За ДУИ нема идна влада без двојно мнозинство – од Вреди им порачаа да се подготват за опозиција

Партиите од албанскиот политички кампус и денеска со обвинувања во пресрет на изборите... 

На ДУИ им пречат изборните слогани и зголемената националистичка реторика која, како што тврдат, доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ. Министерот Бујар Османи на панел дискусија побара да се намали антиалбанската реторика која, како што вели, ја зголемува меѓуетничката нетрпеливост. Османи повтори дека нема влада без двојно мнозинство односно без Бадентер кој според него ќе го обезбедат ДУИ и Европскиот фронт. Најавите од Мицкоски и албанската опозиција „Вреди“ за постизборна коалиција, за Османи се легитимни, но порача дека и ќе треба да се комплетира и второто мнозинство, покрај тоа од 61 пратеник.

„ Слоганите бараме 61 пратеник за да ги исклучиме другите, или Македонија е повторно твоја, со идеја дека досега била на Албанците затоа што имаат премиер и министер за надворешни Албанец е недозволива. Колку и да е политички профитабилна. Колку и да носи гласови. Во една мултиетничка држава мора да биде табу изговарањето на такви слогани...Г-динот Мицкоски ВЛЕН може да ги повика на гости, во кафана, може да ги повика во рамки на коалицијата „Македонија повторно твоја“ и да ја подели власта со нив. Тоа е сосема дозволиво, тоа е нивна одлука. Но претставник на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, ќе бидат тие што ќе ја добијат нивната волја. И затоа Рамковниот договор го дава принципот на двојно мнозинство“, изјави Османи.

Идната влада ќе биде стабилна, но без ДУИ, му одговорија албанските опозиционери. Според Изет Меџити од „Вреди“ целта на „интегративците“ е да предизвикаат политичка криза за да ги спасат корумпираните во нивните редовиој. Истакна дека по 8-ми мај ќе има Влада со ВЛЕН како единствен легитимен политички претставник на Албанците, а ДУИ, според Меџити, редно е да оди во опозиција.

„Ќе има и мнозинство на Бадентер, ќе се обезбедат основите на Охридскиот рамковен договор и ќе има одговорност за сите што работеа спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата. Ова е крајно неодговорно и кукавичко. Затоа, ве повикуваме да престанете да ги срамите Албанците и славните борци на УЧК. Не е крај на светот ако одиш во опозиција. Како легалисти и демократи со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност ќе има само кога тоа ќе се докаже во правилни судски постапки“, изјави Изет Меџити.

Инаку, партиите од албанскиот блок велат дека нема да подржат ниту еден од претседателските кандидати кои влегоа во вториот круг. И од Коалицијата ВРЕДИ и од Европскиот фронт предводен од ДУИ ги повикаа граѓаните да гласаат по сопствено убедување и порачаа дека тоа е екслузивно право на гласачите.

Демири сака болницата во Лешок да ја спои со Клиничката болница во Тетово

Министерот за здравство Илир Демири сака болницата за белодробни заболувања во Лешок да ја спои со Клиничката болница во Тетово...

На ваквата одлука што ја најави министерот при неодамнешната посета на Тетово, остро се спотивставува медицинскиот персонал од специјализираната болница.

-Бараме да се донесат доктори специјалисти за да продолжи нормалното функционирање на болницата. Бараме барањето на министерот Демири, поврзано со нашата болница, итно да се поништи да не се најде на следната седница на Владата“, се вели во соопштението кое го испратија од болницата во Лешок.

Демири рече дека ако специјализираната болница не се земе под покровителство на тетовската болница таму без плата ќе останат 20 вработени.

Управен ги отфрли сите тужби на ДУИ - ќе дојде ли до промена на пратеничките мандати?

Ќе дојде ли до промена на пратеничките мандати во 5. и 6. изборна единица?

По маратонска расправа во текот на вчерашниот ден Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ против решенијата на ДИК за прегласување на парламентарните избори во седум избирачки места. Според пресметките на партиите, со прегласувањето најмногу може да загуби ДУИ, два пратеника – по еден во петката и шестката..

Во Изборната единица 6 ДИК прифати еден приговор за избирачко место во Желино. Таму најмногу гласови освои коалицијата Влен, вкупно 332, додека коалицијата преводена од ДУИ освоила 134 гласа, а СДСМ само 4.

Во шестка, Европскиот фронт освои 9 мандати наспротив 7 на Вреди, но доколку разликата на ова избирачко место се зголеми за дополнителни 80 гласа, тогаш резултатот ќе биде 8-8.

Во петката, поништено е гласањето во 6 избирачки места. Таму ВМРО ДПМНЕ доби 10 пратеници, Европски фронт 4 и СДСМ тројца, но по прегласувањето може да се случи СДСМ да освои еден повеќе, а има и опција коалицијата на ВМРО ДПМНЕ да добие еден или двајца пратеници во зависност од пресметката со Донтовиот модел кој може да биде пресуден а со оглед на ниската разлика во изборниот количник.

Од коалицијата „Вреди“ ја поздравија одлуката на Управниот суд, за која велат дека е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај.

-Ја поздравуваме одлуката на Управниот суд, која е во согласност со волјата што ја изразија граѓаните на 8 мај. Оваа одлука уште еднаш докажува дека надежта за граѓаните во државата доаѓа, а манипулациите и криминалот на оваа хибридна моќ паѓаат.- Коалиција Вреди

Со поднесувањето на приговорите до ДИК и барањето за прегласување од Вреди и ВМРО ДПМНЕ, од ДУИ обвинуваа за изборен инжињеринг кој како што тврдат бил договорен по политички договор на опозицијата, во кој учествувал и СДСМ.

Земјоделците да ги заштитат посевите, повремените врнежи погодни за појава на плевели

Променливото време со повремени врнежи дожд е погодно за појава на плевели, болести и штетници.

Поради тоа, земјоделците треба да посветат поголемо внимание за заштита на нивните посеви, препорачуваат агрометеоролозите од УХМР.

Доколку временските услови дозволуваат, може да се продолжи со другите агротехнички мерки. Се препорачува да се преземат и превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, како и за расчистување и заштита на одводните канали за полесно одлевање на површинските води, велат агрометеоролозите.

-Променливото време со повремени врнежи дожд во изминатите денови, ги одржува земјоделските култури во активна состојба, со доволно влага во почвата, но и со услови на појава на плевели, болести и штетници заради големата релативна влажност на воздухот. При вакви временски услови, земјоделските производители треба да посветат поголемо внимание на заштита на нивните посеви од плевели, појава на болести и штетници, заради постоење оптимални услови за нивно ширење и развој, нагласуваат агрометеоролозите.

Тие оценуваат дека новите врнежи кои ги најавува УХМР, ќе ги дополнат вештачките акумулации кои беа со намалено ниво на вода.

притисни ентер