УКИМ донесе Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донел Одлука за основање Фондација „Горан Стефановски“. 

Одлуката, на предлог на Ректорската управа, денеска, во очи на роденденот на овој великан на македонската драма – 27 април, ја донел Сенатот на УКИМ, по што ќе започне постапката за носење на основачките акти и избор на органите на Фондацијата.

-Фондацијата се основа на иницијатива на Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ), каде што Стефановски долги години ги предаваше драмските занаети, пред да го продолжи својот животен пат во Велика Британија. Во органите на Фондацијата, освен претставниците на академската заедница и на семејството на Стефановски, ќе партиципира и Драмскиот театар од Скопје, на чија сцена драмите на овој автор ги доживеаја најголемите успеси, соопшти ФДУ.

Цели на Фондацијата, како што е наведено во соопштението, ќе бидат заштита и негување на оставината на делото на нашиот најголем современ драмски автор Горан Стефановски, како трајна културна вредност, публикување на објавени и необјавени негови трудови, во печатен и електронски формат, подобрување на достапноста на неговото творештво на сите светски јазици, градење на културата – посета на театар и однос кон драмските уметности кај новите генерации, но и проекти за промоција и поттикнување на македонското драмско творештво воопшто.

-Фондацијата ќе обезбеди стипендирање на образованието во сите степени на талентирани ученици и студенти во областа на драмските уметности, поддршка и унапредување на талентираните ученици, студенти и млади кои аматерски се занимаваат со филм и театар. Исто така, таа ќе го поттикнува и поддржува неформалното образование за создавање драми, ќе организира едукативни дебати, работилници и семинари, уметнички и научни конференции, како и хуманитарни проекти од сценскоизведувачка и аудиовизуелна природа за поддршка на ранливи категории, информираат од ФДУ.

Великанот на македонската драмска уметност, Горан Стефановски, почина пред пет години во Кентбери, Англија, на 66-годишна возраст. Автор е на култните драми: „Диво месо“, „Лет во место“, „Јане Задрогаз“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“ и многу други. Беше еден од креаторите на популарната ТВ-серија „Бушава азбука“ и на повеќе филмски сценарија. Завршил Филолошки факултет во Скопје – англиски јазик и книжевност. Студирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград, каде што и магистрирал на тема: „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет“. Работеше во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во 1986 година ја основал Катедрата за театарска и филмска драматургија и бил професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Добитник е на наградите: „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Војдан Чернодрински“, „Стериина награда“. Стефановски беше и дописен член на МАНУ.

Бендевска: За ЗНАМ секој човек е важен

За ЗНАМ  секој човек е важен и секој треба го добие своето место во системот во согласност во своите капацитети и вештини.

Носителката на листата на пратеници во ИЕ 5, Весна Бендевска денеска одржа прес конференција на која се осврна на вредностите и принципите за кои ќе се залагаат како вистински претставници на граѓаните, а кои се преточени во програмата за претстојните парламентарни избори „Проглас за достоинствена Македонија“.

Бендевска рече дека Движењето ЗНАМ во оваа кампања веќе се етаблирало како нова политичка опција и сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, по добиената сериозна поддршка од граѓаните во првиот круг од претседателските избори.

„Оваа енергија, оваа сила и синергија значи нов ветер в грб, за два дена заедно да го завршиме започнатото: Македонија, втемелена на Крушевските и АСНОМСКИ постулати, да ја градиме како вистински демократско општество во кое се почитуваат човековите права ислободи без никаква дискриминација. Само такво општество може да се нарече праведно општество“, рече таа и додаде дека клучните вредности кои се основа на идејата за почитување на човековите права се човечкото достоинство и еднаквоста.

Бендевска, исто така, рече дека во нивната Програма се залагаат за посебна заштита на правата на ранливите групи и заедници и лицата со посебни потреби, кои ќе мора да добиваат посебна заштита од државата за да можат целосно да се интегрираат во општеството, како рамноправни индивидуи. Таа потанцира дека секој човек е важен и ќе го добие своето место во системот, во согласност во своите капацитети и вештини.

Бендевска рече дека визијата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за тоа како треба да изгледа државата се темели на неколку вредности и принципи, а тие се: правда за сите подеднакво, обврски кон државата за сите подеднакво; нулта толеранција за корупција и брза и ефикасна борба против организираниот криминал – веднаш; без амнестија за никого што се огрешил по Устав и закон; секој да одговара за кривичните дела што ги направил, а украденото и одземеното од устата на граѓаните мора да се врати назад; под итно да се вратат укинатите одредби од Кривичниот законик со кого и власта и опозицијата си се самоамнестираа од делото – злоупотреба на службена положба и овластување и зголемуљвење на казната за тоа дело на затвор од минимум 10 години; кривичните дела за криминал и корупција нема да застаруваат; да се укине доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители, а судиите и јавните обвинители да одат на реизбор секои шест години, бидејќи само така ќе има можност за увид во квалитетот на нивната работа.

