„ВРЕДИ“ славеше победа на тетовскиот плоштад - за ДУИ Европскиот фронт е втора сила во државата

За разлика од првиот круг кога интегративците славеа пред седиштето коалицијата Вреди на плоштадот Скендербег во Скопје, синоќа останаа само празните барикади, полициското обезбедување и медиумските екипи.

Здружената албанската опозиција Вреди одржаа една прес конференција во скопското седиште. Ги обвинија од ДУИ за бојкот на изборите и им порачаа дека следи политичка ротација.

-Од утре Македонија ќе се подготвува за политичка ротација. Новата влада ќе ја одразува волјата на мнозинството албански гласачи,- изјави – Изет Меџити – Коалиција Вреди.

Потоа со зурли, тапани, факели и огномети се славеше на плоштадот во Тетово откако претходно ги преплавија улиците во центарот на градот. Велат дека иако очекувале да имаат помалку гласови, разликата со ДУИ според нив е минимална и тоа го сметаат за победа и можност да бидат дел од идната Влада.

-Од утре почнуваат преговори за нова влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Вреди, кажа претседателот на БЕСА, дел од коалицијата Вреди. Анализата што ја имаме, најверојатно ќе бидеме подеднакво со коалицијата на ДУИ. Разликата во гласови нема да надмине 10.000 гласови,- изјави – Билал Касами – Коалиција Вреди.

Арбен Таравари на прославата дојде со лек „ефридол“ како своевидна реплика на неодамнешните провокации на Артан Груби кој пред стартот на изборната кампања истиот лек ѝ го препорача на албанската опозиција.

-Реков дека сум доктор и дека на крај ги давам лековите! 2 пати на ден после леб. Промените доаѓаат!

....напиша Таравари со фотографијата која ја објави на социјалните мрежи.

ДУИ, пак, славеше во партиското седиште во Мала Речица. Откако веќе стана извесен изборниот резултат, прес конференција одржа партискиот лидер Али Ахмети. Прашан дали со победата на ВМРО-ДПМНЕ значи дека ДУИ оди во опозиција и каква опозиција ќе биде, Ахмети не одговори прецизно и рече дека на државата и треба стабилност.

-Легитимитетот ни го дадоа граѓаните, мнозинството Албанци и малите заедници како Турците, Бошњаците и Ромите, на кои им се заблагодарувам. Ова е првиот чекор кон долгите етапи на Фронтот за Европа до полноправно членство во ЕУ. Мислам дека не ме разбравте кога реков дека на државата и треба стабилност и иднина,- изјави – Али Ахмети – Претседател на ДУИ.

Ахмети во обраќањето не го спомена ставот на Бујар Османи, кој пред една недела рече дека освен мнозинство од 61 пратеник, за формирање влада неопходно било и бадентерово мнозинство.

Новиот претседател на Тајван побара од Кина да престане да се заканува

Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те побара од Кина да ги прекине своите воени и политички закани, велејќи во својот инаугуративен говор дека мирот е единствениот начин и оти Пекинг мора да го почитува изборот на тајванскиот народ.

Обраќајќи им се на насобраните луѓе пред канцеларијата на претседателот во центарот на Тајпеј, Лаи рече дека сака да разговара со Кина, која го гледа островот како своја територија и никогаш не ја отфрлила употребата на сила за да го врати под своја контрола, пренесе Хина.

- Исто така, ја повикувам Кина да престане политички и воено да го заплашува Тајван и да преземе глобална одговорност заедно со неа за одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и во регионот, за светот да не мора да се плаши од избувнување на војна, рече тој.

- Ние исто така сакаме да му го соопштиме на светот: Тајван не прави компромиси за демократијата и слободата. Мирот е единствениот пат и нашата цел е долгорочен мир и стабилност, истакна Лаи.

Засега нема реакција од Кина, која го нарече Лаи сепаратист пред изборите во јануари.

Лаи (64), кој ја презеде функцијата од поранешната шефица на државата Цаи Инг-вен, чиј потпретседател беше во изминатите четири години, рече дека луѓето мора да бидат реални и да ги сфаќаат сериозно заканите и оти Тајван мора да покаже дека е решен да се брани.

- Драги сограѓани, мирот е нашиот идеал, но не смееме да имаме илузии. Пред Кина да се откаже од употребата на сила за да го нападне Тајван, граѓаните мора да знаат: Дури и ако ги прифатиме сите барања на Кина и се откажеме од нашиот суверенитет, амбициите на Кина нема да исчезнат, рече тој.

Тајванското Министерство за одбрана во денешниот дневен извештај соопшти дека шест кинески авиони ја преминале линијата во средина во Тајванскиот теснец, која претходно служела како неофицијална граница, но Кина не ја признава. ј

Високиот Суд во Лондон одлучува за екстрадиција на Асанж во САД

Џулијан Асанж денеска ќе се соочи со следната фаза од неговата правна битка околу екстрадицијата во САД пред Високиот суд во Лондон, јави ДПА.

На основачот на Викиликс му се заканува екстрадиција во САД поради наводен заговор за добивање и откривање информации за националната одбрана по објавувањето на стотици илјади протечени документи во врска со војните во Авганистан и Ирак.

За време на дводневното рочиште во февруари, адвокатите на 52-годишникот побараа дозвола за да го оспорат отфрлањето на поголемиот дел од неговиот случај од страна на судиите за да се спречи негова екстрадиција.

Во март, судиите Викторија Шарп и Џастис Џонсон ги отфрлија повеќето правни аргументи на Асанж, но рекоа дека доколку САД не дадат гаранции, тој ќе може да поднесе жалба по три основи.

Гаранциите се однесуваа на тоа дека Асанж ќе биде заштитен и ќе му биде дозволено да се потпре на Првиот амандман – кој ја штити слободата на говорот во САД – дека нема да има „предрасуди при судењето“ поради неговата националност и оти нема да има смртна казна.

Минатиот месец, двајцата судии потврдија дека САД му дале гаранција на судот и го закажаа сослушувањето за денеска кога се очекува адвокатите на САД и Асанж да изнесат аргументи за гаранциите.

Доколку судиите утврдат дека гаранциите се задоволителни, се очекува да биде одбиена можноста на Асанж за конечна жалба во Велика Британија, и ќе биде наредена негова екстрадиција.

Доколку гаранциите не се сметаат за задоволителни, на Асанж ќе му биде дозволено да ја поднесе жалбата до Високиот суд.

Сослушувањето пред Викторија Шарп и Џастис Џонсон ќе почне денеска во 10.30 часот по локално време.

Едно лице загина, две се повредени во сообраќајка на автопатот Куманово-Скопje

Едно лице загина, две се повредени во сообраќајка што се случи вчера на автопатот Куманово-Скопје.

Едно лице го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случи вчера на автопатот Скопје-Куманово во атар на Агино село, а две лица се повредени, соопшти денеска МВР.

- Вчера околу 15:00 часот во СВР Куманово било пријавено дека на автопатот Скопје – Куманово, атар на село Агино село, Кумановско, патничко возило „субару импреза“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од шеесет и четиригодишниот И.А. од Куманово, излетало од коловозот. Од здобиените повреди на местото на несреќата починал сопатникот Б.Н. од Куманово, а лекар од Итна медицинска помош Куманово констатирал смрт, соопшти МВР.

Возачот И.А. и сопатничката Д.Н. се здобиле со телесни повреди констатирани во општа болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било предадено на обдукција. На сообраќајната несреќа интервенирала и противпожарна единица.

притисни ентер