Николоски од Подгорица: Полноправното членство во ЕУ најбрзо преку економското приближување

  Економското приближување на земјите од Западен Балкан до ЕУ е вистинската формула за остварување на нашата заедничка цел како регион - полноправно членство во ЕУ. 

Имплементацијата на реформите се вистинскиот чекор, а тие чекори се поттикнати и со новиот План за раст на Западен Балкан на кој интензивно работиме и од двете страни и земјите од регионот и ЕУ, порачал заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој во Подгорица учествува на состанокот на министри од регионот и претстаници од ЕУ посветен на Планот за раст на Западен Балкан.

- Ваквиот регионален формат на состанување, кој е трет посветен на Планот за раст, претставува ефикасен модел за забрзување на реформската агенда. Реформската агенда во РС Македонија е веќе усвоена од страна на Владата и испратена во ЕК. Она што е важно е да дадеме поттик во остварување на тие реформски процеси и да го забрзаме нивното спроведување. Тоа ќе биде нашиот вистински пат за да стигнеме до ЕУ, истакнал заменик-министерот Николоски.

Како што соопшти Министерството за финансии, на регионалниот состанок Николовски се осврнал на конкретните активности што ги презема Владата во однос на пристапувањето на земјата кон СЕПА регионот и унапредување на зелените коридори.

- РС Македонија изрази подготвеност да ги исполни критериумите за блиски економски и правни односи со ЕУ и подготвеност да врши платни трансакции во евра преку пристапувањето во СЕПА. Тоа од причина што ќе придонесе за отстранување на пазарните бариери со земјите од ЕУ, подигнување на кредибилитетот на финансискиот сектор на меѓународната сцена, продлабочување на трговските односи со европскиот економски регион, поедноставни, побрзи и поевтини услуги за граѓаните и компаниите. Барањето е подготвено и се очекува да се поднесе апликацијата до средината на оваа година, нагласил Николоски.

Тој додал дека дополнителни придобивки се очекуваат и од унапредувањето на зелените коридори кои беа воспоставени за време на ковид-кризата.

- Постојните зелени ленти веќе придонесоа за намалување на времето на чекање на граничните премини, а со нивното натамошно проширување, ќе се обезбедат непрекинати синџири на снабдување и засилена трговија, што ќе го направи регионот поатрактивен за инвеститорите Со нивното проширување ќе се вклучат повеќе видови стоки коишто ќе бидат опфатени со зелените коридори, како и гранични премини меѓу Европската унија и земјите од Западен Балкан, рекол заменик-министерот за финансии.

Притоа посочил на поддршката што ЕУ ја дава во областа на царината, како и на посветеноста на Владата во спроведување на националните реформи во оваа област. Тој нагласил дека понатамошното унапредување на царинската соработка треба да се фокусира не само на олеснување на трговијата, туку и на заштита на финансиските интереси и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан, како и на безбедноста граѓаните.

Ова е трет министерски состанок посветен на Планот за раст. Првиот се одржа во Скопје, вториот во Тирана и на денешниот состанок домаќин е Подгорица.

Си Џинпинг: Кина го поддржува полноправното членство на Палестина во ОН

Кина го поддржува полноправното членство на Палестина во Обединетите нации, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг на средбата со францускиот колега Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Париз.

На 10 мај се очекува итна специјална седница на Генералното собрание на ОН на тема прием на Палестина во Обединетите нации.

Палестина има статус на набљудувач во ОН, додека Израел е полноправна членка на организацијата од 1948 година.

Во општина Чашка-Велешко приведени две лица поради основи на сомнение за поткуп при избори

Две лица од село Мелница во општина Чашка, се приведени попладнево поради основи на сомнение за поткуп при избори, откако по направени претреси во нивните домови се пронајдени оружје, пари и списоци за гласање.

Полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес попладнево во 15:20 часот го лишиле од слобода 52-годишниот И.И. од село Мелница, Општина Чашка.

Како што соопшти МВР, при претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело „поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Застава" со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка. И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Исто така, денеска, во 17:00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода 50-годишниот А.Ч. од село Мелница, Oпштина Чашка, информира вечерва Билјана Ѓаковска портпарол на СВР Велес.

Имено при претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело „поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол „Валтер" со една рамка, еден пиштол „Црвена застава", еден пиштол „Бул" со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986.670 денари во разни апоени и 2.325 евра во разни апоени.

А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава, наведуваат од СВР Велес.

Претходно, вечерва, Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 3 објави статус на неговиот Фејсбук профил за обид за поткуп на гласачи од страна на активисти на ДУИ.

-Лудилото со поткуп од страна на ДУИ и СДС не застанува. Штотуку ме информираа дека кај активисти на ДУИ било пронајдено оружје, биле пронајдени пари и биле пронајдени списоци за гласање. Истите биле лишени од слобода, пишува Ковачки.

Тој ги повика граѓаните да излезат масовно на избори, а за активистите на ДУИ дека ќе одговараат за поткуп за што следува казна затвор.

Си Џинпинг на средбата со Макрон: Кина и Франција да се држат до заедничките придобивки

Си додаде дека двете земји треба да се спротивстават на изградбата на „ѕидови и бариери“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на разговорите со неговиот француски колега Емануел Макрон во Париз, рече дека Кина и Франција треба да се држат до „заедничките придобивки“ и заеднички да се спротивстават на одвојувањето и разбивањето на индустриските синџири и синџирите на снабдување, пренесоа кинеските медиуми.

Си додаде дека двете земји треба да се спротивстават на изградбата на „ѕидови и бариери“.

Кинескиот лидер изјави дека Европа е важен партнер во модернизацијата на Кина, додека Макрон рече дека евро-кинескиот дијалог е понеопходен од кога било поради меѓународната ситуација.

„Координацијата“ со Кина за Украина и Блискиот Исток е одлучувачка“, рече францускиот претседател во воведната изјава пред средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и Си Џинпинг.

Тој изјави дека се залага за „фер правила за сите“ кога е во прашање кинеско-европската трговија.

притисни ентер