Во тек преговори за формирање нова хрватска Влада, Пленковиќ најавува парламентарно мнозинство

Во Хрватска денеска се очекува да започнат преговорите за формирање на владејачкото мнозинство, бидејќи ниту една партија на вчера одржаните парламентарни избори, не освои доволно мандати самостојно да формира влада.

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои најмногу гласови, што на таа партија и дава најголеми шанси да формира ново мнозинство, но изборните резултати сугерираат дека ќе има тешки преговори за тоа.

„Наскоро ќе дознаете со кого ќе го формираме мнозинството во Саборот. Со некои колеги разговаравме во изборната ноќ, разговорите ги продолжуваме денеска“, објави на Фејсбук премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.

Според последните податоци на Државната изборна комисија речиси од сите обработени избирачки места, ХДЗ освоила 61 мандат, односно 58 мандати во десет изборни единици во Хрватска и три во посебната 11-та изборна единица за дијаспората.

Тоа е вкупно пет мандати помалку отколку на последните парламентарни избори, кога Пленковиќ брзо дојде до мнозинство од 76 гласа во Парламентот со поддршка од осум претставници на националните малцинства, меѓу кои и тројца од Независната демократска српска партија (СДСС) и двајца претставници на мали либерални партии.

Коалицијата на левиот центар предводена од опозициската Социјалдемократска партија (СДП) освои 42 мандати, еден мандат повеќе отколку на изборите во 2020 година Таа партија немаше листа во 11-тата изборна единица.

На трето место е десничарското Движење Татковина со 14 мандати, Мост освои 11, а зелено-левичарската партија Можемо десет мандати.

Во Саборот ќе влезат и неколку помали партии од левиот центар, регионалниот Истарски демократски сабор и Независната платформа Север имаат по два мандата, а еден има коалицијата Фокус-Република.

Хамас бара Израел да ги појасни своите услови за прекин на огнот

Милитантната група Хамас денеска побара од Катар и Египет, како посредници во преговорите со Израел, да ги појаснат условите на израелската делегација за договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Официјален претставник запознаен со преговорите изјави за „Тајмс оф Израел“ дека Хамас сака јасни услови за безусловно враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

Хамас, исто така, сака да обезбеди дека втората фаза од договорот ќе вклучува разговори за постепено и целосно повлекување на израелските трупи од Појасот Газа.

Во моменталниот договор не е објаснето на кого и кога би било дозволено да се врати во северниот дел на Газа.

Досегашниот договор меѓу Хамас и Израел, во неколку фази, вклучува ослободување на 33 заложници и во замена за прекин на борбите и ослободување на стотици палестински затвореници од израелските затвори. /МИА

Во Охрид одржан велигденски концерт

 Во духот на предвечерието на големиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, НУ „Охридско лето“ организира концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово.

Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ во Охрид вчера настапија 21 хористки кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник.

-Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку визнатиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршувме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот, вели маестро Зориќ.

Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој.

-Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исо така, работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав јас и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведоа на Велигденскиот концерт во организација на НУ „Охридско лето“, Женскиот хор „Менада“ во октомври треба да настапи во Истанбул, Турција.

Непознати лица се обиделе да запалат синагога во Варшава

Непознати лица синоќа фрлиле молотов коктел врз единствената зачувана предвоена синагога во Варшава која се уште служи како место за богослужба и се обиделе да ја запалат, соопшти полската полиција.

„Командата на полицијата добила пријава за обид за палење на синагогата Нозика во Варшава. Полицијата води истрага во врска со тоа“, изјави Јацек Вишњевски од варшавската полиција за полските медиуми.

„Рабинот Шудрих пишува дека некој се обидел да ја запали синагогата со помош на молотов коктел. Фала му на Бога, никој не беше повреден. Интересно, кој се обидува да ја наруши годишнината од нашето влегување во Европската Унија?“, реагира на социјалната мрежа Икс, шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Таа синагога се реновира од 2008 година. /МИА

притисни ентер