето во среда, на 8 мај, на 3480 избирачки места започнува во 7 часот а завршува во 19 часот. Резултатите од гласањето се очекува да бидат познати најдоцна до полноќ.

Ова е вторпат Силјановска Давкова и Пендаровски да бидат противкандидати на избори за претседател на државата. На минатите претседателски избори во вториот круг од изборите победи Пендаровски.

Во Москва објавен романот „Бродот. Конзархија“ на Томислав Османли

 Во рамки на меѓународниот проект и едиција „100 словенски романи“ деновиве во издание на Центарот за книга „Рудомино“ од Москва беше објавен преводот на руски јазик на романот „Бродот. Конзархија“ од македонски писател Томислав Османли.

Преводот на руски јазик го направи Олга Панкина.

„Бродот. Конзархија“ е шестиот по ред роман од македонски автор кој се појавува на руски јазик во едицијата „100 словенски романи“, при што сите нив ги преведе Панкина. По „Дваесет и првиот“, ова е втор роман на Османли што Панкина го преведува на руски јазик.

- „Бродот. Конзархија“ е дистописки роман временски сместен пред средината на XXI век. Неговото дејство се случува во 2039 година. Пишувајќи за блиската иднина, колку сугестивно и со богата мултимедиска фантазија, толку и духовито и атрактивно, Османли се обидува да ги открие карактеристиките на ова прагматично време полно со симулакруми, со холограми, со артифициелна интелигенција и слично, накусо - со лажни реалности и медиумски измами кои треба да станат нова реалност. Тоа време на крајот ќе се покаже како време на масовна илузија, на општи и индивидуални заблуди на едно конкретно, но и на генералното општество и цивилизација. Инаку, „Конзархијата“ е футуристички систем заснован на корпоративната реалност на новиот свет, креиран и детално опишан од самиот автор на романот, вели Панкина.

Според Османли, ова издание на руски јазик е особено значајно затоа што делото се појавува на еден огромен книжевен амбиент и пазар и во средина со голем број посветени и квалификувани читатели.

- Своите евентуални книжевни и жанровски вредности романот кој му припаѓа на жанрот на негативната утопија ќе ги провери во литературната средина која, со знаменитото дело „Ние“ на Јевгениј Замјатин во 1928, потоа и романот „Чевенгур“ на Андреј Платонов, всушност и ја иницира негативната утопија како посебен книжевен вид. Како што ме информира госпоѓата Панкина, таа нашиот роман неодамна веќе го претставила во рамките на тркалезната маса на тема „Антиутопија“ одржана на книжевен салон во Москва, вели Османли.

На 23 маj, наспроти денот на Словенските просветители Кирил и Методиј, Панкина ќе го промовира ова дело во Москва во Библиотеката за странска литература во рамки на нејзиниот проект „Читај ја Македонија!”.

Досега на руски јазик, а во превод на Панкина, објавени се и театарската пиеса на Османли насловена „Светулки во ноќта“, расказот „Облаци“, романот „Дваесет и првиот (Книга на фантазми)“ публикуван во рамките на едицијата „Македонскиот роман на 21 век“, од страна на истиот издавач од Москва.

притисни ентер