Николовски од кавадаречка Марена: Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, вечерва во селото Марена општна Кавадарци, пред лозарите го презентираше новиот Закон за вино, кои денеска беше усвоен од Собранието.

„Убави вести носам за вас лозарите. Собранието го донесе новиот Закон за вино предложен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје. Исполнуваме уште еден даден збор пред лозарите“, изјави министерот Николовски.

Новиот Закон за вино во целост е усогласен со одредбите на европското законодавство. Се уредува делот на воведувањето нови производи од вино, како органско вино и ароматизирани вински производи. Македонското вино најмногу се извезува, кон земјите членки на Европската Унија и токму овој нов Закон придонесува непречено да се зголеми, но и олесни извозот на македонско вино и производи од вино кон ЕУ.

Законот за вино во целост е на страна на лозарите, решавајќи уште еден голем проблем за лозарите, а тоа е откупната цена. За првпат, преку јасна методологија, се утврдува гарантирана производната цена на винско грозје по килограм, најдоцна до 15 јули во тековната година и тоа за најмалку две најзастапени сорти. Пресметката на трошоците за производство на килограм винско грозје, на определена површина и соодветен квалитет, согласно дадена методологија, ќе биде вршена од високо образовна, или научна институција, од областа во земјоделството. Лозарите добиваат гарантирана цена на винското грозје, односно производствената цена зголемена за 25%.

Новиот Закон предвидува и креирање на нова годиншна, посебна програма за финасиска поддршка во лозарството и винарството, со која уште повеќе треба да се развиваат овие два значјни сектори.

„Новата посебна програма, во себе ќе ги содржи сите досегашни мерки за лозарството и винарството од програмите за директни плаќања и рурален развој. Создаваме и нови можности за поддршка на активности поврзани со промоцијата на виното во Македонија преку регистар на вина, препорачани цени на вина во ресторани, обележување на сите винарии, вински инфлуенсери, продажба на вино преку интернет“, истакна министерот Николовски.

Системот на заштитата на геогравските индикации на виното, во целост е усогласен со европското законодавство. Новиот Закон за вино во овој дел предвидува, истите да се заштитуваат на национално и меѓународно ниво, со заштитена ознака за потекло, или заштитена географска ознака. Традиционалниот назив на виното, на национално и меѓународно ниво, се заштитува со традиционална ознака.

Производството на вино со геогравска ознака ќе биде следено од сертификациони тела, кој процесот ќе го верифицираат во сите фази почнувајќи од самиот почеток на производство на грозје, до производство на вино со геогравска ознака. Сите заштитени ознаки на потекло и нивните корисници ќе бидат регистрирани во соодветен регистар во МЗШВ.

Новиот закон за вино заедно со десетгодишната Стратегија за развој на винарството и лозарството трасираат нов пат и сигурен развој на двата сектори, винарство и лозарство, преку стабилно произвдоство на винско грозје со мотивирани лозари, потоа зголемен извоз на македонско вино и уште повисоко позиционирање на светската винска мапа, нагласи министерот Николовски, соопшти МЗШВ.

Во центарот на Куманово ќе биде откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски убиен кај Вејце

Во центарот на Куманово ќе биде откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце.

Мурал со ликот на Бобан Трајковски денеска на пладне ќе биде откриен во центарот на Куманово, во рамките на одбележувањето на 23-годишнината од неговата трагична смрт кај тетовското село Вејце.

Муралот е изработен од уметниците Младен Трендевски - Трендо, Горан и Дејвид, сограѓани на Бобан, а организатори на настанот се Здружението Сила и колегите на Трајковски од специјалната единица Волци.

На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осуммина припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени, а потоа масакрирани и запалени.

Стериино позорје – повторно драмски предизвик за Народен театар - Битола

Во годината на јубилејот, 80 години од формирањето на првиот македонски театар битолскиот театар по повеќе од три децении, повторно ќе се натпреварува на фестивалот Стериино позорје.

