Дедо од 110 години, не знае за болки во грбот и дели совети за долговечност!

Винсент Дренсфилд доживеал длабока старост и никогаш немал поголеми здравствени проблеми, тој секој ден вози автомобил.

Вообичаено е некој што доживеал длабока старост да лежи дома или евентуално да прошета до блискиот парк под будното око на најблиските. Меѓутоа, дали сте виделе некој самостојно да вози автомобил на 110 години? Винсент Дренсфилд е роден во 1914 година и со 110 години е осмиот најстар човек на светот. Овој старец неодамна откри како сè уште „успева да направи сè сам“, како и тоа дека живее сам во својот дом во Њу Џерси во последните 79 години.

Според „Тудеј“, овој стогодишен старец речиси цел живот немал поголеми здравствени проблеми, срцеви проблеми или рак, и дека само два пати бил под анестезија. Неговата внука Ерика Лист открива дека нејзиниот дедо нема ни болки во грбот ниту обична главоболка.

Зад сето тоа, како што открива тој, стои активниот социјален живот, многу движење и урамнотежена исхрана. Покрај тоа, тој сподели кои навики му помогнале да доживее длабока старост.

Секој ден пие млеко

Дренсфилд изјавил дека темелите за долг живот ги поставил уште во детството, за време на Големата депресија, кога како 15-годишно момче работел на фарма за крави, доставувајќи млеко.

Тоа што секојдневно пиел млеко смета дека е добар почеток за зачувување на коските. Според него, кравјото млеко е богато со протеини и помага во одржување на мускулната маса на постара возраст, наведува businessinsider.com. Овој стогодишник и ден-денес ужива да пие млеко, а на прославата на својот стоти роденден, овој напиток им го понудил на гостите.

Јаде што сака, дури и слатки

Овој старец има урамнотежена исхрана и претпочита медитеранска исхрана која е богата со посни протеини. Неговите прехранбени навики се флексибилни, па како и секој од нас, знае да изеде и хамбургер, чоколада и слатки. Покрај тоа, тој јаде храна и од микробранова печка, како и онаа од локалните ресторани.

Внуката на Винсент открива дека тој никогаш немал проблем со килограмите и секогаш јадел што сака бидејќи бил во одлична форма.

Секогаш учи нешто ново

Долговечноста е поврзана со уживањето да се учат нови работи. Несомнено, пензионирањето со себе носи побрзо опаѓање. Дренсфилд отсекогаш сакал да работи, дури и на 60 години. Тој се пензионирал во доцните 70-ти по барање на неговата сопруга.

Активен е дури и кога не работи

Виталниот старец е активен сите овие децении иако никогаш не вежбал во сала. Домашните работи ги извршува сам, редовно оди на долги прошетки и прави лесни вежби. Волонтерската работа со неговиот противпожарен оддел, која ја започнал на 21-годишна возраст, го одржувала во движење сите овие години.

Го одржува својот социјален живот

Иако на многумина им звучи чудно, експертите истакнуваат дека една од универзалните тајни на долговечноста е активниот социјален живот и добрите односи со луѓето. Иако сопругата на Дренсфилд починала во 1992 година, тој сè уште одржува контакти со семејството: единственото дете, трите внуци и седумте правнуци.

Тој истакнува дека внуците го посетуваат неделно и секојдневно му се јавуваат да видат како е. Винсент одржува добри односи и со пријателите од пожарникарското здружение кои му биле утеха по смртта на неговата сопруга. Овој старец своето добро здравје го припишува на блиските релации.

– Познавањето на луѓето и љубовта кон нив прави да живеам подолго – истакнува тој, а пренесува bussinesinsider.com.

Вооружени напаѓачи пукале во фудбалери ан Марсеј- сакале да им ги украдат автомобилите

Фудбалерите на Марсеј, Бамо Меите (22), Фарис Мумбањ (23) и Жан Онана (24) биле жртви на обид за вооружен грабеж при враќањето дома по победата во лигата против Ле Авр (2:1).

Маскирани и вооружени напаѓачи ги пресретнале на излезот од тренинг центарот на клубот и се обиделе да им ги земат автомобилите.

Триото од Марсеј се обидело да побегне со своите автомобили, а потоа напаѓачите почнале да пукаат кон нив. За среќа никој не е повреден, повеќето куршуми ги промашиле не само играчите туку и болидите. Полицијата при вештачењето пронашла две дупки на возачката врата на едното возило и една дупка во багажникот на другото.

Обвинителството во Марсеј нареди истрага, а по непознатите напаѓачи се уште се трага. Да потсетиме, фудбалерите на Марсеј непосредно пред нападот завршија многу слаба сезона за својот клуб. Нивната позиција во шампионатот не обезбеди настап во Европа следната сезона, заостануваа само еден бод зад Ленс, кој ќе игра квалификации за Конференциската лига.

„Гугл“ ќе вложи една милијарда евра во проширување на центарот за податоци во Финска

„Алфабет“, матичната компанија на американската технолошка корпорација „Гугл“, денеска најави дека ќе вложи една милијарда евра во проширувањето на главниот центар за податоци во Финска.

Главната причина за проширувањето е лесниот пристап до зелената енергија на локацијата Хамина, јужна Финска. Претходно „Гугл“ се обврза дека до крајот на деценијата сите канцеларии и центри за податоци ќе се напојуваат од обновливи извори на енергија.

„Гугл“ исто така планира да работи со локална комунална компанија и вишокот топлина од центарот за податоци да го пренасочи во системот за загревање на домаќинствата во Финска.

Израелските лидери ја осудија одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Израелските лидери ја осудија одлуката на Меѓународниот кривичен суд (МКС) да бара налог за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант.

Израелскиот министер за финансии Безалел Смотич рече дека сите Израелци треба да се чувствуваат како да е распишана потерница против нив и ги повика пријателските земји да преземат акција за распуштање на МКС.

Одлуката на МКС ја нарече „приказ на лицемерие и омраза кон Евреите“ што, како што тврди, наликува на нацистичка пропаганда.

Лидерот на опозицијата Жаир Лапид изјавата на МКС ја окарактеризира како „катастрофа“ и рече дека се надева оти Конгресот на САД ќе интервенира во ова прашање.

Министерот Бени Ганц ја осуди одлуката на МКС, нарекувајќи ја „злосторство од историски размери“, пренесува Ројтерс.

„Споредувањето на решеноста на лидерите на една демократска држава да се бранат од теророт на крволочната терористичка организација (Хамас) е длабоко кршење на правдата и очигледен морален банкрот“, рече Ганц.

Претходно денеска МКС побара потерница за Бенјамин Нетанјаху и Јоав Галант за наводни воени злосторства, како и за апсење на лидерот на Хамас.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, рече дека Нетанјаху и Галант се обвинети за „поттикнување истребување, поттикнување гладување како метод на војна, вклучително и негирање на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.

Лидерите на Хамас, Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије се обвинети за истребување, убиства, земање заложници, силување и сексуален напад.

притисни ентер