Експерти од САД и ЕУ по изборите во Македонија: Власта значи одговорност

Власта значи одговорност и почитување на меѓународните договори.

Изборната победа и преземањето на власта е голема одговорност, обвсрка да се реализира ветеното, да се продолжи патото кон ЕУ и да се почитуваат склучените договори, оценуваат меѓународни аналитичари и експерти за Гласот на Америка, коментирајќи ја изборната победа на Гордана Сиљановска Давкова на претседателските и на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Македонија.

- Изборната победа е чест, за претстојната претседателка Гордана Силјановска и за господинот (Христијан) Мицкоски и неговиот тим кој извојува победа на парламентарните избори. Но, тука доаѓа и голема одговорност. А тоа е да ги реализира своите ветувања, а тоа значи приоретизирање на владеењето на правото, справување со корупцијата, подобрување на економијата и продолжување на патот кон ЕУ“, вели Филип Рикер, поранешен американски амбасадор во Скопје, и поранешен помошник - државен секретар на САД.

Тој смета дека проширувањето на ЕУ нема алтернатива и тоа е иднината за Македонија.

- Забележувам вистински моментум за проширувањето, таков тон доаѓа во Брисел, и од другите главни градови кои се важни за проширувањето, сега е време да се придвижи земјата напред, коментира Рикер.

Едвард П. Џозеф, балкански аналитичар на Факултетот за меѓународни студии при Универзитетот Џон Хопкинс смета дека новата влада во Скопје треба да покаже лидерство, со оглед на огромната поддршка што ја доби на изборите.

- Треба да се надеваме дека Мицкоски разбира дека има одговорност кога ќе ја води владата, а не да биде опозиционер или да биде во политичка кампања. Односите со Грција се фундаментални, Договорот од Преспа е важечки, обврзувачки за двете страни, иако не е многу популарен. Тој ѝ помогна на земјата, го зачува нејзиниот идентитет и се надевам дека Мицкоски го разбира тоа, вели Џозеф.

Предизвиците кои претстојат во односите со Бугарија околу уставните измени, тој очекува дека ќе бидат клучни за издржливоста и еластичноста на новата коалициона власт во Македонија.

- Ќе има албански партнер во Владата како дел од коалицијата. Веројатно тоа ќе бидат досегашната опозиција Влен. Тие ќе имаат предизвик, затоа што Влен се обврза да гласа за уставни измени. Што ќе се случи ако по шест месеци од владеењето на Владата на ВМРО – ДПМНЕ не се гласа за тие измени? Што ќе се случи во Македонија? Ова е отворено прашање, изјави Џозеф.

Пол Мекарти, директор за Европа при Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) ги коментираше идните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, со оглед дека доаѓа нова политичка гарнитура во Скопје.

- Ќе бидат потребни студени глави за да се придвижат двете земјите напред, но и многу дипломатија од Брисел и од Вашингтон, за да го олесни процесот дека крајната цел мора да биде Македонија да стане членка во ЕУ, смета Мекарти.

Ерван Фуере, поранешен амбасадор на ЕУ во Скопје не смета дека сега се отвара можност за поголемо влијание од Москва, со оглед дека на власт доаѓа десно-ориентирана партија.

- Јасно е дека Русија ќе ја искористи секоја можност за дезинформации и тактики кои ги користат за ширење на лажни информации насекаде на Балканот. Не верувам дека тоа ќе наиде на плодна почва во Македонија. Една предност за новата влада во Скопје е што по европските избори ќе има нови десничарски влади ширум Европа. Затоа што ВМРО е десно-ориентирана партија, може ќе најдат поголема поддршка за нивните аргументи против бугарските барања на патот кон ЕУ“, вели поранешниот прв дипломат на ЕУ во Скопје.

Мекарти од ИРИ смета дека „сите земји во регионот се соочуваат со странско мешање од авторитарни земји, како од Русија и од Кина, но за разлика од другите земји во регионот, Македонија нема такво влијание“.

Надја Музикина, заменичка - директорка за Централна и Источна Европа при Националниот демократски институт (НДИ) ја потенцира неопходноста од почитување на меѓународните договори, независно кој е власт.

- Не веруваме дека има закани по Преспанскиот договор сега кога Македонија има нова влада, и очекуваме дека ВМРО-ДПМНЕ и новата претседателка ќе останат на патот кон ЕУ, изјави претставничката од НДИ.

Според неа, регионот минува низ турбуленции и затоа е неопходен поголем фокус на меѓународната заедница кон Балканот.

Запрашана, дали е загрижена дека Македонија и регионот се соочуваат со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ, но и пораст на про-руски влијание, таа вели дека „етничките тензии секогаш претставуваат загриженост, не само во Македонија, туку и во регионот како целина“.