Во годината на јубилејот, 80 години од формирањето на првиот македонски театар (Битола, 14 ноември 1944-та година, ден кога прв пат од театарската сцена одекна слободниот македонски збор), битолскиот театар по повеќе од три децении, повторно ќе се натпреварува на фестивалот Стериино позорје.

Премиерното учество на ансамблот на НУ Народен театар-Битола на престижната сцена во Нови Сад датира од април 1977 година кога битолчани настапија со претставата „Свадбата на Мара“ на Владимир Костов во режија на Љубиша Георгиевски, потоа во 1978 година ја изведоа претставата „Време за пеење“ на Петре М. Андреевски во режија на Слободан Унковски, во 1987 година ја одиграа „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен и последен пат учествуваа во 1991 година со „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски. Годинава од 26 мај до 3 јуни во Нови Сад ансамблот на битолскиот театар ќе гостува со претставата „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ.

Во богатата осумдецениска архива на НУ Народен театар-Битола впишани се бројни гостувања во државата, регионот и низ светот, но се чини за јавноста и понатаму во незаборав е култната претстава „Свадбата на Мара“ која во 1977 година најнапред ги освои највисоките одличја на фестивалот МЕСС во Сараево и неколку денови подоцна, токму на Стериино позорје, во полн сјај блесна македонската актерка Јоана Поповска, тогаш наградена за најдобра женска улога на фестивалот.

Јоана Поповска (80 г.) деновиве за МИА повторно ги отвори албумот и споменарот, и потсети на таа исклучително важна 1977 година за македонскиот театар.

-Во тоа време, прв пат битолскиот театар по големите успеси на македонската театарска сцена настапи во познатите театарски центри Белград, Сараево, Нови Сад. Во претставата „Свадбата на Мара“ ја толкував главната улога, ликот на Мара која имаше задача да им помага на луѓето. Тоа најдобро, соврешено го режираше Љубиша Георгиевски. Во претставата настапив заедно со актерите Иљко Стефановски, Владимир Гравчевски, Петар Стојковски-Бабец, Љубиша Трајковски, Јосиф Јосифовски, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Благој Стефановски, Менче Ѓоргиева, Димитар Илијевски, Методија Марковски и Станко Стоилков, вели таа во разговор за МИА.

Во кус период, истакнува таа, најнапред настапиле на фестивалот МЕСС во Сараево каде биле пречекани од Мира Ступица, но и Владимир Стаменковиќ, тогаш селектор на Стериино позорје. Двајцата внимателно го следеле нивниот настап.

-Во Сараево се случи голем настан, ги освоивме сите одличја и тоа беше претходница на Стериино позорје. Во Нови Сад пристигнавме со претстава која освои пет ловорови венци на МЕСС и тоа беше предизвикувачко за новинарите, актерите, публиката... Домаќините не сместија во тогаш новоизградениот хотел „Парк“, но тоа најверојатно го мотивираше режисерот Љубиша Георгиевски претставата да ја постави во хотелот „Парк“. Се сеќавам рече: -ако е свадба, тогаш нека биде во хотел! И така...поставија маси, резервации кој од публиката каде ќе седи, а централниот дел од хотелот беше испразнет за да биде сцена. Со одлуката на режисерот не беше задоволен селекторот на фестивалот кој сакаше претставата да биде во театарот, но сепак игравме во хотелот. Нашиот настап беше анализиран, набљудуван...актерите на фестивалот на кој се доделуваа престижни награди беа нестрпливи. Во конкуренција на Светлана Бојковиќ од Белград, Ана Кариќ од Загреб и други познати југословенски глумици, жирито објави дека наградата за најдобра женска улога на фестивалот ја доделува на Јоана Поповска, актерка на Народен театар-Битола. Тоа чувство и настан нема да ги заборавам никогаш! Веднаш по доделувањето на наградите беше организиран прием на Петроварадинска тврдина кој го приреди Јосип Броз Тито, покровител на фестивалот. На вечерата присуствуваше и нашиот Киро Глигоров кој работеше во тогашната влада, и исто така ми честиташе за постигнатиот успех, нагласи Поповска, доајен на македонското глумиште, раскажува Поповска.

