Винисиус: Сплотеноста е клучот за успехот на Реал

Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Винисиус, по синоќешниот пласман во финалето во Лигата на шампиони оцени дека успесите на Кралскиот клуб на европската сцена се должат на кохезијата и посветеноста на фудбалерите и навивачите.

Реал се пласираше во финалето на „Вембли“ по драматичен пресврт на реванш полуфиналниот натпревар против Баерн, елиминирајќи го германскиот гигант со два гола во самата завршница (2-1) на дуелот на „Сантијаго Бернабеу“.

„Кога играме дома, имаме чувство дека ништо не е невозможно. Тоа се должи на сплотеноста на нашата група и тоа ја прави разликата со другите тимови“, изјави Винисиус по натпреварот.

„Горд сум на сите. Горд сум што имам можност да играм на овој стадион и да доживеам вакви ноќи. Ова е Реал Мадрид – не се откажуваме против никого. Секогаш напаѓаме сè повеќе и повеќе трофеи. Нашите навивачи се исти како нас. Горд сум што го носам овој дрес“, рече Винисиус.

Реал со 14 европски титули е рекордер, а шанса да ја освои 15 титула ќе има на 1 јуни на „Вембли“ во Лондон во финалето во кое за противник ќе ја има Борусија Дортмунд.

Македонско-српски лингвистички средби

„Македонско-српски лингвистички средби“ ќе се одржуваат денеска и утре во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје. 

Орагнизатори на средбите се Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во соработка со Институтот за српски јазик при САНУ.

Според програмата, денеска ќе бидат презентирани проектите: „Етимолошки речник на македонскиот јазик“, претставен од проф. д-р Гоце Цветановски; „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“, претставен од проф. д-р Лилјана Макаријоска и „Јавниот дискурс во Република Србија“, претставен од проф. д-р Марина Николиќ и м-р Миљана Чопа.

За иницијативата за соработка меѓу проектите ќе зборува проф. д-р Марина Спасојевиќ.

Како што е најавено, утре предавање ќе одржи проф. д-р Софија Милорадовиќ, директорка на Институтот за српски јазик при САНУ.

Иранската влада свика итен состанок по смртта на Раиси

Иранската влада за денеска свика итен состанок по смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи на земјата Хосеин Амир Абдолахиан во хеликоптерска несреќа, јави иранската државна новинска агенција ИРНА.

Според фотографијата што ја објави агенцијата, столицата на која обично седи Раиси е празна и покриена со црна лента во спомен на претседателот.

Иранските државни медиуми емитуваат исламска молитва меѓу извештаите за смртта на Раиси и уште осум други лица откако хеликоптерот со кој патуваа се урна во иранската провинција Источен Азербејџан.

На профилот на Раиси на Х се објавени стихови од Куранот.

„Мир со Ебрахим. Навистина, така ги наградуваме оние што прават добро. Тој беше еден од нашите верни слуги“, се вели во стиховите од Куранот на профилот на Раиси.

Раиси беше втората најмоќна фигура во политичката структура на Иран по врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи.

Во Мексико девет лица загинаа во два напада врз кандидати за локалните избори

Девет лица загинаа во два напада врз кандидати на локалните избори на 2 јуни во Чиапас, јужно Мексико, соопшти синоќа обвинителството во тој регион познат по организираниот криминал.

Еден од двајцата кандидати е повреден во нападите што се случија ноќта меѓу саботата и неделата, се наведува во соопштението.

Чиапас веќе неколку дена е цел на напади врз кандидатите за општинските избори.

Од септември, најмалку 28 кандидати за локална функција се убиени низ Мексико, според најновите податоци на невладината организација Дата Сивика.

Насилството ги погодува сите партии и владејачката левичарска Морена, како и опозициските партии и коалиции.

Нарко картелите и организираните криминални банди сакаат да „наметнат кандидати“ на изборите, изјави неодамна локалниот обвинител.

Според него, начинот на работа е речиси ист. „Криминалците избираат кандидат и им даваат до знаење на другите дека немаат право да се кандидираат“, рече тој.

На 2 јуни, Мексико се подготвува да ги одржи најголемите избори во својата историја - претседателски, парламентарни, регионални и локални.

притисни ентер