Буневски: Производството на сопствена храна, вода и енергија е приоритет на секоја земја

Денеска беше промовиран дел од Програмата за земјоделство и производство на храна од Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија.

За мерките пред новинарите зборуваше професорот Ѓоко Буневски, кој рече дека Македонија е традиционално аграрна земја, со учество на земјоделството во бруто-домашниот производ од околу 10 проценти, односно, заедно со преработувачката индустрија 12-15 проценти и е на третото место, после индустрискиот сектор и услугите.

„Во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија имаме преку 40 предлог мерки за подобрување на секторот производство на храна, но тука ќе ги истакнеме само поважните:

- Воведување забрана за пренамена на земјоделско земјиште од прва. до трета категорија за друга намена, освен за производство на храна.

- Приоритетно доделување земјоделско земјиште на локалните фармери, а не на странски инвеститори. Локалните фармери мора да имаат приоритет при доделувањето земјоделско земјиште. - Форсирање на синџирот "од нива до трпеза".

- Субвенционирање по предадени земјоделските култури по загарантирана откупна цена“, рече Буневски.

Тој додаде дека сме сведоци на состојбата каде земјоделските производи се откупуваат од земјоделците и под нивната производна цена, што го прави производството на храна непрофитабилно и неконкурентно. „Токму затоа, рече тој, - сметаме дека е многу важно за развојот на оваа гранка да се обезбеди откуп по загарантирани цени“.

Буневски потенцира дека покрај овие мерки, Движењето ЗНАМ ќе се заложи да се зголемат субвенциите во земјоделството барем на ниво на соседните земји, а буџетот од сегашните 160-180 милиони евра да се реорганизира и да се воведат нови мерки за субвенционирање. Исто така, тој рече дека ќе предложат мерки за да се намали, па дури и запре напуштањето на селото и земјоделството, особено со поголеми стимулирања на млади фармери, на жените фармери, како и поголеми погодности за отворање бизнис во овие средини. Како што рече Буневски, ќе се обрне големо внимание на мерките за подобрувањње на квалитетот на храната, а ќе се подобри и степенот на советодавни услуги за земјодлеците, а особено засовремените технологии и иновации во секторот, професор Буневски потенцира дека многу важен сегмент е брендирањето на традиционалните производи и производи со познато географско потекло и рече дека во момментот 160 производи чекаат и стојат во фиока.

Како мерка која треба да се воведе, е и заштитата на генетските ресурси во растителното и сточарското производство. Исто така за да може да се подобри севкупната ситуација во овој сектор Буневски рече дека ЗНАМ ќе воведе стипендирање на деца од земјоделски земејства на земјоделските школи и факултети.

„Земјоделството бара долгогодишна стратегија, а не брзи политички инстант решенија, која политичка партија доаѓа на власт, како од неа да почнува се. Производство на своја храна, вода и енергија е приоритет на секоја земја. Затоа сметаме дека е неопходно да дадеме максимум за земјоделството, максимум за Македонија“, рече Буневски, се наведува во партиското соопштение.

Изложени ликовни творби од ученици по повод Националниот комеморативен ден на Израел- Јом Хашоa

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

По повод одбележувањето на Националниот комеморативен ден на Израел - Јом Хашоа, кој е посветен на хероизмот во Варшавското гето, денеска во Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје е отворена изложба од ликовни творби на ученици кои учествуваа на наградниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Учесниците низ своја призма создадоа дела поврзани со Холокаустот.

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

Согласно одлуката од жири комисијата, првото место го освои Мартин Николовски, деветто одделение од основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје, чиј ментор е Сузана Михајловска. Второто место го освои Сара Гигова од основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, чиј менторот е Дејан Марков, а третото место го доби цртежот изработен од Илина Талеска, деветто одделение чиј ментор е Марга Масеска.

Како што изјави на отворањето на изложбата Жаклина Мучева, раководител на секторот за едукација на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, повеќето од делата кои се изложени се поврзани со две книги кои што учениците ги читаат - „Ана Франк“ и „Момчето во пругасти пижами“.