„Правда мора да има; без правда нема ниту правна држава, ниту лично и човечко достоинство, а без тоа – нема ни достоинствена Македонија“, рече таа.

Бендевска ја искористи приликата и им го честиташе големиот христијански празник Велигден на граѓаните кои слават и посака здравје, среќа, спокој и благосостојба во секое семејство.

Обид за убиство на политичар во северно Косово

Полицијата на Косово потврди дека непознато и маскирано лице вчера во Лепосавиќ, во северно Косово, се обидело да го убие членот на партијата на косовските Срби, Прогресивна демократска партија (ПДС), Марко Јаблановиќ, но атентатот не успеал.

Полицијата на Косово потврди дека непознато и маскирано лице вчера во Лепосавиќ, во северно Косово, се обидело да го убие членот на партијата на косовските Срби, Прогресивна демократска партија (ПДС), Марко Јаблановиќ, но атентатот не успеал, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на косовското МВР се наведува дека Јаблановиќ пријавил оти, при влез во локал во Лепосавиќ, забележал маскирано лице со вперен пиштол кон него, но обидот за убиство пропаднал затоа што атентаторот не пукал, веројатно затоа што оружјето откажало.

„Пријавителот изјави дека додека влегувал во кафеана, во негова близина забележал маскирано лице со пиштол в рака, кој го вперил во оштетениот, но тој не успеал да пука. Полициските единици излегоа на местото на инцидентот, додека по налог на обвинител случајот оди во редовна постапка“, се наведува во соопштението на Полицијата.

На чело на ПДС е Ненад Рашиќ, министер за заедници и враќање во владата на Албин Курти. Оваа партија се смета за опонент на нејголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е во отворена координација со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со властите во Белград. Откако пред година и пол се повлече од Владата на Курти и ги повика Србите да ги бојкотираат косовските институции, СЛ оние што не се повинија на повикот ги прогласи за предавници на српскиот народ. Тие се постојано мета на вербални напади преку социјалните мрежи, а на некои од нив им се палени автомобилите и, во еден случај, недвижниот имот.

Заменик министерот за заедници и враќање од редовите на ПДС, Радоица Радомировиќ за вчерашниот обид за атентат ги обвини официјален Белград и поранешниот потпретседател на СЛ, Милан Радоичиќ, по кого е распишана потерница од Интерпол, откако и самиот ја презеде одговорноста како водач на нападот во Бањска, на 24 септември минатата година, кога загинаа косовски полицаец и тројца од српските напаѓачи.

„Трагичниот настан (атентатот врз Јаблановиќ) не се случи бидејќи на напаѓачот му откажало оружјето од типот ‘Шкорпион’. Несомнено е дека зад атентатот стојат белградскиот режим и Радојичиќ и локалните каубојци (поранешните водачи на СЛ), Славко Симиќ и Зоран Тодиќ... Нашироко е познато дека Марко и јас го поддржавме Александар Јаблановиќ да ги донесе потребните промени во Лепосавиќ. Откако Јаблановиќ во Белград се договори со Александар Вулин, со Вучиќ и членот на БИА (Безбедносната информативна агенција на Србија, Бојан) Димиќ дека за малку пари и привилегии ќе се повлече како кандидат за градоначалник на општина Лепосавиќ, Марко... се обиде да си го врати достоинство и да си го земе животот во свои раце“, напиша Радимировиќ на Фејсбук.

Стојаноска: Оваа власт заминува во неславната македонска историја

Оваа власт заминува во неславната македонска историја, а Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата ќе ја направат Македонија повторно горда и повторно твоја.

Денес од Пештер, општина Јегуновце го упатувам последниот повик до сите граѓани на Република Македонија на коишто оваа влада им преседна со криминал и корупција, предавства, лошо образование, неквалитетно здравство, ниски плати и пензии, задутре да ја испратат во минатото и да остане запишана во неславната македонска историја.

Задутре гласајте за бројот 2, за професорката Гордана Силјановска Давкова, за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.

Тоа се луѓето кои Македонија ќе ја направат повторно горда и повторно твоја.

Дафина Стојаноска, носител на изборна единица 6

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер