„Тајмс оф Израел“:САД се согласија на израелска операција во Рафа ако Израел не го нападне Иран

 САД го прифатија израелскиот план за копнена операција во јужниот дел на Газа во градот Рафа во замена да не извршат голем напад врз Иран, објави „Тајмс оф Израел“ (Time of Israel), повикувајќи се на неименуван египетски функционер.

- Американската администрација покажа дека го прифаќа планот што претходно го претстави окупаторската влада за воената операција во Рафа, во замена за неизвршување голем напад врз Иран, изјави неименуван египетски функционер за катарскиот медиум Ал Араби ал-Џадид.

Тој додаде дека Египет се подготвува за можните последици од инвазијата на Рафа, каде, според израелските медиуми, се лоцирани четири баталјони на палестинската милитантна група Хамас и над еден милион цивили кои побегнале од другите делови на Појасот Газа, а се претпоставува дека таму се и лидерите на Хамас и израелските заложници.

Десетици илјади луѓе протестираа низ Франција барајќи повисоки плати и мир

Десетици илјади луѓе ширум Франција се приклучија на синдикалните собири за повисоки плати и мир по повод Меѓународниот ден на трудот.

Од Марсеј до Лион, Рен или Тулуз на големите поворки во големите градови се вееја знамиња на различни синдикати и палестински знамиња.

Во Париз, според синдикатите, се собрале 50.000 луѓе, а според полицијата 18.000, атмосферата на почетокот била карневалска, но на крајот полицијата интервенирала со солзавец.

Според полицијата, група од 4.500 луѓе, со „неколку стотици радикали“ запалиле камион, а уништени се и излози.

Досега се уапсени 25 лица.

Низ цела Франција, 12.000 полицајци се распоредени за да го зачуваат мирот, од кои 5.000 во Париз.

Моќниот синдикат ЦГТ упати апел против „мерките за штедење“, за отворање работни места, повисоки плати и мир.

Водечкиот синдикат ЦФДТ ги повика луѓето да се приклучат на маршевите во повиците за поамбициозна Европа која повеќе ги штити работниците. /МИА

Папата ја осуди индустријата за оружје

Папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“.

Папата Франциск денеска упати молитви за жртвите од војните во Украина, палестинските територии, Израел и бегалците Рохинџи во Мјанмар, нагласувајќи дека, „за жал, најпрофитабилните инвестиции се оние поврзани со индустријата за оружје“.

- Војната секогаш е пораз, секогаш. Ние бараме мир, бараме вистински мир за овие народи и за целиот свет, рече папата, по повод католичкиот црковен празник Свети Јосиф Работник, пренесе Ватикан Њуз.

Обраќајќи им се на присутните во салата Павле VI во Ватикан на општа аудиенција, папата ја осуди индустријата за оружје, нагласувајќи дека „таа профитира од смртта“. /МИА

Пронајдено 5-годишното девојче кое се оддалечило во паркот во Сарај

Пронајдено е 5-годишното девојче кое доцна попладнето исчезна во паркот во Сарај.

Детето, чие оддалечување од местото било пријавено нешто по 16 часот од нејзин роднина, било пронајдено по околу два часа во близина на трговскиот центар Сарај, инфомираат од МВР.

Претходно, од полицијата информираа дека се трага по девојче со руса долга коса, облечено во розово фустанче и розови чевли.

притисни ентер