Следната – 1978 година битолскиот Народен театар повторно настапува на најпознатата театарска смотра на тогашната југословенска драматургија и театар – Стериино позорје, овој пат со пиесата „Време за пеење“ од Петре М. Андреевски, во режија на Слободан Унковски со што го потврди реномето на еден зрел и полетен колектив кој има нешто ново да понуди на публиката.

Во еуфорична атмосфера и љубезно дочекани, повторно се почувствувавме како фаворити за фестивалските награди, истакна за МИА, актерот Борис Чоревски (74), кој во 1978 година прв пат настапи во Нови Сад.

-За жал моето учество на еден од престижините фестивали во поранешна Југославија, и тогаш второ учество на битолскиот театар во Нови Сад, лично за мене заврши катастрофално. Веднаш ќе кажам зошто? Затоа што јас како млад и неискусен актер, веројатно сакајќи да се прикажам и докажам пред публиката и жирито, изгорев во сопствената желба тоа да го направам! Незнам што се случи, но со самото стапнување на сцената и првата моја реплика, гласот ми „пукна“, се препотив, се изгубив и никако неможев да се повратам. Бев шокиран и деконцентриран до крајот на претставата. Тој мој настап никогаш нема да го заборавам! Во претставата „Време за пеење“ работена според извонредниот текст на Петре М. Андреевски, а во режија на маестралниот Слободан Унковски го играв ликот на Нове Вејврни. Мора да признам дека покрај Ацо, Олга, Јоана, Љубиша, Бабец – доајените на битолскиот театар, не се снајдов најдобро и за тоа до ден денес жалам, но ете во оваа прилика сакав да кажам за оваа несекојдневна случка, истакна актерот Чоревски кој тогаш настапи заедно со актерите Љубиша Трајковски, Јоана Поповска, Петар Стојковски-Бабец, Ацо Стефановски, Јосиф Јосифовски, Владимир Гравчевски, Иљко Стефановски, Олга Наумовска, Сребре Ѓаковски, Димитар Илијевски и Благој Стефановски.

Покана за натпревар на Стериино позорје, битолските актери добиваат и во 1987 кога на 30 мај на сцената во Нови Сад настапуваат со претставата „Магна карта“ на Марио Роси во режија на Златко Свибен. Во претставата главната улога, ликот на Тодосиј Заум ја толкува Љубиша Трајковски, а заедно со него настапуваат и Олга Наумовска, Благој Стефановски, Слободан Степановски, Сашо Огненовски, Соња Михајлова, Методија Марковски, Борис Чоревски, Сузана Киранџиска, Димитар Илијевски, Јосиф Јосифовски, Теки Љумановски, Михајло Петровски, Ратка Радмановиќ, Иљко Стрфановски, Јулија Стефановска, Петар Мирчевски, Сребре Ѓаковски, Петар Стојковски, Мирослав Лазаревски и Мајкл Атанасовски.

Во 1991 година битолскиот театар повторно блеснува на широките театарски простори каде со претставата „Подземна република“ на Јордан Плевнеш во режија на Владо Цветановски уште еднаш до израз доаѓаат високпрофесионалната глума и иновации на македонските актери, односно целиот тим на театарот во кој учествуваат и сценографите Владо Ѓорески и Валентин Светозарев, костиморафот Благој Мицевски, аранжерот на музиката Христо Бојаџиев и драматургот Љупчо Георгиевски.

