„Војаџер 1“ повторно испраќа корисни и употребливи податоци

Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА првпат по пет месеци доби конкретни и употребливи податоци од „Војаџер 1“, откако инженерите изнајдоа решение за комуникацискиот проблем со леталото што досега отишло најддалеку во Вселената.

Се работи за систем за собирање информации што потоа се комбинираат со инженерските податоци и така ја покажуваат моментната состојба на уредот - оддалеченоста, средината што го опкружува и сл. Компјутерите на леталото испраќаа бескорисни податоци од ноември лани, но научниците од НАСА успеаја повторно да го оспособат уредот, инаку лансиран 1977 година.

Контролата на мисијата на Земјата ги прима тие податоци во бинарен код - низа од единици и нули. Од минатиот ноември, системот на „Војаџер 1“ испраќал радиосигнал, но податоците немале никаква корисна цел, ниту пак, смисла, јави „Еј-би-си њус Австралија“.

- Денеска беше голем ден за „Војаџер 1“. Ја вративме комуникацијата со вселенското летало. Со нетрпение очекуваме повторно да добиваме научни податоци, изјави Линда Спилкер - една од научниците кои работат на мисијата.

Од 20 април, засега, се чини дека „Војаџер 1“ е во добра состојба. Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

Еден потешко повреден во експлозија во зграда во Турција

Едно лице е тешко повредено во експлозија во станбена зграда во турскиот град Текирдаг, северозападна Турција.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата во станот на последниот кат од петкатницата, а како што неофицијално дознава телевизијата ТРТ најверојатно експлодирала плинска боца.

Од силината на експлозијата оштетени се ѕидовите во станот, а искршени се прозорците.

Скопјанец и двајца штипјани нападнати во угостителски објект во Кавадарци

Скопјанец рано утринава пријавил дека со двајца штипјани биле физички нападнати во угостителски објект во Кавадарци, информираат од СВР - Велес.

- Во 04.40 часот во ОВР Кавадарци, Т.Ц., 22-годишен скопјанец, пријавил дека пред и во угостителски објект во градот, тој и Н.Н., на возраст од 24 години и Ф.А., на 25-годишна возраст, двајцата од Штип, биле физички нападнати од неколку машки лица, појаснуваат од СВР - Велес.

За настанот бил известен јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Русија најави вежби на тактичките нуклеарни сили

Русија ќе спроведе вежба на своите тактички нуклеарни сили по наредба на претседателот Владимир Путин, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави. Русија претходно спроведуваше обука на нуклеарни сили без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.

- Како дел од вежбата ќе бидат спроведени низа активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти руското Министерство за одбрана.

Засега е нејасно кога и каде точно ќе почне вежбата во која се вклучени јужниот одбранбен округ и поморските сили.

Руската војска во октомври истрела две интерконтинентални ракети и неколку крстаречки ракети за обука и одвраќање. Вежбата, која ја најави, ја оправда со наводни „провокативни изјави и закани од поединечни западни функционери против Руската Федерација“.

Од почетокот на нејзината војна против Украина пред повеќе од две години, руските претставници постојано се обидуваа да ја тестираат меѓународната поддршка за Киев со поттикнување стравувања од нуклеарна војна.

притисни ентер