Бразил и Франција градат подморници за да го бранат мирот во Европа и Јужна Америка

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот домаќин, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, во средата го прославија стратешкото партнерство на двете земји со лансирање француско-бразилска подморница.

Францускиот претседател Емануел Макрон и неговиот домаќин, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, во средата го прославија стратешкото партнерство на двете земји со лансирање француско-бразилска подморница во пристаништето Рио де Жанеиро.

На вториот ден од неговата посета на Бразил, Макрон се сретна со Лула во модерното бродоградилиште Итагуаи за лансирањето на третата од серијата од четири подморници со конвенционален погон на француски дизајн.

Двајцата шефови на држави ја истакнаа важноста на ова партнерство.

„Ова ќе им овозможи на нашите две земји, секоја важна на својот континент, да се подготват да се соочат со оваа неволја, без да се грижат за каква било војна, бидејќи ние сме бранители на мирот во секој момент од нашата историја“, рече Лула.

Повикувајќи се - и покрај несогласувањата, особено во однос на Украина - на „истата визија за светот“ на Париз и Бразил, Макрон ги потврди зборовите на Лула: „Големите мирољубиви сили - Бразил и Франција, мора да признаат дека во сè понеорганизираниот свет, понекогаш ние треба да знаеме како да користиме силен јазик за да го заштитите мирот“.

Договорот кој вклучува подморници беше склучен во 2008 година со голема помпа од тогашниот француски претседател Никола Саркози и Лула, кој во тоа време сè уште беше на власт. Покрај продажбата на 50 хеликоптери „Caracal“, договорот вреден 6,7 милијарди евра вклучува и развој на бразилските подморнички капацитети и индустријата неопходна за тоа.

За оваа програма наречена „Просуб“, посветена на заштита на 8.500 километри од брегот на латиноамериканскиот гигант, бразилската морнарица избра да работи со француската поморска одбранбена компанија „Навал груп“.

Покрај тоа, договорот треба да му дозволи на Бразил да ја дизајнира и изгради својата прва подморница за нуклеарен напад, но тој е одложен.

„Фактот што Бразил сака да има пристап до знаење за нуклеарната технологија не е за да војува. Сакаме ова знаење да ги убеди сите земји кои сакаат мир дека Бразил ќе биде на нивна страна“, рече Лула.

Франција, сепак, е многу воздржана за каков било трансфер на технологија во таа област, поради ризикот од ширење на нуклеарното оружје.

За време на посетата, Макрон ќе го отвори Пастеровиот институт во Сао Паоло и ќе го објави францускиот „здравствен пакет“ за Бразил и Латинска Америка, а денеска во главниот град Бразилија ќе разговара со Лула за главните меѓународни прашања.

Макрон и Лула во Амазонската шума најавија и програма за собирање „милијарда евра зелени инвестиции“ за бразилската Амазон и Француска Гвајана.

Иран најави дека ќе го ослободи екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“

 Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахјан изјави дека екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“, кој пловеше под португалско знаме и е поврзан со Израел, ќе биде ослободен, пренесоа иранските медиуми.

Според информациите, Амир Абдолахјан во телефонски разговор со шефот на португалската дипломатија Пол Рангел рекол дека Иран сака да го ослободи екипажот на запленетиот брод бидејќи го смета за хуманитарно прашање.

Абдолахјан изјави дека екипажот ќе им биде предаден на амбасадорите на нивните земји во Техеран, без да прецизира точен датум кога тоа ќе се случи.

Иранската револуционерна гарда го заплени товарниот брод „MSC Aries“ со 25 членови на екипажот во Ормутскиот теснец на 13 април, еден ден откако Техеран објави дека ќе возврати на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој го обвини Израел. .

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот бил запленет бидејќи наводно „ги прекршил поморските закони“ и дека нема сомнеж дека е поврзан со Израел.

MSC го изнајмува Aries од Gortal Shipping, подружница на Zodiac Maritime, која е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер.

Мурал со цитат на Марко Цепенков осамна на прилепскиот Центар за култура

На предната страна од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, осамна мурал во рамките на проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“ на визуелната уметница Ивана Самандова на која ѝ помогнаа уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

Фокусот на муралот е истакнување на величината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство, соопштуваат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ кој е организатор на проектот а е со поддршка на министерството за култура.

Целта на проектот е избегнување на централизираност на културата и уметноста во само еден град, а соработката помеѓу Центарот за култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовременување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Дел од муралот е цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ на Марко Цепенков преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во мигови кога таа умее да биде истанчена, никогаш не може да биде комплетно уништена.

Инаку, ова е втор мурал во организација на Факултет за работи што не се учат – ФРУ. Во март, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност.

Промовирана новата генерација полициски службеници

 Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени. 

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

-Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени, рече Џафери.

Ги охрабри полицајците да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа и професионално да се справуваат со новите предизвици на работата и да бидете подготвени за очекуваните одговори. Посочи дека овој ресор работи исклучиво во служба на граѓаните, и никако поинаку, и за полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности.

-За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи, рече Џафери.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

-Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја, истакна Тошковски.

Порача дека законот мора да се почитува, како и дека секоја добра промена почнува од поединецот, од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно.

- Секако говорам за интергритетот кој што е суштинска спротивност од подмитливоста, или поткупливоста, од лицемерието, од непочитувањето на законите или од селективната правда. Вие како млади луѓе пред кои е иднината имате право, можност, одговорност и секако обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и попросперитетна заедничка иднина, рече министерот Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.

притисни ентер