Oд 15. и 16. владина седница: Уште еден чекор кон унапредување на статусот на специјализантите

На 15. седница, Владата ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина.

На 15. седница, Владата ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата. Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.

Владата, во активна соработка со специјализантите, досега покажа огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и е одлучна да продолжи во оваа насока, кон решавање на сите прашања од нивен и јавен интерес, во функција на здравјето на граѓаните.

Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници.

Владата, на предлог на претседателот на Владата, ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование, да достават информација во врска со ефикасно решавање на прашањето за престој на студенти кои по основ на Мобилност, согласно Еразмус програмата, имаат потреба да престојуваат во државава не повеќе од еден семестар.

Мобилноста, во рамки на образовниот процес, како што е констатирано, е усогласување со праксата на Европската Унија и како што е оценето, потребно е поедноставување на процедурите за краткорочен престој по овој основ, наспроти стандардните процедури за одобрување престој за повеќегодишно студирање.

Владата, на предлог на претседателот на Владата, го задолжи Министерството за внатрешни работи, да достави комплетна информација по однос на случувањата на настанот поврзан со новинарот Фуркан Салиу, согласно барањето од Советот на Европа за давање одговор околу овој случај.

На 16. седница, Владата заклучи 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Македонија, заради непречено спроведување на изборите за Претседател на Македонија и изборите за пратеници во Собранието и овие два неработни дена нема да се одработуваат.

Денешната владина одлука се однесува на сите граѓани на територијата на Македонија.

Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач. За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје - носител и ЕВН Македонија АД Скопје - член на групата.

За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување. Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Македонија.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Секретаријатот за европски прашања за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда. Задолжени се првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања и министерот за финансии, да ја достават усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда до Европската комисија.

Ажурираната Нацрт Реформска агенда се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со Европската Унија. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Македонија и Европската Унија ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од Европската комисија, како што е образложено од СЕП, ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7% од алокацијата за нашата држава.

Предвидена е исплата на средства од Планот за раст за Западен Балкан, два пати во годината. А, за Македонија, приоритетите коишто беа договорени во Реформската агенда се однесуваат на приоритетните области: Управување / Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии; Дигитална, Енергетска / Зелена транзиција; Човечки капитал; Деловно опкружување и Владеење на правото, соопштуваат од Владата.

Почина Марија, највисоката жена на светот- прогласена е тридневна жалост

Марија Фелисијана дос Сантос починала на 77-годишна возраст во Бразил, која на светот му станала позната по рекордната висина од 2,25 метри кога имала само 23 години.

Од 1960-тите, таа го доби прекарот „кралица на височината“.

Таа била примена во болница минатиот понеделник каде ѝ била дијагностицирана пневмонија и починала од компликации на срцето.

Марија е родена во Ампаро во Сан Франциско и го поминала животот во различни циркуси каде настапувала и ги воодушевувала луѓето со својот изглед.

Во мај 2022 година, статуа била посветена на Марија на влезот во Museu de Gente Sergipana.

Сантос многу години се сметала за највисоката жена во Бразил и во светот, пред да почне да се намалува како што стареела.

По нејзината ненадејна смрт, градоначалникот на Аракаху Едвалдо Ногеира прогласил тридневна жалост и ѝ оддаде почит на поранешната кошаркарка и пејачка.

Хаос во автосалон: Кинески електричен автомобил „ги збриша“ посетителите (ВИДЕО)

Екстремно непријатна ситуација за кинески производител.

Како по правило, со напредокот на технологијата, се подобрува и безбедноста на учесниците во сообраќајот, но понекогаш класичните решенија изгледаат далеку подобри. Најдобар пример за ова е системот за палење без клуч, кој понекогаш може да резултира со опасна ситуација.

Додадете на тоа екстремно агилен и тивок електричен погон и маса луѓе, а несреќата е само прашање на време. Токму тоа се случило на меѓународната изложба на возила со нова енергија во Нанџинг.

На настанот што се одржал минатиот месец, Zeekr го изложиле автомобилот Extreme Krypton X, кој поради непочитување на безбедносните правила во еден момент почнал неконтролирано да се движи. За време на несреќата повредени се пет посетители, меѓу кои и едно дете, а сите се хоспитализирани.

Според последните информации, до несреќата дошло бидејќи автомобилот не бил деактивиран во таканаречениот Exhibition mode. Бидејќи клучот бил доволно блиску до автомобилот, еден од посетителите случајно го активирал возењето и го придвижил автомобилот напред, удирајќи во неколку посетители и два автомобили.

Претставниците на производителот ја презедоа одговорноста и преку официјални канали се извинија, нагласувајќи дека во иднина ќе бидат повнимателни при изложување на автомобилите.

Во Германија со 100.000 евра се казнува доколку миете автомобил во својот двор

Посетата на автоперална може да биде прилично скапа на долг рок.

Според извештајот на Германската автомобилска фондација за 2019 година, околу 40 отсто од возачите ги мијат своите автомобили еднаш месечно, а речиси три четвртини од нив ги користат услугите на перална за автомобили по цена од 11 евра по перење, што е околу 130 евра годишно.

Ако сакате да заштедите пари и да го миете автомобилот сами дома, може да се соочите со големи казни, според списанието Fenix.

Самото миење на автомобилот може да биде забрането, а во зависност од сојузната држава, може да бидете казнети до 100.000 евра. Ова се должи на таканаречениот Закон за водни ресурси (WHG), кој забранува употреба на токсични материи или оние кои ја загадуваат водата во подземните води со цел да се спречи загадување на водата (член 48 WHG).

При перење автомобил на приватен имот, мора да се спречи можноста нечистата вода да навлезе во земјата. Затоа, обично е забрането миење автомобил со хемиски средства за чистење во вашиот двор.

Бидејќи законодавството не предвидува единствени регулативи, спроведувањето на барањата за WHG е оставено на самите општини. Додека во некои заедници е дозволено миење автомобили со чиста вода, во други е забрането поради можноста од контаминација на водата со остатоци од масло, пишува списанието Феникс.

Во зависност од државата, прекршувањето на Законот за водни ресурси може да резултира со високи казни. На пример, казната за загадување на подземните води со големи количини на други течности кои ја загадуваат водата во сојузната покраина Саксонија е до 100.000 евра.

Доколку планирате сами да го миете автомобилот, задолжително проверете однапред во канцеларијата за комунални регулативи во дотичната општина или однесете го автомобилот на чистење во перална за автомобили.

притисни ентер