Таа испрати апел до сите наставници оваа литература да ја прошират, бидејќи како што посочи, имаме содржини кои што можат да го збогатат знаењето на сите ученици.

-Оваа изложба ја отвораме традиционално и навистина сме горди на проектот бидејќи се она што го добиваме од учениците во основните училишта во нашата земја во овие 13 години, за нас е големо богатство. Децата низ својата призма, низ призмата на историјата и она што го учат на единствениот училишен час кој што го имаат на програмата за Холокауст и она што го учат овде во Меморијалниот центар преку поставката и работилниците кои што ги организираме за нив, навистина можете да видите дека создадоа дела кои што се излезени од детската имагинација, креативност, но и вештина и таленти, посочи Мучева.

Таа информираше дека оваа година добиле 90 трудови од повеќето училишта во нашата земја. Изложени се околу 50 цртежи кои се најдобри, според одлуката на жири комисијата. Сертификати ќе добијат сите учесници, и училиштата и менторите.

Маја Наноу, член на Управниот одбор на Еврејската заедница во обраќањето пред отворање на изложбата посочи дека Јом хашоа е ден на сеќавање на холокауст и хероизам. На овој ден Израел и сите Евреи во светот им оддаваат почит на шест милиони Евреи убиени од нацистичкиот режим на нацистичка Германија и нивните сојузници и соработници.

- На овој ден се сеќаваме и оддаваме почит на милионите животи загубени за време на Холокаустот, мрачно и нечовечко поглавје во историјата. Се сеќаваме на оние кои беа жртви на најгрозоморната нетолеранција, омраза и варваство, како и на актите на храброст и хуманост што произлегоа, од херојските напори на оние кои се спротивставија, до храбрите поединци кои ги ризикуваа своите животи за да ги спасат другите, наоѓајќи светлина во темнина, рече Наноу.

Таа напомена дека и нашата држава рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит на своите 7.144 Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

-Македонија не ги заборави своите 7.144 убиени Евреи и почитувајќи ги највисоките светски стандарди во одбележувањето на холокаустот, изврши денационализација на еврејските имоти без правни наследници и ние заедно го изградивме овој Меморијален центар, рече Наноу.

Самоил Садикарио, член на еврејската заедница изјави дека ќе продолжат да го кажуваат наративот за Холокаустот, со цел да допре во свеста на луѓето.

-Изразувам големо жалење за сите холокаусти, еврејски и нееврејски, кои се случија на овој свет, многу животи отидоа само заради некои луди идеи што постоеја и се уште постојат. Во Македонија е можеби најрадикалниот Холокауст во однос на проценти. Поточно, 99 проценти од Евреите се депортирани во логорот Треблинка, но секако и во другите земји бројките се огромни, рече Садикарио.

Пред отворањето на изложбата, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија Соломон Садикорио ги запали шесте меморијални свеќи. /МИА

Малолетник прегазен во Велес, пренесен во скопските Клиники

 Во СВР Велес синоќа во 21:55 часот било пријавено дека на главната  улица „Благој Ѓорев“ во Велес, патничко возило „цитроен“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 35-годишната велешанка М.Р.  удрило во малолетен пешак. 

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, информира денеска портпаролот на СВР Велес, Билјана Ѓаковска.

Таа додава дека по овластување на јавен обвинител извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.

Како што информира за МИА портпаролот на ЈЗУ Општа болница Велес, Марина Андова, малолетникот бил прегледан на Одделот за Радиодијагностика по што било утврдена скршеница на левата потколеница, и по дадената лекарска помош поради тежината на повредата малолетникот бил препратен на Клиниките во Скопје на понатамошно лекување.

Бензините поевтинуваат за денар ипол, а дизелот за еден денар по литар

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари за литар, а цената на дизелот се намалува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 86 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 88, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 74 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,829 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,832 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,438 отсто, кај дизелот за 2,100, кај екстра лесното масло за 2,605 и кај мазутот за 1,907 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,407 отсто.

притисни ентер