- Има забавување на дијалогот меѓу Косово и Србија, има тензии во Босна и Херцеговина, уназадување на реформите во Црна Гора. Важно е Македонија да остане на про-европскиот курс, но секогаш треба да се има предвид и да се внимава од руското влијание во земјата, предупредува Музикина.

Аналитичарите сметаат дека пренасочување од лево кон десно по изборите во Македонија е поттикнато од гневот на гласачите поради бавниот економски развој и постојаната корупција која го разјадува системот, што, според нив, влијае за забавување кон пристапувањето во ЕУ.

Избран е најдобриот фудбалер во Бундеслигата

Флоријан Вирц (21) од шампионот Баер Леверкузен е избран за играч на сезоната во Бундеслигата, откако играчот од средниот ред му помогна на својот клуб да ја освои титулата, објави Германскиот фудбалски сојуз.

За наградата одлучуваат гласовите на навивачите (40 проценти), клубовите (30 проценти) и експертите (30 проценти).

Леверкузен е првиот тим што ја заврши сезоната во Бундеслигата без пораз и се уште е непоразен во сите натпреварувања оваа сезона, односно на 51 натпревар. Виртц, кој игра на позицијата офанзивен играч за врска, имаше 11 гола и 12 асистенции во Бундеслигата или 18 гола и 20 асистенции на 47 натпревари во сите натпреварувања.

Меѓу другото, тој дојде од клупата за да постигне хет-трик во победата од 5-0 над Вердер Бремен во април, со што Баер ја освои титулата во Бундеслигата на пет кола до крајот. Тимот од Леверкузен на чело со тренерот Чаби Алонсо сезонава може да ја освои тројната круна бидејќи ги очекува финалето во Лига Европа против Аталанта и финалето од Купот на Германија против Кајзерслаутерн.

Настапите му донесоа на 21-годишниот Вирц три награди за играч на месецот оваа сезона. Тој исто така беше именуван во прелиминарниот тим на Германија за Евро 2024, постигнувајќи го единствениот гол во победата на Германија со 1-0 над Франција на пријателскиот натпревар во март.

Според Трансфермаркт, сајт специјализиран за проценка на вредноста на фудбалерите, Виртц вреди 110 милиони евра. Како што се наближува трансфер рокот, светските медиуми пишуваат како најголемите европски клубови сакаат да го доведат. Тој има договор со Баер до летото 2027 година.

Избори во Индија: Комисијата патувала 7 часа за да може да гласа семејство, помогнала војската

Пет луѓе од исто семејство во зафрлено хималајско село денеска гласаа на изборите во Индија на сопствено избирачко место, откако официјалните лица патувале седум часа за да им дозволат да го дадат својот глас, позајмувајќи ја струјата од војската.

Вчера, официјалните лица ја подигнале опремата за гласање во Лех, главниот град на хималајската федерална територија Ладах, и се качија во автобус за 180-километарското патување до Варша, каде единствените гласачи беа 23-годишната Ринчен и нејзините родители и баба и дедо. .

Лоциран на околу 20 километри од глечерот Сијачен, бојното поле на највисока височина во светот каде Пакистан и Индија се судираат со децении, Варши е достапен по пат, но нема струја, нема интернет и нема амбуланта.

Кога генераторот што го носеле се расипал, службениците се обратиле до индиската армија за помош.

„Оваа област е единствена. Владата отвори избирачко место само за една куќа“, рече претставникот на изборната комисија Фончок Стобдан.

Ринхен, која сега првпат гласа, се надева дека нејзиниот глас ќе помогне и да се реши проблемот со недостигот на инфраструктура.

Индија гласа во седум фази на изборите кои започнаа на 19 април, а треба да завршат на 1 јуни.

Денеска штотуку започна петтата фаза од гласањето.

Во Тексас се собрале 706 мажи со име Кајл, но недоволно - рекордот останува во Босна (ВИДЕО)

Уште еден обид на градот Кајл во Тексас да го собори светскиот рекорд за најголем собир на луѓе со исто име не успеа и покрај тоа што 706 мажи по име Кајл од сите возрасти се појавија во парк во предградието на Остин.

Рекордот го држи градот Купрес во Босна, кој собра 2.325 Ивани во 2017 година, според Гинисовата книга на рекорди, пренесе АП.

Ова не е прв пат мажите по име Кајл да се обидат да го победат Иван.

Минатата година, во градот кој се наоѓа на околу 90 километри јужно од Остин, главниот град на американската сојузна држава Тексас, се собраа 1.490 мажи по име Кајл.

Кајл не е едно од најпопуларните имиња во САД, според Администрацијата за социјално осигурување, која годишно ги следи имињата што им се даваат на девојчињата и момчињата во секоја американска држава.

Најновите податоци покажуваат дека Кајл бил рангиран на 416-то место меѓу машките имиња во 2023 година, додека Иван, за споредба, бил рангиран на 153-то место.

притисни ентер