Селекторката на фестивалот Мани Готовац, театролог и театарски критичар од Загреб, ја избира претставата „Подземна република“ да се натпреварува во Нови Сад, а битолчани освен што ќе се натпреваруваат, туку во таа 1991 година и победуваат. Во монографијата на фестивалот Стериино позорје објавена е одлуката на тогашното жири предводено од Иво Брешан во која се нагласени повеќе награди за битолскиот театар, односно посебна Стериина награда за режија, афирмација и успешно истражување на амбиенталниот театар, награда Стериин град за текст со современа комедија, награда за Христо Бојаџиев за оригинална сценска музика и награда за најдобра машка улога која ја доби актерот Ѓорги Јолевски. Во триумфот на битолскиот театар и освоената награда за најдобра претстава во целина, освен актерот Јолевски придонесоа и актерите Јосиф Јосифовски, Владимир Талески, Менка Бојаџиева, Петар Мирчевски, Сашо Огненовски, Петар Горко, Соња Михајлова, Билјана Талевска и Драган Спасов.

Годинава, на 69 издание на Стериино позорје, ансамблот на НУ Народен театар Битола ќе се натпреварува со претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ, во режија на Кокан Младеновиќ. Во процесот на селекција д-р Ана Тасиќ, театролог и театарски критичар информира дека погледнала 70 претстави од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Унгарија и Србија, а приоритетен критериум во изборот на претставите бил нивниот уметнички квалитет, вредноста на драмскиот текст, режијата, глумата, музиката, сценографијата и костимите, а како единствен македонски претставник избран е НУ Народен театар-Битола.

-Стериино позорје е еден од најначајните фестивали во регионот. На оваа престижна манифестација ќе се натпреваруваме по пауза од 33 години и повторно во силна конкуренција. Учеството на фестивалот го сметам како еден од најголемите успеси во поновата историја на Народен театар-Битола и македонскиот театар воопшто. Селекцијата што ја направи селекторката Ана Тасиќ сама по себе за нас претставува признание за нашата идеја континуирано да создаваме театар кој е жив, актуелен и говори гласно. Претставата „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ во режија на Кокан Младеновиќ е бајка без среќен крај. Инисценции на текстот се видени неколку пати низ годините на Стериино позорје, и не се сомневам дека тоа ќе биде интересно како за публиката, така и за жирито кое ќе ја оценува нашата претстава. Се надевам на успех, истакна за МИА, Иван Јерчиќ, директор на НУ Народен театар-Битола.

На петтото по ред учество на Стериино позорје ќе настапат актерките Сандра Грибовска-Илиевска, Викторија Степановска-Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска-Дранговска, Валентина Грамосли и актерите Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов.

Анкета во САД: Поддршката за Бајден на историски најниско ниво од 38,7 отсто

Поддршката за американскиот претседател Џо Бајден во просек изнесуваше 38,7 отсто во текот на неговиот 13-ти квартал на функцијата, според неодамнешното истражување на јавното мислење на Галуп.

Во првиот квартал од 2024 година, Бајден (81) доби поддршка од 38,7 отсто од анкетираните, три отсто помалку од поддршката што ја имаше претседателот Џорџ Буш постариот. во истиот период од неговиот мандат, пренесува „Њујорк пост“.

„Околу шест месеци пред изборите, Бајден е во послаба позиција од кој било претходен претседател“, заклучија анкетарите на Галуп.

Истото истражување покажува дека поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се натпреварува со Бајден за втор мандат во Белата куќа, добил поддршка од 46,8 отсто од анкетираните.

Њујоршкиот дневен весник наведува дека и двајцата (непопуларни) претседатели Никсон и Картер имале поголема поддршка од Бајден, со 53,7 отсто, односно 47,7 отсто, додека претседателот Двајт Ајзенхауер имал најголема поддршка во последните 70 години со дури 73,2 отсто.

Резултатите од анкетите на Галуп за јавна поддршка на американските претседатели, кои се спроведуваат од почетокот на мандатот на Ајзенхауер во 1952 година, се силен показател за успех за кандидатите кои сакаат да добијат втор мандат во Белата куќа, според „Њујорк Пост“.

Историски гледано, секој претседател во изминатите седум децении со поддршка над 50 отсто успеал да добие втор мандат, освен Барак Обама кој победи во 2012 година со 46 отсто поддршка на шест месеци пред изборите.

притисни ентер